Свети Ксавериј (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Свети Ксавериј“ (чешки: Svatý Xaverius) — роман на чешкиот писател Јакуб Арбес од 1873 година.

За романот[уреди | уреди извор]

Книгата е посветена на грофот Вацлав од Кауниц,[1] а пред почетокот на романот, авторот ставил два цитата. Едниот цитат е од неименуван германски филозоф и тој гласи: „Како што товарот на оној што го носи му е сè потежок колку што го носи подолго, така ќе се зголемуваат и страдањата на човештвото и свеста за човечката беда, додека конечно човештвото не ја сфати во болна тага целосната ништожност на својот труд.“ Вториот цитат е дел од обраќањето на Бакунин кон руската младина од 1896 година, во кое се вели: „Веќе не се грижете за науката во чие име сакаат да ве оковаат! Плодовите од оваа наука мораат да умрат со светот што ја застапува и ѝ служи, и на нејзино место ќе никне нова, разумна и жива наука...“[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Раскажувачот во романот е млад човек, кој по завршувањето на факултетот, не можејќи да најде соодветна работа, се вработува како новинар, незадоволен од фактот дека не ја остварил целта на животот. Еднаш, него го посетува еден пријател, познат сликар во Виена и тие ги обиколуваат црквите, изучувајќи ги делата на чешките сликари. Неколку години подоцна, тој влегува во црквата Св. Никола во Прага, каде се наоѓа сликата „Св. Ксавериј на умирање“, дело на познатиот чешки сликар Франтишек Балко. Таму запознава млад човек, кој ја проучува сликата. Тој се вика Ксавериј и не само што го носи името на светецот од сликата, туку неверојатно личи на него. Ксавериј му раскажува дека непосредно пред да умре, сликарот Балко ѝ оставил писмо на неговата баба, во кое кажува дека сликата крие тајна, т.е. со нејзиното внимателно проучување може да се открие богатство. Ксавериј долго време ја барал тајната и најпосле, на многу места во сликата открил точки врз основа на кои направил карта. Тој му го соопштува откритието на својот пријател и тие одат во околината на Прага, каде почнуваат да копаат на точно одредено место. Таму наоѓаат само невредни минерали, но нема трага од претпоставеното богатство. Додека копаат, во состојба на душевно растројство, Ксавериј бега од местото, а потоа му се губи трагата.
Оттогаш, поминуваат повеќе години и раскажувачот (пријателот на Ксавериј) е осуден поради политичка активност. Чекајќи амнестија, во затворот во Виена неочекувано го среќава Ксавериј, кој е затворен поради кражба на благородни камења од црквата Св. Никола во Прага. Ксавериј е многу болен и утредента умира во затворот. По неколку години, раскажувачот ја посетува црквата Св. Никола и фрла нож кон сликата на Балко, која нему и на неговиот пријател му предизвикала многу проблеми, но ножот се закачува покрај сликата.[3]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 2016 година, романот бил објавен на македонски јазик, во издание на „Бегемот“, во рамки на едицијата „Ars magna“, а во тираж од 500 примероци. Преводот од чешки јазик го направил Драган Георгиевски; ликовното уредување на книгата е дело на Бојан Димитриевиќ; а лектурата ја направила Ирена Ралева. Книгата била преведена со финансиска помош на Министерството за култура на Чешката Република, а била испечатена во „Печатницата Наумовски“ од Скопје. Книгата, со димензии од 18 сантиметри и со обем од 116 страници, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-42-0.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јакуб Арбес, Свети Ксавериј. Скопје: Бегемот, 2016, стр. 5.
  2. Јакуб Арбес, Свети Ксавериј. Скопје: Бегемот, 2016, стр. 7.
  3. 3,0 3,1 Јакуб Арбес, Свети Ксавериј. Скопје: Бегемот, 2016.