Свети Кир и Јован

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Кир и Јован
чудотворци, светци
Починал(а) 304 или 311[1][2][3]
Почитуван(а) во *Православие
Слава 31 јануари

Светите Кир и Јован се христијански светци.

Според христијанското верување се чудотворци. Овие светители не биле браќа по крв, туку биле браќа по дух. Кир најнапред живеел во Александрија и како лекар ги лекувал луѓето. дознавајќи дека болестите најмногу ги напаѓаат луѓето заради гревовите, тој секогаш ги упатувал болните со покајание и со моитва да ја очистат својата душа од гревовите, та преку тоа да би го повратиле и здравјето на телото. Кога настанало Диоклецијановото гонење на христијаните, Кир се оддалечил во Арабија каде што примил монашки чин. Но како што бил познат во Александрија, така се прочул и во Арабија, та луѓето и овде прибегнувале кон него за помош. Кога слушнал за Кир, Јован, тогашен римски офицер во Едеса, дошол во Арабија да го види Кир. Кога се виделе, тие двајцата се засакале еден со друг како браќа и останале заедно да се подвизуваат.

Во тоа време мачителите измачувале некоја христијанка Атанасија, со нејзините три ќерки во градот Каноп. Слушнале за ова Кир и Јован и дошле во Каноп да ги храбрат мајката и ќерките за да не отпаднат од верата. Атанасија ги претрпела сите мачења и со ќерките била погубена. Ќерките на Атанасија се викале: св. Теоктиста од 15 години, Теодотија од 13 години и Евдокија од 11 години. Тогаш мачителите ги фатиле Кир и Јован и, по мачењата и затворот, ги исекле во 311 година. Овие свети маченици направиле безбројни чуда и за животот и по смртта. Нивните мошти во времето на царот Аркадиј биле пренесени во Рим[4].

Православната црква неговиот ден го чествува на 31 јануари.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „The Prologue from Ohrid: January 31“. Orthodoxy in China. Посетено на 2010-01-09.
  2. „Orthodox Holiness :: Around the Church Year With St John“. Orthodox England. Посетено на 2010-01-09.
  3. William Taylor Hosteter,Jr. „St. Cyrus“. Institut za onkologiju Vojvodine. Архивирано од изворникот на 2010-04-25. Посетено на 2010-01-09.
  4. „Охридски пролог“ стр. 43