Свети Ѓорѓи убива ламја (Св. Ѓорѓи, Струга)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Ѓорѓи убива Ламја
Свети Ѓорѓи убива Ламја
Година 15 век (15 век)
Место Струга

Свети Ѓорѓи убива Ламја е икона која се наоѓа во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга. Таа е е впечатлива и добро зачувана икона со чест иконографски мотив. Несразмерно поставен врз белиот коњ, опремен со копје и кружен штит, драконо убиецот Свети Георгиј е доминантен во чинот на триумфирањето над злото во змејовско тело. Врз темнозелената туника и кожниот панцир со тесни метални стегачи, воинот има цинобер хламида украсена со бисер, врзана на рамото во малечок јазол, а на нозете темноокер чорапи и обувки. Долгнавестото свето лице врамено со темнозелен ореол, има правилни црти и строг израз заради близу поставените крупни, бадемасти очи со светло костенлив ирис и црна зеница. Инкарнатот е окер, со рамномерно нанесени широки, костенливо-маслинести сенки, изразено руменило, ретки бели цртички околу очите, носот, челото и брадата. Во костенливата, напред погусто накадрена куса коса, ма ченичкиот венец е од три нишки бисери. Двобојната заднина е окер во горниот и темнозелена во долниот дел од иконата. Словенските натписи се пишувани со цинобер. Молитвениот во три реда се наоѓа под десната рака на св. Ѓорѓи.

Овдешните цртачки и колористички одлики се блиски со охридската икона на Воведението и царските двери од Св. Константин и Елена, кои датираат кон кра јот на 14 и почетокот на 15 век[1][2][3]. Сепак, поверојатно е дека анонимниот автор на струшкиот Св. Ѓорѓи е репрезент на иконописот од околу средината и третата четвртина на 15 век, кога се сликани и група икони од различни мајстори во Бер, Егејска Македонија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓуриќ, Иконе из Југославије, 28-29;
  2. Суботиќ,Црква Свети Константин и Јелена,48-49, сл. 47-52;
  3. Грозданов,Охридското ѕидно сликарство, 167