Светилник Савудрија
| Место | Савудрија, Хрватска |
|---|---|
| Координати | 45°29′24″N 13°29′27″E / 45.489966°N 13.49095°E |
| Прва изградба | 1818 |
| Облик на кулата | Цилиндрична камена кула со фенер и двојна галерија |
| Висина | 29 метри |
| Фокална висина | 36 метри |
| Опсег | 30 наутички милји (56 километри) |
| Особености | FI(3) W 15s |
Светилник Савудрија — најстариот светилник во Хрватска, сместен во близина на истоименото село, на северниот крај на Истарскиот полуостров, близу до словенечката граница, која е на јужниот крај на Трстскиот Залив. Познат е и како светилник на ’ртот Савудрија, ’ртот или точката на италијански се нарекува Пунта Салворе, а пред Втората светска војна светилникот бил општо познат како Светилник Пунта Салворе.
Изграден во 1818 година, тој е најстариот оперативен светилник на Јадранското Море. Иако се смета дека италијанскиот светилник во Барлета, познат како Фарскиот Наполеон, е изграден порано, во 1807 година, тој подоцна бил деактивиран и заменет со светилник на бранобран во 1959 година.
Првично бил осветлен со јагленов гас, првиот светилник дизајниран и управуван на овој начин. Иако широко објавен како успех, поради тековните проблеми брзо бил заменет со систем на нафта.
Историја
[уреди | уреди извор]
Дизајниран од архитектот Пјетро Нобиле, изградбата започнала во март 1817 година и била финансиран со емисија на акции преку Трговската комора на Трст, која активно ја промовирала потребата од светилник за да помогне во навигацијата до пристаништето во Трст. Светилникот бил спонзориран и од Франц I од Австрија, кој бил присутен кога светилникот бил запален за прв пат во април 1818 година.
За изградба на кулата од 19 метри, која држела двојна галерија и сив фенер, бил употребен локален камен. Зградите, вклучувајќи ја куќата на главниот чувар на два ката, како и други еднокатни згради, биле подоцнежна доградба, завршена во 1821 година. Висината на кулата подоцна била зголемена за 10 метри, достигнувајќи ја нејзината сегашна висина од 29 метри кон крајот на 19 век.
Во 2007 година, светилникот во Савудрија бил прикажан на сет комеморативни марки од хрватската поштенска служба „Хрватска пошта“.
Работа
[уреди | уреди извор]Светилникот е под управување на државната компанија „Пловпут“. Од 2000 година, неговите простории се нудат за изнајмување како сместувачки капацитети за одмор. Иако функционира автоматизирано, светилникот и понатаму има персонал, а чуварите се грижат за безбедноста и редовното одржување на објектот. Од 2021 година, функцијата чувар ја извршува Марио Милин Унгар, продолжувајќи ја семејната традиција што во семејството Унгар трае веќе пет генерации.
На надморска височина од 36 метри над морето, светлото има дострел од 30 наутички милји и се состои од три трепкања на бела светлина на секои петнаесет секунди.
Легенда
[уреди | уреди извор]Постои романтична приказна поврзана со светилникот, во која се вели дека грофот Метерних го изградил за убава и привлечна хрватска дама од благородничко потекло, која ја запознал и се заљубил во неа на прв поглед за време на еден бал во Виена. Австрискиот гроф и неговата љубовница не биле предодредени да живеат таму, бидејќи таа се разболела, а потоа починала истиот ден кога светилникот бил завршен, а тој никогаш повеќе не стапнал во светилникот.
Наводи
[уреди | уреди извор]Дополнително читање
[уреди | уреди извор]- Manin, Marino (2020). „Svjetionik Savudrija i njegovo mjesto u povijesti pomorstva“ [The Savudrija Lighthouse and its Place in the History of Seafaring] (PDF). Časopis za suvremenu povijest (хрватски). Croatian Institute of History. 52 (2): 461–481. doi:10.22586/csp.v52i2.10539. Посетено на 8 September 2020.
- KAP Jasa (2024). "Cursibus Navigantium Nocturnis Dirigendis: The Lighthouse of Savudrija / Salvore", an in-depth story of the history of the Savudrija lighthouse, illustrated with kite aerial photos.