Прејди на содржината

Света Петка Римска

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Света Петка Римјанка)
Света Петка Римска
Погубување на Света Петка
Маченик
Роден(а) Рим
Починал(а) ~140
Почитуван(а) во православие
Слава 8 август
Заштитништво исцелител на слепите лица[1][2]
Оваа статија се однесува на светицата Света Петка Римска. За други значења видете Света Петка.

Света Петка Римска во православието е признаена како христијански маченик, која живеела во текот на 2 век.[1]

Детство и младост

[уреди | уреди извор]

Таа е родена во Рим, во времето на владеењето на императорот Адријан, од христијански родители - татко Агатон и мајка Политеја. Нејзините родители долго време немале деца и постојано му се молеле на Бога да им подари барем едно дете. Нејзиното име произлегува од тоа што таа е родена на денот петок. Бидејќи по потекло била од грчко христијанско семејство, таа го добила името Параскеви, односно "петок" на грчки, што е вообичаено грчко женско име. Оттука, св. Петка е позната и под името: Света преподобна маченичка Параскева Римјанка. Бидејќи, таа е родена во петок, денот кога верниците се подготвувале за празнување на саботата (Пасха), името Параскева означува и "подготовка."[3]

Родителите на Параскева биле во добра материјална состојба, што овозможило таа да се здобие со добро образование. Уште од млади години, таа била воспитувана во духот на христијанството, така што кога научила да чита, Библијата била нејзиното омилено четиво. Исто така, како задолжителен дел од образованието на децата од добростоечките семејства во тоа време, таа ја изучувала темелно и филозофијата. Привлечени од нејзината извонредна убавина и интелигенција, многу синови на угледните семејства ѝ нуделе брак, но таа ги одбила сите.

Проповедање на христијанството

[уреди | уреди извор]

Родителите на Параскева починале кога таа имала 20 години. Исполнета со христијанските идеали и христијанскиот дух, и како единствено дете и наследник на семејниот имот, таа продала сè што поседувале нејзините родители, заработените пари им ги поделила меѓу сиромасите и се замонашила, проповедајќи го христијанството.

Незаштитена и во многу опасни времиња, кога христијаните биле прогонувани, ѕверски мачени и погубени во Римското Царство, Параскева остатокот на својот живот го поминала подучувајќи ги луѓето на христијанската вера и успеала да преобрати многу луѓе во новата религија. Поради својата елоквентност, моќ на убедување и убавина, таа привлекла многу внимание и во неколку наврати била изнесена на суд пред властите, а еднаш, наклеветена од некои Евреи, таа била изведена пред императорот Антонин Пиј (138 - 161). Тој се воодушевил од нејзината необична мудрост и убавина и ѝ рекол да им принесе жртва на боговите за да добие бројни дарови и богатства, а ако не прифати, ќе биде подложена на мачење. Но, Параскева му одговорила на царот: "Јас никогаш нема да се откажам од Христос, мојот Бог!".[3]

Тогаш, царот се разгневил и наредил на главата да ѝ стават вжештен железен шлем, но таа останала неповредена. Потоа, царот наредил еден голем казан да се наполни со врело масло и смола и тој ја фрлил Параскева во казанот. И покрај тоа, таа стоела среде казанот, неповрдена. Зачуден од глетката, царот ѝ рекол: "Параскево, попрскај ме со маслото и смолата за да видам дали навистина жежат." Параскева зела во раката масло и смола и го попрскала в лице, а царот веднаш ослепел. Тогаш, тој започнал гласно да ја моли и да бара помош со зборовите: "Смилувај се на мене, слугинко на вистинскиот Бог, па и јас ќе поверувам во Господ кого ти го проповедаш." Параскева му се помолила на Бога и царот веднаш прогледал. Од тој момент, царот и неговите телохранители поверувале во Христос и се преобратиле во христијани.[3]

Измачувања и смрт

[уреди | уреди извор]

Св. Петка го напуштила Рим на триесетгодишна возраст и проповедала во неколку градови. Во време кога суеверниот народ ги обвинувал христијаните за разноразни несреќи, вклучувајќи и природни непогоди, Параскева била честопати прогонувана, затворана и мачена, но останала непоколеблива и верна на својата мисија. Проповедајќи го христијанството, таа стигнала во еден град, управуван од кнезот Асклипиј пред кого изјавила дека Христос е Бог на небото и на земјата. Разгневен, Асклипиј ја испратил во една пештера, надвор од градот, во која живеела некоја страшна змија, но од присуството на Параскева, змијата се распукала на два дела и умрела. Така, кнезот и неговите придружници се преобратиле во христијани.[3]

Подоцна, св. Петка пристигнала во друг град во кој владеел страшниот кнез Тарасиј, пред кого, исто така, изјавила дека Христос е вистинскиот Бог. Поради тоа, кнезот ја фрлил во котел полн со врело масло, смола и олово, но Господ испратил ангел од небото, кој го оладил котелот. Така, св. Петка останала неповредена. Тарасиј ја ставил на други тешки маки, но таа не се откажала од верата во Христос, така на Параскева ѝ била отсечена главата со меч околу 140 година. По смртта, нејзината душа како гулабица одлетала на небото.[3]

Значење и слава

[уреди | уреди извор]

По нејзината смрт биле забележани бројни чуда, кои се случувале како резултат на најзината интервенција и православните верници продолжуваат да сведочат за најзините чуда до денес. За нејзините свети мошти сведочел аџијата Антониј, кој ги видел и им се поклонил во 1200 година во Цариград, каде што и ден-денес постои црква посветена на неа. Светицата е особено популарна во Грција, каде во главниот град Атина едно предградие го носи нејзиното име, а во Солун се наоѓа црква со света изворска вода, посветена на св. Петка. Исто така, нејзиното име се слави и во останатите земји на Балканот. Во Македонија, честички од моштите на св. Петка се изложени во манастирот Свети Јован Бигорски.[3]

Празникот Св. Петка се празнува на 26 јули по стариот календар, т.е на 8 август по нов стил.

  1. 1,0 1,1 „St. Paraskevi of Rome“. Orthodox Christian Faith. 2010. Посетено на March 31, 2010.
  2. „Света Петка Римска“. Patron Saints Index. 2010. Архивирано од изворникот на 2010-05-03. Посетено на March 31, 2010.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 СВЕТА ПЕТКА С. Сарчиево, Штип, јули 2012.