Свадбата на Фигаро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свадбата на Фигаро
Опера од В. А. Моцарт
Слика од 19-ти век која ги прикажува Грофот Алмавива и Сузана во третиот чин
ИзворноLe nozze di Figaro
ЛибретоЛоренцо Да Понте
ЈазикИталијански
СпоредДрамата Свадбата на Фигаро од Пјер Бомарше
Премиерна изведба
Датум1 мај 1786 (1786-05-01)
МестоБург Театар, Виена

Свадбата на Фигаро ( италијански: Le nozze di Figaro) е опера буфа (комична опера) во четири чина компонирана во 1786 година од Волфганг Амадеус Моцарт. Италијанското либрето е напишано од Лоренцо Да Понте. Премиерно е изведена во Бург театарот во Виена на 1 мај 1786 година. Либретото на операта се заснова на драмска комедија напишана во 1784 година од Пјер Бомарше - „Лудиот ден, или Свадбата на Фигаро“ (фран: La folle journalée, ou le Mariage de Figaro). Се раскажува како слугите Фигаро и Сузана успеваат да се венчаат, спречувајќи ги напорите на нивниот работодавец грофот Алмавива да ја заведе Сузана, а на Фигаро да му одржи лекција за верност.

Се смета за една од највеличенствените опери во светски рамки,[1] и постојано се наоѓа меѓу првите десет на Operabase листата за најчесто изведуваат опери.[2]

Компонирање[уреди | уреди извор]

Драмата Свадбата на Фигаро од Бомарше била забранета за прикажување во Виена; Царот Јосиф II се изјаснил дека „делото содржи нешта кои се непристојни, и затоа очекува цензурот или целосно да го отфрли, или да направи измени во него со кои ќе ја превземе одговорноста за изведбата на претставата и впечатокот што ќе го остави“, по што Австрискиот Цензур ја забранил изведбата на германската верзија на драмата.[3][4] Либретистот на Моцарт успеал да добие официјално одобрување од императорот за оперската верзија која потоа постигнала голем успех.

Со оваа опера започнала соработката меѓу Моцарт и Да Понте; кои подоцна ќе соработуваат и за Дон Џовани и Така прават сите. Моцарт ја одбрал драмата на Бомарше и ја однел кај Да Понте, кој за шест недели го завршил либретото, препишувајќи ја на поетски италијански јазик и отстранувајќи ги сите политички наводи од оригиналот. Да Понте го заменил и жестокиот говор на Фигаро против наследеното благородништво со подеднакво жестока арија против неверните сопруги.[5] Либретото било одобрено од царот пред Моцарт да започне со пишувањето на музиката.[6]

Компанија на Италијанската Царска опера му платила на Моцарт 450 флорини за делото;[7] и ова било трипати повеќе од неговата (ниска) годишна плата која ја добивал како дворски музичар во Салцбург.[8] На Да Понте му биле исплатени 200 флорини.[7]

Изведби[уреди | уреди извор]

Фигаро премиерно е изведена во Бург театарот во Виена на 1 мај 1786 година, со глумечката екипа наведена во делот „Улоги“ подолу во текстов. Првите две претстави биле диригирани од Моцарт, а подоцна тоа го правел Јозеф Вајгл.[9] По премиерата операта била изведувана уште осум пати, сите во 1786 година.[10]

Иако деветте претстави се неспоредливо малку споредено со изведбите на подоцнежните дела на Моцарт, Волшебната флејта - која со месеци се изведувала отприлика секој втор ден,[8] премиерата на Свадбата на Фигаро се оценува како успешна. Со аплауз на публиката на премирата, глумците пет пати се повикувани на бис, а седум пати на 8 мај.[7]

Улоги[уреди | уреди извор]

 
Улога Глас Премиерна екипа, 1 мај 1786 година
Диригент : В.А, Моцарт [11]
Грофот Алмавива баритон Стефано Мандини
Грофицата Розина Алмавива сопран Луиза Ласки
Сузана, слугинка на грофицата сопран Ненси Сторс
Фигаро, шеф на слугите кај грофот бас Франческо Бенучи
Керубин, паж кај грофот сопран Доротеа Бусани
Марселина, домаќинка кај Бартоло сопран Марија Мандини
Бартоло, доктор од Севиља, исто така и адвокат бас Франческо Бусани
Базилио, наставник по музика тенор Мајкл Кели
Дон Курчио, судија тенор Мајкл Кели
Барбарина, ќерка на Антонио, братучетка на Сузана сопран Ана Готлиб
Антонио, градинар кај грофот, чичко на Сузана бас Франческо Бусани
Хор на селани, селани и слуги

Синопсис[уреди | уреди извор]

Либрето 1786 година

Свадбата на Фигаро е продолжение заплетот на Севилскиот бербер кој се случува неколку години подоцна и раскажува за еден „ден на лудило“ (la folle journée) во палатата на грофот Алмавива во близина на Севиља, Шпанија. Розина е сега грофица; Д-р Бартоло сака да му се одмазди на Фигаро затоа што му ги расипал плановите да се ожени со Розина; а грофот Алмавива од романтичен лик во Севилскиот Бербер, се претворил во подмолен женкар. Откако во знак на благодарност ќе го вработи Фигаро како шеф на слугите, сега грофот упорно се обидува да го искористи своето право - droit du seigneur: да спие со слугинка на нејзината прва брачна ноќ - со идната невеста на Фигаро, Сузана, која е слугинка на грофицата.

Место: Имотот на грофот Алмавива, во близина на Севиља, Шпанија.[12]

Чин 1[уреди | уреди извор]

Фигаро и Сузана се подготвуваат за свадба, но Сузана е загрижена дека грофот ќе сака да го искористи наводното феудално право да спие со слугинка пред тоа да го направи нејзиниот сопруг; а Фигаро, убеден во сопствената снаодливост, решава да го надмудри Грофот.

Фигаро заминува, а се појавува Бартоло со Марселина (постара жена која се грижи за одржување на куќата на Бартоло). Фигаро позајмил пари од неа, а наместо гаранција, ѝ ветил дека ќе се ожени за неа ако не може да го врати долгот навреме; таа сега со тужба против Фигаро ќе бара исполнување на ветувањето. Бартоло, сакајќи да му се одмазди на Фигаро за помошта што му ја дал на грофот и Розина (во „Севилскиот бербер“ ), се согласува бесплатно да ја застапува Марселина и ја уверува дека ќе го добие случајот.

Марселина и Сузана почнуваат да се караат, а на крај постарата жена заминува во бес.

Акт 1: Керубин се крие зад столот на Сузана додека пристигнува грофот.

Потоа доаѓа Керубин (лик кој е вљубен во сите жени а особено во неговата кума - грофицата), и бара помош од Сузана за неговата љубов. Кога се појавува Грофот, Керубин, не сакајќи да биде виден сам со Сузана се крие зад стол. Грофот ја користи можноста да и се додворува на Сузана нудејќи ѝ и финансиски надомест ако му се „продаде“ нему. Кога пристигнува Базилио (наставник по музика), Грофот, не сакајќи да биде фатен сам со Сузана, се крие зад столот. Керубин навреме го напушта скривалиштето и скока на столот, а Сузана се обидува да го покрие со фустан.

Кога Базилио почнува со озборување за очигледната заљубеност на Керубин во грофицата, грофот луто скока од неговото скривалиште. Во лутина, грофот опишува како го фатил Керубин со Барбарина под масата во кујната. Кога го крева фустанот од столот за да илустрира како го кренал чаршавот за да го разоткрие Керубин, повторно го наоѓа Керубин! Грофот е бесен, но сваќа дека Керубин слушнал како тој ѝ се додворува на Сузана, нешто што не смее да го дознае грофицата. Младиот човек ја избегнува казната со влегувањето на селаните на имотот; итриот Фигаро се досетил да организира прослава во чест на откажувањето од феудалното право за првата брачна ноќ од страна на грофот. Грофот вели дека му простува на Керубин, но го праќа во Севиља на воена должност, веднаш. Фигаро се шегува со Керубин за неговиот нов, суров, воен живот, во кој нема луксуз, а особено не жени.[13]

Чин 2[уреди | уреди извор]

Грофицата е загрижена за неверствата на нејзиниот сопруг. (арија: "Porgi, amor, qualche ristoro" – "Голема љубов, мала утеха"). Сузана доаѓа да ја подготви грофицата за тој ден. Таа одговара на прашањата на грофицата кажувајќи ѝ дека грофот не се обидува да ја заведе; тој само ѝ нуди паричен надомест за да ја добие нејзината наклонетост. Влегува Фигаро и го објаснува дека има план да го одвлече вниманието на грофот со анонимни писма што го предупредуваат на прељуба. Веќе му испратил едно (преку Базилио) во кое пишува дека грофицата има таен состанок таа вечер. Тие се надеваат дека грофот ќе биде презафатен со барање на измислени прељубници за да се меша во венчавката на Фигаро и Сузана. Фигаро дополнително ја советува грофицата да соработува со Керубин и да го облече како девојка како би го привлекол грофот во прељуба и да биде фатен на дело. Фигаро заминува.

Се појавува Керубин, а грофицата, гледајќи го указот за воена обврска на Керубин, забележува дека грофот заборавил да стави печат со својот прстен (со што документот би се официјализирал).

Сузана и грофицата го започнуваат својот план. Сузана ја соблекува наметката на Керубин, и почнува да му ја чешла косата и го учи да се однесува и да оди како жена (аријата на Сузана: „Venite, inginocchiatevi“ - „Дојди, клекни пред мене“). Сузана излегува од собата за да донесе фустан за Керубин, земајќи ја со себе наметката.

Додека грофицата и Керубин чекаат Сузана да се врати, одеднаш слушаат како доаѓа грофот. Керубин се крие во плакарот, а грофицата неволно ја отклучува вратата. Влегува грофот и слуша гласови од плакарот; се обидува да го отвори, но тој е заклучен. Грофицата му кажува дека тоа е Сузана, која ја пробува венчаницата. Во тој момент, незабележано влегува Сузана, брзо сфаќа што се случува и се крие зад креветот (Трио: „Susanna, or via, sortite“-„Сузана, излези!“ ). Не можејќи да ја отвори вратата од плакарот, грофот бесно заминува, заедно со грофицата, за да побара алат за насилно отворање на вратата од плакарот. По заминувањето, грофот ги заклучува сите врати од спалната соба за да го спречи натрапникот да избега. Керубин и Сузана излегуваат од своите скривалишта, а Керубин бега скокајќи низ прозорецот во градината. Сузана влегува во плакарот. (дует: „Aprite, presto, aprite“ - „Отвори, брзо, отвори!“).

Се враќаат грофот и грофицата. Грофицата, мислејќи дека е внатре, признава во очај дека Керубин е скриен во плакарот. Разбеснетиот гроф го вади мечот, колнејќи се дека ќе го убие Керубин на лице место, но кога вратата се отвора, и двајцата на свое изненадување ја наоѓаат Сузана (Финале: „Esci omai, garzon malnato“- „Излези од таму, проклето момче! "). Грофот бара објаснување; грофицата му вели дека се шегувала, за да ја тестира неговата доверба во неа. Засрамен од својата љубомора, Грофот моли за прошка. Кога грофот прашува за анонимното писмо, Сузана и грофицата откриваат дека е напишано од Фигаро, а потоа доставено од Базилио. Пристигнува Фигаро и се обидува да ги започне свадбените веселби, а грофот го прашува за анонимното писмо. Тогаш доаѓа градинарот Антонио, и се жали дека некој скокнал низ прозорецот и ги уништил каранфилите додека бегал. Антонио додава дека мисли дека му изгледал како Керубин, но Фигаро тврди дека тој скокнал низ прозорецот и почнува да се преправа дека го повредил стапалото при доскокот. Фигаро, Сузана и грофицата се обидуваат да го дискредитираат Антонио како хроничен пијаница, чие што пијанство го прави недоверлив и склон кон фантазирање. Тогаш Антонио вади документ што му паднал на човекот што бегал (указот за воена обвска на Керубин). Фигаро (по дошепнувањето од грофицата) се брани дека Керубин му го дал документот за на него да се стави печат. Иако успева да се одбрани, неговата среќа кратко трае: влегуваат Марселина, Бартоло и Базилио, покренувајќи обвинение против Фигаро и бараат да си го исполни договорот и да се ожени со Марселина, бидејќи не може да го врати нејзиниот заем. Среќниот гроф ја одложува венчавката за да го разгледа обвинението.

Чин 3[уреди | уреди извор]

Грофот размислува за незгодната ситуација. Наговорена од грофицата, влегува Сузана и му вели на грофот дека би се сретнала со него истата вечер во градината. (дует: „Crudel! Perchè finora“ - „Сурово девојче, зошто ме натера толку долго да чекам“). На заминување, грофот ја слуша Сузана како му вели на Фигаро дека го решила случајот. Сфаќајќи дека се работи за измама (рецитатив и арија: „Hai già vinta la causa! ... Vedrò, mentr'io sospiro" -" Веќе го добивте случајот! " ... „Дали ќе видам, пред да воздивнам“), решава да го казни Фигаро, принудувајќи го да се ожени со Марселина.

Следува сослушување на Фигаро, и грофот пресудува дека Фигаро мора да се ожени со Марселина. Фигаро тврди дека не може да се ожени без дозвола од родителите и дека не знае кои се неговите родители, бидејќи им бил украден кога бил бебе. Од разговорот што следи, се открива дека Фигаро е Рафаело, одамна изгубениот вонбрачен син на Бартоло и Марселина. Следува трогателна сцена на помирување. Додека слават, влегува Сузана за да го плати долгот и со тоа да го ослободи Фигаро од обврската кон Марселина. Гледајќи ги Фигаро и Марселина како заедно се радуваат, Сузана почнува да се сомнева дека Фигаро ја претпочита Марселина пред неа. Се разбеснува и му удира шлаканица на Фигаро. Марселина ѝ објаснува што се случило, а Сузана, сфаќајќи си ја грешката, се приклучува на веселбата. Бартоло, совладан од емоции, се согласува да се ожени со Марселина и истата вечер да има двојна свадба (секстет: „Riconosci in questo amplesso“ - „Препознај се во преграткава“).

Сите си заминуваат од сцената. Се појавува Барбарина, ќерката на Антонио, за да го повика Керубин во нејзината куќа за да го маскираат како девојче. Грофицата е сама, и размислува за својата среќа која ја нема повеќе (арија: „Dove sono i bei momenti“ - „Каде сте, убави моменти“). Во меѓувреме, Антонио го известува грофот дека Керубин не е во Севиља, и дека е всушност во неговата куќа. Влегува Сузана и ѝ кажува на грофицата до каде се со планот за да го фатат на дело Грофот. Грофицата ѝ диктира љубовно писмо за Сузана кое треба да му го прати на грофот, повикувајќи го таа вечер да се сретне со неа (Сузана), „под боровите“.

Хор од млади селани, меѓу кои и Керубин преправен во девојка, ѝ пее серенади на грофицата. Пристигнува грофот заедно со Антонио, го разоткрива Керубин во групата и станува бесен. Гневот ќе му спласне откако Барбарина, која на глас се присетува како тој еднаш, сѐ ѝ понудил во замена за одредени услуги, и сега ја бара раката на Керубин за брак. Целосно засрамен, Грофот му дозволува на Керубин да остане.

Чинот се затвора со двојната венчавка, за чие време Сузана му го дава своето писмо на грофот (Финале: „Ecco la marcia“ - „Еве ја поворката“). Додека се спушта завесата, брачните парови се радуваат.

Чин 4[уреди | уреди извор]

Градина со два павилјона. Ноќ.

Следејќи ги упатствата во писмото, грофот ѝ враќа писмо на Сузана, преку Барбарина. Но, Барбарина го губи писмото (арија: "L'ho perduta, me meschina" - "Го изгубив, тешко мене"). Барајќи го писмото, ги среќава Фигаро и Марселина. Фигаро дознава за писмото од Сузана за грофот, помислува дека Сузана се среќава со Грофот зад неговиот грб. Фигаро се жали на мајка си и се колне дека ќе им се одмазди на грофот и на Сузана, и на сите неверни сопруги. Фигаро ита, а Марселина решава да ја извести Сузана за намерите на Фигаро. Марселина пее арија жално констатирајќи дека машките и женските диви ѕверки се сложуваат меѓу себе, но разумните луѓе не можат (арија:"Il capro e la capretta"-"Јарецот и козата").

Љубоморниот Фигаро ги повикува Бартоло и Базилио да му помогнат на даден знак.Тие излегуваат, оставајќи го Фигаро сам. Пристигнуваат Сузана и грофицата, откако претходно си ги смениле алиштата, а со нив е и Марселина која ѝ кажала за намерите на Фигаро. Откако сѐ ќе испланираат, Марселина и грофицата си заминуваат, а Сузана почнува да го задева Фигаро пеејќи љубовна песна (арија: "Deh vieni non tardar" - "О, дојди, не чекај"). Фигаро, кој се крие зад грмушка, мисли дека песната е за Грофот, станува се пољубоморен.

Пристигнува грофицата во фустанот на Сузана. Се појавува Керубин и почнува да ја задева „Сузана“ (грофицата всушност), расипувајќи го планот. (Финале: „Pian pianin le andrò più presso“ - „Тивко, тивко ќе ѝ пријдам“) Грофот во мракот замавнува за да го удри Керубин. но го погодува Фигаро, а Керубин бега.

Грофот води страствена љубов со „Сузана“ (грофицата) и ѝ дава прстен со скапоцен камен. Заедно излегуваат од сцената, при што грофицата го избегнува, криејќи се во темнина. Тогаш, на сцената, влегува вистинската Сузана, облечена во облеката на грофицата. Фигаро мислејќи дека е грофицата, почнува да ѝ кажува за намерите на грофот, но набрзо ќе ја препознае својата маскирана невеста. На крај се смируваат. („Pace, pace, mio dolce tesoro“ - „Мир, мир, мое слатко богатство“).

Грофот, не можејќи да ја најде „Сузана“, влегува фрустриран. Вниманието му го привлекува Фигаро, гласно изјавувајќи ја својата љубов кон „грофицата“ (всушност Сузана). Разбеснетиот гроф го повикува народот на оружје за да му се одмаздат на Фигаро затоа што ја заведува неговата сопруга. (Последна сцена: "Gente, gente, all'armi, all'armi" - "Господа, вооружете се!" ) Влегуваат Бартоло, Басилио и Антонио со факели, а во меѓувреме Грофот, еден по еден, ги извлекува Керубин, Барбарина, Марселина и „Грофицата“ одзади павилјонот.

Сите го молат да им прости на Фигаро и на „Грофицата“, но тој постојано повторувајќи „не“ на глас го одбива тоа, сѐ додека на сцена не влезе вистинската грофица и не го открие својот вистински идентитет. Грофот, гледајќи го прстенот што ѝ го подарил, сфаќа дека се обидувал да ја заведе својата сопруга всушност. Клекнува и бара прошка ("Contessa perdono!" - "Грофице, прости ми!" ). Грофицата одговара со („Più docile io sono e dico di sì“ - „Јас сум поразумна (од тебе), и велам да“.) Сега ништо не ја попречува свадбата на Фигаро.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „The 20 Greatest Operas of All Time“. Classical Music.
  2. „Statistics for the five seasons 2009/10 to 2013/14“. Operabase. Архивирано од изворникот на 4 March 2016. Посетено на 11 January 2015.
  3. Mann, William. The Operas of Mozart. Cassell, London, 1977, p. 366 (in chapter on Le Nozze di Figaro).
  4. The librettist Lorenzo Da Ponte in his memoirs asserted that the play was banned only for its sexual references. See the Memoirs of Lorenzo Da Ponte, translated by Elisabeth Abbott (New York: Da Capo Press, 1988), 150.
  5. While the political content was suppressed, the opera enhanced the emotional content. According to Stendhal, Mozart "transformed into real passions the superficial attachments that amuse Beaumarchais's easy-going inhabitants of [Count Almaviva's castle] Aguas Frescas". Stendhal's French text is in: Dümchen, Sybil; Nerlich, Michael, уред. (1994). Stendhal – Text und Bild (германски). Tübingen: Gunter Narr. ISBN 978-3-8233-3990-8.
  6. Mozart, Wolfgang Amadeus; Da Ponte, Lorenzo (1951). „Essay on the Story of the Opera“. The Marriage of Figaro: Le Nozze di Figaro (piano reduction vocal score). Преведено од Martin, Ruth; Martin, Thomas. New York: Schirmer. стр. v–vi. (Quoting Memoirs of Lorenzo da Ponte, transl. and ed. by L. A. Sheppard, London: Routledge & Kegan Paul, 1929, pp. 129ff
  7. 7,0 7,1 7,2 Deutsch 1965
  8. 8,0 8,1 Solomon 1995
  9. Deutsch 1965 Deutsch says Mozart played a harpsichord; for conflicting testimony, see below.
  10. These were: 3, 8, 24 May; 4 July, 28 August, 22 (perhaps 23) of September, 15 November, 18 December Deutsch 1965
  11. Angermüller, Rudolph (1 November 1988). Mozart's Operas. Rizzoli. стр. 137. ISBN 9780847809936.
  12. Thomas, Hugh (2006). „Ten – Leaving Madrid.“. Beaumarchais in Seville: an intermezzo. New Haven: Yale University Press. стр. 143. ISBN 978-0-300-12103-2. Посетено на 27 August 2008. Synopsis based on Melitz 1921.
  13. This piece became so popular that Mozart himself, in the final act of his next opera Don Giovanni, transformed the aria into Tafelmusik played by a woodwind ensemble, and alluded to by Leporello as "rather well-known sounds".