Сајта
Сајта Λαγκάδι | |
---|---|
Координати: 40°51′N 23°33′E / 40.850° СГШ; 23.550° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Серски |
Општина | Визалтија |
Општ. единица | Тахино |
Надм. вис. | 500 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 92 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Сајта (грчки: Λαγκάδι, Ланкади; до 1927 г. Σαϊτά, Сајта[2]) — село во Нигритско, Егејска Македонија, денес во општината Визалтија на Серскиот округ, Грција. Населението брои 132 жители (2021).
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се ноаѓа во северните падини на Орсова Планина, околу 8 км југоисточно од општинскиот центар Нигрита, на надморска височина од 410 м.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Во Отоманското Царство
[уреди | уреди извор]Селото првично било сместено на неколку километри јужно од денешната местоположба, во пазувите на Орсова Планина. Од ова село денес е зачувана црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од 1730 г.[4]
Во XIX век Сајта било грчко село во Серската каза на Серскиот санџак. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Сајта (Saïta) имало 35 домаќинства со 118 жители Грци.[5]
Во 1889 г. хрватскиот етнограф Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) напишал за Сајта:
„ | Сајта: христијанско село; жителите се Грци, 7 часа од градот.[6] | “ |
Во 1891 година Георги Стрезов за селото напишал:
„ | Сајта, исто така растурено село, југоисточно од Жервохор. Сместено е на врвот на планината, поради што има малку обработливо земјиште. Повеќето од жителите се овчари по планината. Од Сајта до Сер има 10 часа, до блиско Жервохор има 3 часа. Патот е каменлив, тесен и блатест. Грчка црква и 40 грчки куќи.[7] | “ |
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Сајта имало 150 жители Грци.[8] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Сајта имало 210 Грци и во селото работело грчко училиште.[9]
Во Грција
[уреди | уреди извор]По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Таа година селото броело 187 жители, кои во 1920 г. се зголемиле на 195 лица.[3] Во 1927 година, името на селото било променето во Ланкади (Λαγκάδι).[2]
За време на Граѓанската војна (1947-1949) селото наполно настрадало и било напуштено од своите жители, поради што во пописот од 1951 г. е заведено како напуштена населба. По крајот на војната селото е подигнато околу 3 км северозападно од старата местоположба.[3]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Населението одгледува компири, жито и други земјоделски производи, како и костени, со кои обилува ридско-планинскиот атар на селото. Внимание му се посветува и на сточарството.[3]
Население
[уреди | уреди извор]Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | —[б 1] | — | 168 | 156 | 133 | 131 | 140 | 113 | 98 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во 1928 година, селото станало самостојна општина, чиј атар зафаќал површина од 15 квадратни километри.[3] Општината Сајта подоцна била приклучена во општината Хункос, која била укината во 1997 година и станала дел од општината Тахино, која во 2011 година станала дел од поголемата општина Визалтија.
Селото припаѓа на општинската единица Тахино со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Визалтија, во округот Сер. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Хункос, во кој влегува и селото Хункос.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]Цркви
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — изградена во 1730 г. во старото село
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ 2,0 2,1 „Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας“. Πανδέκτης: Name Changes of Settlements in Greece. Посетено на 24 јуни 2024.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 240–241.
- ↑ „Ιερός Ναός Κοιμήσεως Θεοτόκου“. Ιερά Μητρόπολη Σερρών και Νιγρίτης. Посетено на 24 јуни 2024.
- ↑ Македония и Одринско : Статистика на населението от 1873 г. София: Македонски научен институт – София, Македонска библиотека № 33. 1995. стр. 122–123. ISBN 954-8187-21-3.
- ↑ Верковичъ, Стефанъ (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи (PDF). С. Петербургъ: Военная Типографія (въ зданіи Главнаго Штаба). стр. 60.
- ↑ Стрезов, Г. Два санджака от Източна Македония. Периодично списание на Българското книжовно дружество в Средец, кн.XXXVII-XXXVIII, 1891, стр. 846.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 180. ISBN 954430424X.
- ↑ Brancoff, D. M (1905). La Macédoine et sa Population Chrétienne : Avec deux cartes etnographiques (PDF). Paris: Librarie Plon, Plon-Nourrit et Cie, Imprimeurs-Éditeurs. стр. 200–201.
Забелешки
- ↑ Податоците за селото Сајта, согласно тогашната територијална организација, во пописот од 1940 г. се вклучени во податоците за Хункос.
|