Сашо Мацановски - Трендо

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Сашо Мацановски Трендо)
Сашо Мацановски - Трендо
Трендо во 2009 г.
Роден(а)7 јули 1967(1967-07-07)(56 г.)
Скопје, СР Македонија
НационалностМакедонец
НародностМакедонец
Занимањеавтор, новинар и телевизиски водител
Познат(а) попо водењето на Кој сака да биде милионер?

Сашо Мацановски - Трендо (Скопје, 7 јули 1967 година) — македонски автор, новинар и телевизиски водител.

Животопис[уреди | уреди извор]

По неговите родители, Трендо води потекло од Велес.

Основно училиште и гимназија завршил во Скопје. Дипломирал на Институтот по социологија при Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Работел како уредник на вести во телевизиите Сител и Канал 5. Заедно со Логин Кочишки во периодот 1995-1998 ја создал емисијата „Балкан Експрес[1] на ТВ Сител, која продолжила под името „Валкан експрес“ (1998-2000) на Канал 5.

Корицата на збирката „Трендоленд: слободна територија“.

Од 2000-2004 година објавувал неделни колумни во додатокот „Антена“ на дневниот весникДневник“ и во неделникот „Фокус“. Тие се објавени на 680 страници во збирката „Трендоленд: слободна територија“ од издавачката куќа Табернакул во 2011. Напишани низ критичка и сатирична призма, колумните претставуваат неофицијална хроника на едно турбулентно време во историјата на Македонија.

Сашо Мацановски стапил во врска со Зорица Црношија во 2000 година, а со неа се оженил во 2006 година. Сашо и Зорица имаат две деца: Мате (роден во 2006 година) и Бела (родена во 2010 година).[2]

Од 2000 до 2012 го водел мрежното место on.net.mk, еден од првите интернет портали во Македонија. Основач или творец е на уште неколку дигитални сервиси: дигиталната телевизија БумТВ, блог платформата Блогерај, интернет порталот за телевиско емитување Зулу, а кратко време бил и директор на маркетинг во компанијата на операторот ОНЕ.

Познат е и како неколкугодишен водител на македонската верзија на квизот „Кој сака да биде милионер?“ (2004-2009). Поради водењето на квизот, тој ја добил Наградата за најдобар телевизиски водител за 2010 година при Златната бубамара на популарноста.[3]

Во март 2012 година, го основал порталот офф.нет.мк.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Димитријо, сине Митре“. off.net.mk. 5 март 2012. Архивирано од изворникот 2012-03-07. Посетено на 7 јули 2023.
  2. „СЕМЕЈНА ИДИЛА: Запознајте го семејството на Сашо Мацановски Трендо! (фото)“. vistina.mk. 17 декември 2015. Архивирано од изворникот на 2016-04-22. Посетено на 27 ноември 2016.
  3. Сашко Коцев, Љупчо Бубо Каров, Сашо Мацановски - Трендо. (2010). Zlatna Bubamara 2010 Bubo Karov i Trendo. Универзална сала, Скопје: Златна бубамара на популарноста. Се случува во 02:25-04:35. 7U4gN90v1-k. https://www.youtube.com/watch?v=7U4gN90v1-k. 
  4. Сашо Мацановски Трендо (5 март 2012). „Добро ве најдовме“. off.net.mk. Архивирано од изворникот 2012-03-07. Посетено на 7 јули 2023.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]