Сашко Лафчиски
Сашко Лафчиски | |
---|---|
Роден | 11 февруари 1977. Штип, СР Македонија, СФР Југославија |
Држава | ![]() |
Служба | 1999– |
Чин | бригаден генерал (2022–) |
Заповедал со |
|
Сашко Петар Лафчиски (11 февруари 1977 во Штип) — македонски воен генерал.
Животопис[уреди | уреди извор]
Лафчиски е роден во 1977 година во Штип, но е од Делчево.[1] Тој е еден од првата генерација питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, на која дипломира во 1999 година, а потоа ја започнува својата служба во Армијата на Република Македонија (АРМ) и станува дел од силите за специјални операции на Армијата, каде што го поминува поголемиот дел од својата служба.
Од 1999 до 2001 година е командир на тим во Единицата за специјални намени. Во 2000 година е унапреден во чин поручник, а во 2001 година во чин капетан. Од 2001 до 2003 година е командир на чета во единицата. Во 2003 година единицата се трансформира во Баталјон за специјални намени (бСН), а тој е назначен за офицер за обука во секцијата С-3 на баталјонот. Во 2003 и 2004 година е командант на контингентот на силите за специјални операции на Македонија во мисијата „Iraqi Freedom“. Од 2004 до 2008 година е началник на С-3 во бСН. Во 2007 година е унапреден во чин мајор. Од 2007 до 2008 година учи во Командно-штабната академија „Благо Задро“ во Загреб, Хрватска.
Од 2008 до 2012 година е претставник на Македонија во Командата на сојузничката здружена сила Наполи на НАТО во Италија, каде што стекнува искуство во оценување на оперативни способности според стандардите на Алијансата. Во 2011 година е унапреден во чин потполковник.
Од 2012 до 2015 година е началник на С-3 во командата на Полкот за специјални операции (пСО), во чиј состав се бСН и Ренџерскиот баталјон (Рб). Во 2012 година е одликуван со Сребрена значка на Армијата, а во 2013 година со Златна значка на Армијата. Од 2015 до 2016 година е во Карлајл, Пенсилванија, САД, каде што магистрира на стратегиски студии. Во 2016 година е именуван за командант на Баталјонот за специјални намени.[2] Оваа должност ја извршува до 2018 година.[3] Во 2018 година е унапреден во чин полковник и е именуван за заменик на командантот на пСО. Од 2020 до 2021 година е началник на Одделението за специјални операции, кое е во составот на Генералштабот. Во овој период, армиските сили за специјални операции претрпуваат значителна трансформација.
Во 2021 година е именуван за командант на Првата пешадиска бригада (1.пбр), најголемата единица на Армијата и нејзината главна борбена сила.[4] Во 2022 година, по повод триесетгодишниот јубилеј на Армијата, претседателот на Републиката Стево Пендаровски го унапредува во генералскиот чин бригаден генерал.[5][6]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Делчево гордо на првиот Министер за одбрана проф. д-р Трајан Гоцевски и бригадниот генерал Сашко Лафчиски“. delcevo365.mk. 18 август 2022. Посетено на 29 мај 2023.
- ↑ „Примопредавање на должност командант на баталјон за специјални намени“. mil.mk. 19 август 2016.
- ↑ „Извршени примопредавања на должност командант на баталјон“. mil.mk. 30 август 2018.
- ↑ „Смена на команданти на Командата за операции и 1.пбр“. mil.mk. 4 јуни 2021.
- ↑ „Указ бр. 14 од Претседателот на Република Северна Македонија“. Службен весник на Република Северна Македонија. Број 182, 17 август 2022 година, година LXXVIII, стр. 2.
- ↑ „Армијата доби нов генерал на тридеценискиот јубилеј“. 360stepeni.mk. 18 август 2022.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- „Командант на 1.пешадиска бригада“. mil.mk. Архивирано од изворникот 2023-05-28. Посетено на 2023-05-28.