Прејди на содржината

Сафир на кралица Марија од Романија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Сафирот на кралица Марија од Романија — цејлонски сафир со маса од 478,68 карати (95,736 г) во синчеста-сина боја, обработен во форма на перниче. Кога бил продаден на аукцијата на Кристи во 2003 година, тој бил најголемиот сафир некогаш понуден на аукција. Бил именуван по неговата поврзаност со неговиот прв сопственик, Марија од Единбург, кралица на Романија.

Кралицата Марија го носи сафирот како привезок на нејзиното крунисување, 15 октомври 1922 година

Картие првпат го споменал овој сафир од Цејлон од 478,68 карати (95,736 г) во синчеста-сина боја во 1913 година, кога бил употребен со седум други сафири за да се направи долг ѓердан од дијаманти и сафири. Дизајнот подоцна бил изменет за да биде целосно од дијамант, освен овој скапоцен камен, за да се истакне. Во 1919 година, изменетиот ѓердан бил изложен во Сан Себастијан, Шпанија. Таму, го привлекол вниманието на кралицата Викторија Евгенија. Таа се надевала дека нејзиниот сопруг, кралот Алфонсо XIII, ќе го купи, но тој не го сторил тоа. На почетокот на Првата светска војна, романската кралица Марија, првата братучетка на шпанската кралица Викторија Евгенија, ги испратила своите скапоцености во Санкт Петербург на чување. Нејзините скапоцености биле конфискувани од страна на болшевиците за време на Руската револуција и никогаш не ѝ биле вратени на Марија. За да ја надополни својата колекција, таа купила голема тиара со дијамантски сафири во стилот на Кокошник од нејзиниот братучед, великиот војвода Кирил Владимирович од Русија. Кога го видела долгиот сафирен ѓердан на Картие, сметала дека совршено одговара со нејзината нова тиара, па затоа нејзиниот сопруг, кралот Фердинанд I, го купил во 1921 година на рати, плаќајќи вкупно околу 1.375.000 франци.[1]

По падот на романската монархија во 1947 година, привезокот му бил продаден на Хари Винстон.[2] Принцезата Ана од Бурбон-Парма го носела долгиот ѓердан без сафирниот привезок на нејзината свадба во 1948 година, кога се омажила со внукот на кралицата Марија, кралот Михаил, во Атина. Оттогаш бил разделен на делови.

Винстон го продал скапоцениот камен на богат грчки граѓанин, кој ѝ го подарил на кралицата Фредерика од Грција, роднина на кралицата Марија, но со разлика од две генерации. Кралицата Фредерика го носела сафирот при посетата на Соединетите Американски Држави во 1964 година и на свадбата на нејзиниот син истата година. По укинување на грчката монархија во 1973 година, повеќе не бил јавно носен.

Сафирот бил продаден на аукцијата на аукциската куќа Кристис како „сопственост на благородничко семејство“ на 18 ноември 2003 година за 1,916,000 швајцарски франци. Не било јасно дали продавачите биле грчкото кралско семејство или друго благородничко семејство. Го купил приватен колекционер.

  1. Meylan, Vincent (2002). Queens' Jewels. New York: Assouline. стр. 186–188. ISBN 978-2843233647.
  2. „Queen Marie of Romania and her precious sapphire“. The Peninsula. 1 November 2021. Посетено на 13 May 2022.