Сарачево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сарачево
Βαλτοχώρι
Сарачево is located in Грција
Сарачево
Сарачево
Местоположба во областа
Сарачево is located in Илиџиево (општина)
Сарачево
Местоположба на Сарачево во Солунскиот округ и областа Централна Македонија
Координати: 40°43.5′N 22°38.16′E / 40.7250° СГШ; 22.63600° ИГД / 40.7250; 22.63600Координати: 40°43.5′N 22°38.16′E / 40.7250° СГШ; 22.63600° ИГД / 40.7250; 22.63600
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругСолунски
ОпштинаИлиџиево
Општ. единицаИлиџиево
Надм. вис.&1000000000000001800000018 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно186
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)
Пошт. бр.570 07

Сарачево (понекогаш Сараклово или Сараџа; грчки: Βαλτοχώρι, Валтохори; до 1926 г. Σαρίτσα, Сарица,[2] Σαρίτσι, Σαρίτσοβο) — село во Солунско, Егејска Македонија, денес во општината Илиџиево на Солунскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 186 жители (2011). Сè до Балканските војни било населено исклучиво со Македонци, кои и денес го сочинуваат мнозинството од жителите.[3]

Географија[уреди | уреди извор]

Селото е сместено во областа Вардарија на Солунското Поле, 30 км северозападно од Солун и југоисточно од гратчето Илиџиево.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Во Отоманското Царство[уреди | уреди извор]

Во XIX век Сарачево било село во Солунската каза. Според едно предание, името потекнува од турскиот поим сар „жолт“, бидејќи жителите страдале од лошата клима, а според друго доаѓа од зборот за „оса“ или „пчела“.[4] Селото било чифлик на некој муслимански сопственик.[4] Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Сар’џе (Сараклово) броело 175 жители, кои по грешка ги запишал како Турци.[5]

Според цариградскиот револуционер Христо Силјанов, по Илинденското востание во 1904 г. целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија.[6] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. в Сариџа (Saridja) имало 228 жители, сите Македонци под ехзархијата.[7][8]

Во 1905 г. селото претрпело напади од грчки чети на два наврати. На 16 јули андартите направиле обид да влезат и да ја потпалат куќата на месниот првенец Кољо Минчев, кој успеал да ги одврати. На 21 август грчка чета ги запалила куќите на Стојан Коџаманов и Кољо Апостолов, а потоа, обидувајќи се да го запалат целото село, била спречена од турската војска.[9]

Во селото проработела и грчката просветна пропаганда. Грците го затвориле народното македонско училиште и отвориле свое основно училиште и детска градинка со 36 ученици (18 машки и 18 женски) и 3 учители.[10] Запоседната е и селската црква, која е насила предадена на употреба само за 13-те семејства кои биле приврзаници на Цариградската патријаршија. По Младотурската револуција во 1909 г. жителите на Сарачево за ова испратиле жалба на Отоманскиот парламент. Во овој период, Боривое Милоевиќ завел дека селото се состоело од 30 куќи на македонски христијани и 5 куќи на Роми муслимани.[3]

Според страницата на општината Илиџиево, пред 1912 г. во Сарачево живееле околу 230 македонојазични христијани, некои под егзархијата, а некои под патријаршијата.[4]

Во Грција[уреди | уреди извор]

По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога населението броело 150 жители.[3] Во 1920 г. населението пораснало на 297 жители бидејќи властите по Првата светска војна тука доселиле извесен број грчки колонисти. Во 1926 г. селото е преименувано во Валтохори, што значи „блатно село“. Во 1928 г. е заведено со 284 жители,[3] од кои 100 биле привремени. По исцедувањето на блатата, Сарачево добило нова плодна земја.

Во 1940 г. населението броело 287 жители, кое во 1951 г. се зголемило на 340. На пописот во 1961 г. во Сарачево живееле 297 лица, кои во 1971 г. се намалиле на 282, а во 1981 г. на 274 жители. Во 1991 г. бројот на жители во селото изнесувал 285 лица,[3] кој во 2001 г. битно се намалил на 190, а во 2011 г. на 186 лица.

Население[уреди | уреди извор]

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011
Население 287 340 297 282 274 285 190 186
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Стопанство[уреди | уреди извор]

Сарачево е богато село поради плодното земјиште кое целосно се наводнува. Денес се одгледуваат ориз и пченка, а во помала мера и памук и луцерка.[4]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Σαρίτσα -- Βαλτοχώρι
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански карактеристики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 340.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 „Βαλτοχώρι“. Δήμος Χαλκηδόνας. Посетено на 8 јули 2019.
  5. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 140. ISBN 954430424X.
  6. Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том I, София, 1993, стр. 126.
  7. Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите отсекогаш се изјаснувале како Македонци.
  8. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 218-219.
  9. Гръцката и сръбски пропаганди в Македония (краят на ХІХ – началото на XX век). Нови документи. Съставили Величко Георгиев и Стайко Трифонов, София 1995, с. 63, 74.
  10. Παπαδόπουλος, Στ. Ι (1975). „Η κατάσταση της παιδείας το 1906 στην ύπαιθρο του Κάζα Θεσσαλονίκης: (Μια ανέκδοτη έκθεση του Δημητρίου Μ. Σάρρου)“ (PDF). Μακεδονικά. Θεσσαλονίκη: Εταιρεία Μακεδονικών Σπουδών. XV (8): 136–137.