Самсон
| Самсон | |
|---|---|
Борбата на Самсон со лавот (1525) од Лукас Кранах Постариот | |
| Претходник | Авдон |
| Наследник | Илиј |
| Партнер | Далила |
Самсон (библиски хебрејски: שִׁמְשׁוֹן) — старозаветен судија херој, кој се прославил со своите подвизи во борбата против Филистејците.
Најпознатиот мотив е оној за неговата љубов кон лукавата Далила, која ја дознала тајната на неговата натчовечка сила — неговата долга коса. Таа му ја потстрижала косата и го предала во заробеништво на Филистејците.
Раѓање
[уреди | уреди извор]Според Библијата, Самсон живеел во времиња на постојани судири меѓу Израел и Филистеја, при што Бог повеќепати ги предавал Израилците во рацете на Филистејците за да ги дисциплинира. Таткото на Самсон бил Маној — човек од Дановото племе, чија жена првично била неротка. Еден ден пред неа се појавил ангел Господов, кој ѝ кажал дека Бог ќе ја дарува со син што ќе го поведе израилскиот народ против Филистејците. За таа цел, таа требало да се воздржува од алкохол и да не ја потстрижува или сече косата на своето дете. Тоа ќе биде Назореј уште од своето раѓање. Жената на Маној му поверувала на ангелот, а самиот тој му се молел на Бога неговиот пратеник да се појави уште еднаш за да ги научи како да се грижат за момчето што ќе им се роди.
Откако ангелот Господов се вратил, Маној го прашал за неговото име, но тој одговорил: „Зошто прашуваш за името мое? Тоа е чудесно“. Тогаш Маној подготвил жртва за него, но ангелот ја одбил и рекол дека таа може да биде принесена само за Бога. Ангелот ги допрел жртвите и тие се запалиле, а тој се вознел кон небото. Овој настан оставил голем впечаток кај Маној и тој се плашел за својот живот поради верувањето дека никој не преживува откако ќе го види Бога. Жена му, пак, го успокоила велејќи му дека Бог нема намера да ги убие штом им открил такви нешта. Подоцна им се родил синот и бил одгледан според дадените насоки.
Во христијанството
[уреди | уреди извор]Христијанските богослови, толкувајќи ја Книгата на судиите, преку примерот со Далила го нагласуваат значењето на борбата против телесните страсти:
Толку потешка е борбата со похотта отколку подвигот во воените редови! Оној што беше толку славно храбар и се прослави со чудни подвизи, сластољубието го направи заробеник. Тоа го лиши и од Божествената благодат.
—Теодорит Кирски, Толкување на Книгата на судиите
Јован Златоуст во однесувањето на Далила гледал вмешаност на ѓаволот:
Од дамнина во рајот ѓаволот го рани Адама преку жена... преку жена го ослепи и најхрабриот Самсон...
—Јован Златоуст, Слово на свети Јован Златоуст за денот на отсекувањето на главата на Светиот Претеча Господов Јован
Истовремено, самоубиството на Самсон („Умри, душо моја, со Филистејците“) со векови ги збунувало богословите, убедени во грешноста на самоубиството. Свети Августин изнел мислење дека смртта на Самсон не може да се смета ниту за убиство, ниту за самоубиство, бидејќи тој не бил воден од сопствената волја, туку од Светиот Дух.[1] Џон Дон во трактатот „Бијатанатос“ (1608) не само што ја навел смртта на Самсон како аргумент во одбрана на самоубиството, туку и маките на Христос на крстот ги толкувал како самоубиство, особено што според традиционалната богословска доктрина, Самсон со својата жртва за народот е предвесник и симбол на Христос.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 Х. Л. Борхес. Биатанатос. // Нови истражувања (1952)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Самсон“ на Ризницата ? |