Прејди на содржината

Сава Мркаљ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сава Мркаљ
Комеморативна плоча на Сава Мркаљ, 1030 Vienna Veithgasse 3
Роден(а)1783
Кордун, Воена краина, Австриско Царство (денешна Хрватска)
Починал(а)1833
Виена, Австриско Царство
ЗанимањеЛингвистика, филологија, поезија
Познат(а) појазична реформа

Сава Мркаљ (село Сјеничак, Горња Крајина, 1783Беч, 1833) бил српски учител, монах и филолог. Познат е по тоа што во 1810 година ја напишал тогаш многу актуелната книшка за српската азбука Сало дебелог јера либо азбукопротрес, во која се залагал за реформа на јазикот и правописот.[1] Ово дело влијаело и на Вук Караџиќ и неговата реформа на писмото.

Школување

[уреди | уреди извор]

Сава Мркаљ е роден во 1783 година во Сјеничак на Кордун. Завршил во 1799 година во Плашката клерикална школа т.е. двогодишна школа за свештеници. Постојат одредени несогласувања помеѓу историчарите за годината, кога ја завршил школата. После тоа станал учител во славено-српската школа во Госпиќ. Изгледа дека во Госпиќ заради проблеми со трговците и официрите не се задржал подолго од година дена. Црковната власт го наговорила да се врати во Госпиќ, но бидејќи приликите не се подобриле, не се задржал долго време. Се запишал во втор семестар на Загребачката архигимназија во 1804 година. Бил извонреден ученик. Во 1804 година, ги започнал своите филозофски студии на Кралската академија на науките во Загреб. Се истакнал на Филозофскиот факултет, а потоа отишол во Будимпешта да студира филозофија и математика. Исто така, бил одличен студент и во Будимпешта. Таму се дружел со Димитрије Давидовиќ и Димитрије Фрушиќ. Одлично ги знаел латинскиот, францускиот и германскиот јазик, а разбирал руски и хебрејски.

Реформа на кирилицата

[уреди | уреди извор]
Сало дебелога јера либо азбукопротрес, 1810

Во Пешта во 1810 год. ја објавил расправата Сало дебелога јера либо азбукопротрес. Оваа книшка имала 18 страни. Во неа Сава Мркаљ извршил сеопфатна реформа на кирилицата и предложил нова азбука. Преложил српскиот јазик да има толку букви, колку што има и гласови. Во Мркаљевата азбука постоеле 26 букви: а, б, в, г, д, е, ж, з, и, ï, к, л, м, н, о, п, р, с, т, у, ф, х, ц, ч, ш и буквата ь. Од 46-те постоечки букви отфрлил дваесет. Под главен удар се нашла буквата голем ер, која и некои пред Мркаљ ја сметале за излишна. Мркаљ го изнел своето начело: „Пишувај како што зборуваш”.

Делото на Мркаљ веднаш во 1810 година го забележал филологот Јернеј Копитар. Тој го поздравил и го пофалил делото на Мркаљ во 1812 година во списанието „Vaterländischen Blätter“ (Татковински трудови). Тој нагласил дека на 18-те страници од книгата на Мркаљ има повеќе лингвистичка филозофија отколку во многу дебели граматики. Јернеј Копитар му пишал на Вук Караџиќ и му рекол дека треба да се поврзе со Сава Мркаљ. Мркаљ се зближил со Вук во Пешта уште во 1810 година. Вук Караџиќ во 1814 године во својата Писменица сербскога језика ја усвоил Мркаљевата азбука со одредени модификации, тако што диграмите кај Мркаљ ги свел на еден знак: ть (=ћ), дь (=ђ), ль (=љ), нь (=њ). Покрај тоа Мркаљевото ï го пишувал како ј. Мркаљ единствено не ја имал буквата џ. Во 1814 година, Копитар го советувал Вук да му го даде ракописот на Мркаљ за да го прегледа пред да ја објави својата Писменица, но Вук не знаел каде се наоѓа Мркаљ во тоа време. Митрополитот Стефан Стратимировиќ се изјаснил против Сало дебелога јера, сметајќи ја книгата за еретичко и издајничко дело против српството и православието. Пријателот на Сава Мркаљ, Лука Милованов, во пролетта 1811 год. го предал за штампање своето дело Опит к сличноречности и сломерју, дело напишано со Мркаљевата азбука. Митрополитот Стратимировиќ потоа, преку цензурата во Пешта, го забранил не само тоа дело, туку и секој текст што би бил печатен на Мркаљевата азбука.

Во манастирот Гомирје

[уреди | уреди извор]

Сава Мркаљ се замонашил во 1811 год. под духовно име Јулијан и како ѓакон престојувал во манастирот Гомирје. Не е познато зашто толку брзо се одлучил да оди во манастир, но можно е тоа да се должело на отпорот на Стратимировиќ кон неговата азбука. Веднаш по неговот доаѓање во манастирот се пожалил на недостојното однесување на манастирските браќа. Тоа продолжило и по доаѓањето на новиот млад архимандрит Јосиф Рајачиќ, кој и сам се придружил на обвинувањата против Мркаљ како главен причинител на кавгите и тепачките во манастирот. Во манастирот го прогонувале, а архимандритот Јосиф Рајачиќ, го оддалечил од манастирот. На барање на владиката бил вратен во манастирот Гомирје, а на братството му било наредено да го остават на мира. Во летото 1813 година, манастирското братство повторно го обвинило Мркаљ за предизвикување немири и раздор. Тие побарале тој да го напушти манастирот. На 30 јуни 1813 година, му бил одземен ѓаконскиот чин и го напуштил манастирот.

Лутање и пропаст

[уреди | уреди извор]

По напуштањето на манастирот тој талкал дванаесет полни години од 1813 до 1825 година. Мркаљ на почетокот бил приватен учител во Карловац, а потоа општински учител во Глина. Во 1814 бил учител во Бовиќ. Во Сремски Карловци неуспешно барал од митрополитот Стефан Стратимировиќ да го прими во некои од сремските манастири. Во 1817 година во Новине сербске покајничка статија Палинодија либо обрана дебелога јера, во која се одрекол од своето дело Сала дебелога јера. Изгледа дека Мркаљ се обидел со таа покајничка статија да ја поправи својата положба кај црковните власти. Безуспешно очекувал милост од црковните власти, на кои им пишувал молби, псалми, и молитви. Кога чул дека Лукијан Мушицки станал горнокарловачки владика, Мркаљ од Банат се вратил во Краина, па од Војниќ во 1825 год. упатил молба до конзисториумот на Горнокарловачката епархија. Конзисториумот не му издал потврда дека е разрешен од ѓанскиот чин без своја вина, туку му било одговорено дека е виновен. Мркаљ, потоа во Карловац се обидел да подучува деца, но одзивот бил многу слаб, па останал да живее во сиромаштија.

Во 1827 година Сава Мркаљ душевно се разболел. Во состојба на помрачена свест нападнал и ранил со нож еден учител по цртање, кој барал неговата крштевка да му ја преведе на латински. После тој напад, бил истепан и окован во тешко железо и сместен во регименталниот затвор во Глина. Подоцна бил сместен во болница во Карловац. Починал во 1833 година во душевна болница во Виена.

  1. Милисавац, Живан, уред. (1984). Југословенски књижевни лексикон (2.. изд.). Нови Сад: Матица српска. стр. 527.