Саат-џамија (Гостивар)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Саат-џамија
Саат Џамија во Гостивар.JPG
Поглед на џамијата
Основни податоци
МестоГостивар, Македонија
Координати41°57′55.8″N 22°46′9.6″E / 41.965500° СГШ; 22.769333° ИГД / 41.965500; 22.769333Координати: 41°57′55.8″N 22°46′9.6″E / 41.965500° СГШ; 22.769333° ИГД / 41.965500; 22.769333
Припадностсунитски ислам
Архитектонски опис
Архитектонски типџамија
Архитектонски стилосманлиски
Завршен1676 (првична градба)
1994 (најнова градба)
Особености
Минариња1

Саат-џамија (или Ебу Бекир-пашина џамија)[1] — стара османлиска џамија во средиштето на градот Гостивар. Му припаѓа на Гостиварското муфтиство на ИВЗ и претставува главниот муслимански храм во градот.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Џамијата е изградена од Ебу Бекир-паша во 1676 година, кој бил син на првиот бег на Гостивар - Кара Мустафа паша Кеманкеш, Голем везир на Османлиското Царство од 1638 до 1644 година. Ебу Бекир ја изградил џамијата близу Бег Маалото. Џамијата на Ебу Бекир, односно првичната градба, била срушена и потоа била обновена од неговиот стрико Исмаил-ага, кој воедно ја изградил и Саат-кулата до неа, по која џамијата го добила нејзиното народно име. Според вакафнамето од 1688 година, до џамијата била изградена и медреса — првото училиште во Гостивар. Била изградена и библиотека која денес не постои.[3]

Во 1920 година го имала првото реновирање, а во 1944 година џамијата по втор пат претрпела реконструкции. Во 1994 година бил изграден нов голем храм со едно минаре и две шерефиња.[2]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Саат-џамијата како архитектонска градба и припаѓа на класичните облици на градење. Џамијата е покриена со поцинкуван лим, има правоаголна основа и минарето кое излегува од југозападниот ѕид во полигонален облик. Планиметријата и нејзината композициската шема се состои од сала за молитви, трем (хајат) и минаре.[3]

Трем[уреди | уреди извор]

Тремот, наречен и хајат, од Саат-џамијата ја опфаќа нејзината северозападна страна. Неговата внатрешност служи (во случај на потреба, кога во салата нема место или се стигнува со доцнење) за молитви, и за клањање на намазот. Подот од хајатот како секогаш е на повисоко ниво од подот на салата за молитви и теренот покрај џамијата. Од овој дел се влегува директно во салата за молитви.[3]

Молитвена сала[уреди | уреди извор]

Салата за молитви е покриена со купола. Оваа сала има планиметрија од правоаголник и има влез од варата која се наоѓа на северозападната фасада. Салата за молитви добива светло од прозорците поставени со поглед кон четирите конструктивни ѕида од џамијата кои се во правоаголен облик завршен со полукруг.[3]

Минаре[уреди | уреди извор]

Минарето.

Минарето зафаќа место десно од салата за молитви кај што излегува од југозападниот ѕид. Со минарето се комуницира преку мала врата која се наоѓа во салата за молитви. Основата на минарето е правоаголна и продолжува нагоре во полигонален облик и завршува во пирамидален поцинкуван облик.[3]

Махвил[уреди | уреди извор]

Махвилот е целосно направен од бетон. Тој стои на столбовите кои се профилирани од мермер. Махвил како конструктивно архитектонски и функционален дел, ја збогатува и ја крши монотонијата на волуменот на салата за молитви. Галеријата зафаќа место во северозападната и источната страна над влезот во салата за молитви, на цела нејзина должина. Во махвилот се стигнува преку скалило и се наоѓаат во источниот и западниот дел. Особеност на Саат-џамијата е дека таа нема украсни елементи на ѕидовите. Подот од џамијата цел е простран со килим, кој е дизајниран во облик на правоаголник така што секој верник има свое катче за молење и клањање на намазот.[3]

Михраб[уреди | уреди извор]

Михработ се наоѓа помеѓу југоисточниот ѕид и традиционално е свртен кон Мека. Овој елемент е длабнат во ѕид (ницхе), со горниот дел во облик на полуконус збогатен со сталактички украси резбани во б-релјеф, други украсни поединости кај михработ има и во двата странични столба, каде на горниот и долниот дел од столбовите (кафеава боја) украсени се со релјефна капитела, целосно изработени од мермер.[3]

Минбер[уреди | уреди извор]

Минберот од Саат-џамијата стои на десниот дел од источниот ѕид, целиот како елемент е составен од бел мермер. Пармаците се украсени со геометриски облици направени во облик на деветоаголник кои се преплетуваат една со друга и создаваат шестокрака ѕвезда која неколку пати се повторува во правиленгеометриски облик. Страничните плочи од минберот се разубавени со плиток релјеф со неправилни облици. Овој е користи за верски проповеди, од каде што во петоците и во првите два дена од двата Бајрама, имамот држи посебни предавања.[3]

Ќурсија[уреди | уреди извор]

Ќурсијата е елемент изработен од мермер, има исти украсни детали како кај минберот и михработ. Горниот дел има празен петтоаголен облик залепен за ѕид, од левата страна е отворен и служи како влез за верскиот предавач. Во долниот дел има релјефни дела во кои се изразуваат геометриските облици направени во облик на деветоаголник со сталактички градирани детали и со бордура во кафеава боја. Ќурсијата стои над мермерен шестаголен столб, каде што нејзиниот долен дел е поширок, е разубавен со релјефни бордури од мермер.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]


Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Гавровска Бојчевска, Вера (2010). „Приказ на книга на арх. Мирјана Димовска Чоловиќ Саат кулите во Република Македонија“ (PDF). Патримониум. 3 (7–8): 485.
  2. 2,0 2,1 „Основни податоци за општина Гостивар“ (PDF). Стопанска комора на Македонија. Посетено на 27 јануари 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 „Историјат на Саат-џамија“. Гостивар: НУ Конзерваторски центар - Гостивар. Архивирано од изворникот на 23 август 2022. Посетено на 23 август 2022.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]