СУ „Јане Сандански“ - Битола

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето


„Јане Сандански“
Место
Општина: Битола
Место: Битола
Адреса: бул. „1 мај“ бр. 59
Основни информации
Директор: Александар Цветкоски
Настава на: македонски
Контакт информации
Портал https://soeu-jane-sandanski.mk/

Средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ — средно училиште во Битола, Општина Битола.

Основање и развој[уреди | уреди извор]

Првата учебна година на училиштето се смета 1922/23 година кога започнало да работи како двокласно трговско училиште. Било сместено во првата зграда на денешното основно училиште:  „Гоце Делчев“ и тоа само во долниот кат. Работело според програмата на Државната трговска академија во Белград, но прилагодена за двокласно школување. Се примале само ученици со завршени четири класа нижа гимназија и положен полуматурски испит. Но училиштето не било рангирано како полно средно образование.

Во учебната 1925/26 година започнала да се применува програмата за четиригодишно школување, а на 27.06.1927 година училиштето се здобило со статус на потполно средно образование и од „трговско училиште“ било преименувано во „државна трговска академија“. Во оваа академија можеле да се запишуваат само ученици од градовите Битола, Охрид, Прилеп и Штип. Лимитот на запишани ученици бил 30, иако имало поголема заинтересираност. Се вршела селекција и предност имале учениците со одличен успех. Тогаш учениците кои завршувале имале висок углед во општеството поради нивната стручна подготовка и ги имале пред себе сите најпогодни можности за вработување во трговијата, поштите, банките, осигурителните друштва и др. На некои, работните места им биле резервирани уште пред завршувањето.

По германската окупација, зградата на академијата била претворена во воена болница, инвентарот беше уништен, а од документацијата биле спасени само главните книги. Во 1941/42 година училиштето било преименувано во Државна трговска гимназија,  а наставата се одвивала по бугарски школски систем.

По ослободувањето, тогашното социјалистичко општество имало потреба од средно економски кадар и затоа била донесена одлука да отпочнат со работа трговски гимназии во Битола и Скопје.

Името „Јане Сандански“ училиштето го добило на 09.01.1945 година, од кога започнал да се слави 22 април како патронен празник. Како резултат на повеќето промени кои биле извршени во Министерството за просвета, промени претрпело и самото училиште. Во учебната 1960/61 година училиштето конечно го добило името Средно економско училиште од кога почнал да се применува новиот систем на образование со четирите предвидени насоки: книговодствена, комерцијална, финансиска и општа. Била воведена и задолжителна практична работа од 6 часа седмично, која се изведувала во банките и другите организации во градот.

Благодарение на помошта од општествената заедница, кон крајот на 1974 година, била извршена адаптација на зградата на некогашната воена амбуланта. Со собраните финансиски средства се решил просторниот проблем и се создале услови за нормално одвивање на наставно-образовниот процес. Како неисполнета обврска останала изградбата на спортска сала и кабинети.

Истата година биле воведени две, односно, три програмски содржини во првите две години кои го определуваат профилот на училиштето. Во учебната 1982/83 година според  Законот за средно образование се вовел степенест систем на насочено образование, така што биле усвоени заеднички воспитно образовни основи за I и II година. Во тој период постоеле „економско-комерцијална“ и „правно-биротехничка струка“.

Следејќи ги промените во законската регулатива, училиштето денес работи со наставнички колегиум од 31 наставник од кои 18 професори по општообразовни предмети и 18 по стручните предмети;  директор, педагог и 6 административно-технички работници.[1]

Учество на натпревари[уреди | уреди извор]

Освоени награди[уреди | уреди извор]

Познати личности кои учеле во ова училиште[уреди | уреди извор]

Познати личности кои предавале во ова училиште[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „ЗА УЧИЛИШТЕТО“. soeu-jane-sandanski.mk. Посетено на 2020-08-22.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]