СУГС „Владо Тасевски“ - Скопје
СУГС „Владо Тасевски“ | |
Поглед кон училишната зграда | |
Место | |
Општина: | Аеродром |
Место: | Скопје |
Адреса: | бул. Трета македонска бригада б.б. Скопје |
Основни информации | |
Основано: | 1959 |
Директор: | Добре Михајлов |
Настава на: | македонски |
Контактни информации | |
Портал | www.sugsvladotasevski.edu.mk |
е-пошта | sugsvladotasevski@gmail.com |
тел. | +389 2 240 00 40 |
СУГС „Владо Тасевски“ (целосно име: Средно училиште на Град Скопје „Владо Тасевски“ ; познато и како: „ПТТ“) — средно училиште во Скопје, Општина Аеродром.[1]
Училиштето соработува со македонски организации како Македонски Телеком, Македонски железници и Македонска Пошта. Во училиштето е можно вонредно школување и дошколување. Училиштето е едно од најсовремено опремените училишта во Македонија.[2][3]
Основање и развој
[уреди | уреди извор]Средното училиште на Град Скопје „Владо Тасевски“ – Скопје започнало со работа во 1959 година, како Центар за стручно образование на младинци и возрасни од сообраќајна и комерцијална струка, во рамките на ЖТП Скопје, со одлука на Работничкиот совет на ЖТП, а во согласност со Уредбата за центрите за стручно образование на работници, објавена во Службен лист на ФНРЈ бр. 30 од 29 мај 1959 година. Со текот на времето училиштето повеќепати било преобразувано, следејќи ги современите трендови во образованието.
Од 1961 година, почнало со работа Железничкото техничко училиште за сообраќајно-транспортни струки со интернатско сместување. На 14.6.1963 година Центарот бил верифициран од Советот за просвета на СРМ за образование на младинци и возрасни од сообраќајна и комерцијална струка. По катастрофалниот земјотрес, во учебната 1963/64 година Железничкото сообраќајно-техничко училиште, како и една паралелка машиноводители, биле привремено преместени во Белград, каде што ја следеле наставата во Железничкиот училиштен центар.
Со текот на годините, дејноста на Центарот била проширена и во периодот 1963–1974 година во Училиштето биле образувани машинобравари, металостругари, електромеханичари, машински и електротехничари за јака струја, односно кадри за потребите на Железничко-транспортното претпријатие Скопје.
На 15 април 1979 година, со Одлука на Работничкиот совет на Железничко-транспортното претпријатие Скопје, Центарот го добило името на првоборецот-железничар Владо Тасевски.
Во 1982 година, Училишниот центар потпишал договор со либиска Џамахирија за школување на либиски ученици за следниве профили: градежни техничари за одржување на пруги, сообраќајно-транспортни техничари и електро техничари за СС и за ТК постројки. Средствата добиени за оспособувањето на учениците од либиска Џамахирија биле искористени старата и дотраена градба во која била остварувана наставата, да биде заменета со нова и современа градба што била изградена во 1984 година.
До 1983 година Училишниот центар образувал само кадри за железнички сообраќај за потребите на Железничко-транспортното претпријатие Скопје, како и за другите работни организации во Република Македонија.
Учебната 1983/84 започнала во новата училишна зграда. Новата зграда во потполност ги задоволувала нормите на воспитно-образовниот процес и било современо училиште со одлични услови за работа. Истата година биле воведени нови смерови од областа на ПТТ сообраќајот и телекомуникациите, со што училиштето го добило името Училиштен центар за железнички и ПТТ сообраќај „Владо Тасевски“. Во училиштето биле школувани ученици од сите градови во Македонија, кои имале гарантирано работно место во средините од каде што доаѓале.
До 1996 година, Училишниот центар работел како посебна организациона целина во рамките на Железничко-транспортното претпријатие - Скопје, а оттогаш како посебен правен субјект во рамките на Министерството за образование на РМ како Државно средно училиште (ДСУ) за железнички и ПТТ сообраќај „Владо Тасевски“.
Во април 1998 година, училиштето се вклучило во ФАРЕ-проектот за реформа на средното стручно образование, во рамките на кој била планирана осовременување и преобразба на воспитно-образовниот процес.
По започнувањето на процесот на децентрализација, со пререгистрација во Основниот суд Скопје 1 во 2004 година, Училиштето преминало под ингеренција на Град Скопје и го сменило името во СУГС „Владо Тасевски“. Во изминатите 51 година, во училиштето биле образувани 22.000 ученици.[4]
Во изминатите 63 години во училиштето се образуваа ученици, оспособувајќи се за следниве профили:
Во сообраќајна струка: транспортен комерцијалист; техничар за ПТТ сообраќај; техничар за техничка колска служба – прегледувач на коли; техничар за транспорт и шпедиција; станичен работник; сообраќаен транспортен техничар; кондуктер; возоводител; машиновозач на дизел и на електро влечни средства; маневрист; машиновозач на маневра; техничар за железнички сообраќај и сообраќајно‐транспортен магационер.
Во електротехничка струка: техничар за телекомуникации; техничар за комуникациони уреди и преносни системи; електротехничар за СС постројки; електротехничар за ТК постројки; електротехничар за возни средства; ТТ монтер; електротехничар‐електроничар; електротехничар за електроника и телекомуникации; електромеханичар; електротехничар енергетичар.
Во машинска струка: машински техничар за влечни средства; машинобравар–металостругар; машинобравар; металостругар; бравар-механичар за железнички возни средства; машински техничар за шински возила, и машински енергетски техничар.
Во учебната 2001 година, во училиштето почнала да биде остварувана долгогодишната идеја за специјалистичко образование (V степен) од електротехничка, машинска и од сообраќајна струка. Од запишаните 651 кандидат, 415 успешно ја завршиле обуката и се стекнале со уверенија за специјалистички студии.
Во учебната 2004/2005 година во Училиштето била отворена една паралелка на албански наставен јазик за електротехничар за електроника. Наредната година се запишале две паралелки од сообраќајна струка за новоотворениот профил – техничар за транспорт и шпедиција. Заради просторните можности на Училиштето, денес сите паралелки од сообраќајна и електротехничка струка на албански наставен јазик ја следат наставата во СУГС „8 Септември”.
Во учебната 2008 година, во училиштето почнала да биде остварувана обука за одделни занимања и вештини кои биле во недостиг на пазарот на трудот од машинска и од електротехничка струка за невработени лица, како пилот-обука од оперативниот план на Владата на РМ, во која биле опфатени вкупно 44 невработени лица.[4]
Струки и смерови
[уреди | уреди извор]Училиштето обезбедува обука во неколку струки, вклучувајќи машинска, електротехничка и сообраќајна, кои се поделени на различни технички смерови.[5][6] Конкретните струки и профили се следниве:
- Машинска струка
- Машинско енергетски техничар
- Техничар за производно машинство
- Техничар за компјутерско управувањe
- Електротехничка струка
- Електротехничар за електроника и телекомуникации
- Електротехничар за компјутерска техника и автоматика
- Сообраќајна струка
- Техничар за транспорт и шпедиција
- Техничар за железнички сообраќај
Познати личности кои учеле во ова училиште
[уреди | уреди извор]Директор и управни органи
[уреди | уреди извор]Сегашен директор на училиштето е професорот по информатика, Добре Михајлов, кој ја презеде функцијата во 2024 година.[7][8] Помошници-директори за учебната 2024/2025 година се Дејан Крстевски и Соња Павлова.[9]
Список на директори
[уреди | уреди извор]Име на директор | Период | Предмет |
---|---|---|
Билјана Глигорова | 2012 – 2018 | Професор по општествени науки |
Александар Сибиновски | 2018 – 2024 | Професор по спорт |
Добре Михајлов | 2024 – тековен | Професор по информатика |
Наставен кадар
[уреди | уреди извор]Во училиштето вкупно се вработени 70 професори, од кои 48 се жени и 22 се мажи. Овој состав на професорите е распределен на различни образовни профили и области.[10]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Листа на средни училишта во кои е застапено стручното образование во Република Македонија
- ↑ „Откако го осовремени и опреми „Владо Тасевски", Сибиновски се повлече од директорската позиција“. Фокус (англиски). 2024-09-03. Посетено на 2025-01-09.
- ↑ „ГО ЧИСТЕЛЕ ДВОРОТ НА СКОПСКОТО СРЕДНО УЧИЛИШТЕ „ВЛАДО ТАСЕВСКИ" И ОТКРИЛЕ ПРУГА ОД 1926 ГОДИНА“. Сакам Да Кажам. 2020-11-07. Посетено на 2025-01-09.
- ↑ 4,0 4,1 Годишна програма на училиштето СУГС Владо Тасевски за учебната 2010/2011 година
- ↑ „Струки“. СУГС „Владо Тасевски“ - Скопје. Посетено на 2025-01-09.
- ↑ Author, Goce (2024-11-27). „Недостасуваат работници во Македонија“. Гоце. Посетено на 2025-01-09.
- ↑ „Директор и управни органи“. СУГС „Владо Тасевски“ - Скопје. Посетено на 2025-01-09.
- ↑ Дејан, Дејан (2024-12-06). „Нови седум случаи на повредени деца од „ТикТок" предизвикот ,,Супермен“. telma.com.mk. Посетено на 2025-01-09.
- ↑ Скопје1.мк (2024-09-03). „Сибиновски се повлече од директорската позиција на средното училиште ,,Владо Тасевски" - Скопје1.мк“. Посетено на 2025-01-09.
- ↑ „Наставен кадар“. СУГС „Владо Тасевски“ - Скопје. Посетено на 2025-01-09.