Русите доаѓаат, Русите доаѓаат

Од Википедија — слободната енциклопедија

Русите доаѓаат, русите доаѓаат! (англиски: The Russians Are Coming, the Russians Are Coming) - американски филм од 1966 година, во режија на Норман Џуисон, според сценариото засновано врз романот на Натаниел Бенчли. Главните улоги ги играат: Карл Рејнер, Ева Мари Сеинт, Алан Аркин, Брајан Кејт, Џонатан Винтерс, Пол Форд, Теодор Бајкел, Џон Филип Ло, итн. Во 1967 година, филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во четири категории, како и за наградата „Златен глобус“ во пет категории од кои победил во две: најдобар филм - комедија или мјузикл и најдобар глумец (Алан Аркин). Исто така, филмот имал и две номинации за наградата БАФТА.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива за време на Студената војна, кога една советска подморница заглавува во близината на еден остров во американската сојузна држава Масачусетс. Деветмина морнари, предводени од Розанов (го игра Аркин), оди во блиската населба за да најде брод со кој би ја одвлекле подморницата назад во морето. Тие доаѓаат во една куќа во која го минува својот летен одмор писателот Волт Витекер (го игра Рејнер), заедно со семејството. Тој помислува дека Советскиот Сојуз ги нападнал САД и наскоро целиот крај е зафатен од паника. Притоа, една група жители се самоорганизира, со цел да го одбрани островот, а шефот на полицијата настојува да ги вразуми. Советските морнари го заробуваат Витекер, а неговата ќерка се зближува со советскиот морнар Алексеј (го игра Ло). Една група од советските морнари успева да грабне брод, но капетанот на подморницата, мислејќи дека другите морнари се заробени, наредува да го нападнат градот. Тогаш, на пристаништето се собира месното население, при што советските морнари и Американците се здружуваат за да спасат едно дете. Најпосле, кон островот полетуваат американски воени авиони, со цел да ја уништат подморницата, но месното население со своите бродови и чамци ја придружува подморницата сè додека таа безбедно не си замине.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]