Руса трева
| Руса трева | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Непознат таксон (попр): | Chelidonium |
| Вид: | Руса трева |
| Научен назив | |
| Chelidonium majus Карл Линеј | |
| Синоними | |
| |
Русa трева (лат: Chelidonium majus) (росопас, жолта трева, лишавица, змиско млеко, змиско грозје, божји дар, Маријанина трева) — повеќегодишно цветно растение од фамилија Papaveraceae. Во различни краишта билката различно се нарекува.
Име
[уреди | уреди извор]Латинското име е chaledonium majus. На македонското јазично подрачје познато е како росопас, жолта трева, лишево билие (Горни Порој, Демир Хисар), камбула (Сенгелево)[1]
Опис
[уреди | уреди извор]Русата трева е повеќегодишно тревесто растение, високо 80–90 см, кое содржи жолто-портокалов млечен сок. Коренот е добро развиен и влакнест. Стеблото е исправено, разгрането и покриено со ретки, раштркани влакна.
Листовите се перести или пересто насечени, често со еден пар лиски што се нерамномерно насечени. Насечените делови имаат назабени рабови со тапи запци. Завршниот дел на листот е триделен, а страничните делови имаат израстоци на надворешната страна, налик на прилисници. Лиските се обратно јајцевидни, речиси симетрични и назабени со тапи запци. Горната страна на листовите е зелена, а долната синозелена и покриена со ретки влакна. Долните листови имаат лисни дршки, додека горните се приседнати.
Цветовите се собрани по 2–6 во штитовидни соцветија на врвовите на стеблата и гранките. Цветните пупки се обратно јајцевидни, тапи, долги околу 8 мм и широки до 5 мм, а цветните дршки се долги 10–20 мм. Цветовите имаат две жолтеникави чашкини ливчиња, понекогаш покриени со ретки пајажинести влакна, кои бргу отпаѓаат, и четири жолти венечни ливчиња, долги 8–12 мм. Прашниците се жолти, а нивните прашнички конци се проширени во горниот дел. Плодникот е составен од два плодни листа, со дводелен жиг и многу краток столпец.
Плодот е издолжена, цилиндрична кутијка, долга 3–5 см, гола и со малку нерамна површина. Се наоѓа на исправена плодна дршка и при созревањето се отвора со две капачиња. Семето е црно, бубреговидно и долго 1–1,5 mm. Растението цвета од април до август. Сите негови делови содржат отровен жолто-портокалов млечен сок.[2][3][4]
Област на распространетост и живеалиште
[уреди | уреди извор]Chelidonium majus е автохтон во повеќето региони на Европа. Исто така, се среќава во Северна Африка во Макаронезија, Алжир и Мароко. Во Западна Азија се среќава на Кавказ, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Казахстан, Монголија, Сибир, Иран и Турција. Неговите живеалишта вклучуваат карпести падини, шуми, пустини и крајпатни предели.
Во Македонија е многу често растение по ѓубришта, влажни места, покрај куќи, по засенчени места, паркови, покрај влажни патеки, јазови и слично. Се среќава речиси насекаде до 1500 метри надморска височина.[4]
Лековит и хемиски состав
[уреди | уреди извор]Жолтиот сок од руса трева содржи голем број на различни алкалоиди, од кои некои се поврзани со опиумот. Коренот е најбогат со алкалоиди (до 3%), додека помалку се наоѓа во стеблото - до 1%. Поради присуството на голема количина на алкалоиди, многу фитотерапевти сметаат дека ова растение е отровно и погодно само за надворешна употреба. Токсичноста главно произлегува од алкалоидот хелелитрин. Покрај алкалоидите, содржи и сапонини, органски киселини (хелидонска, лимонска, јаболкова итн), флавоноиди, протеолитички ензими (разградуваат белковини) итн.
Употреба
[уреди | уреди извор]Руса трева се користи за лекување на стомачни болки, заболувања на црниот дроб (хепатитис), за усогласување на работата на дигестивниот систем, а делува и на бактериите, особено на грам-позитивните. Има податоци и за цитостатичното дејство на ова растение, па неговиот жолт сок традиционално се користи за отстранување на брадавици, плускавци, лишаи, егзема и други промени на кожата. Се користи и во народната медицина за третман на тумори и промени во женските генитални органи (тумори, фиброиди, рани, воспаленија и сл) како чај и средство за плакнење.
Треба да бидете многу внимателни кога користите руса трева. За внатрешна употреба се користи само сушеното растение, со паузи: се користи три недели, а една се паузира. Дневната доза на добро исушено растение е 2-4, а во овие терапевтски дози не постои можност за труење. Може да се појави повраќање, дијареа и абдоминална болка. Дермалната апликација може да предизвика алергиски реакции.[5]
Галерија
[уреди | уреди извор]- цвет
- лист
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Билтен на одборот за изработување на македонската терминологија, МАНУ, Скопје, 1974, стр. 8
- ↑ Hand-list of orchids, cultivated in the Royal Botanic Gardens. London: Printed for H.M. Stationery Off. by Darling. 1904.
- ↑ „Figure 1: Chelidonium majus“. dx.doi.org. Посетено на 2022-02-22.
- 1 2 Мицевски, Кирил (1993). Флора на Република Македонија. Том I св.2. Скопје: Македонска академија за науките и уметностите. стр. 164-165.
|access-date=бара|url=(help) - ↑ „Rosopas (Chelidonium majus)“. Plantea (хрватски). 2014-11-26. Посетено на 2019-09-04.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Blanchan, Neltje (2005). Wild Flowers Worth Knowing. Project Gutenberg Literary Archive Foundation.
|