Рокабили

Од Википедија — слободната енциклопедија

Рокабили (англиски: Rockabilly) — еден од најстарите правци во рокенрол музиката која потекнува од 50-тите години од XX век во САД, а обнова доживува во текот на осумдесеттите.

Како правец настанува во јужните делови на САД поврзувајќи ја во себе традиционалната кантри- и блуз-музика. Називот е добиен со спојување на првиот збор од „rock and roll“ и вториот слог од називот „hillbilly“ што е погрден назив користен за жителите на руралните планински подрачја во источниот и централниот дел на САД. „Hillbilly“ во музиката се користи како назив за потрадиционалните облици на кантри-музиката во кои одмерените и фини влијанија на „отмената“ музика карактеристични за учените музичари послабо или никако не се чувствуваат — станува збор за музика која најчесто се изведува со виолина, бенџо, мандолина и гитара.

Музичарите кои во педесеттите години ќе го покренат овој правец првенствено растеле во државите на југот на САД во текот на 30-ите и 40-тите години, каде што во тоа време, на основата на фолклорната музика, многу музички состави создавале и свиреле „western swing“ и „boogie-woogie“ музика.

Музичарите како Елвис Присли (Мисисипи, 1935 — 1977), Бади Холи (Тексас, 1936 — 1959), Рој Орбисон (Тексас, 1935 — 1988) и Џери Ли Луис (Луизијана, 1935) растеле со таква музика и на инвентивен начин ја поврзале традицијата од „hillbilly“ со блуз, но и останати музички влијанија, користејќи електрични гитари, но останати можности од „електричната“ музика.

Елвис Присли е најпознат музичар од овој правец, а тој и го прави славен. Неговото влијание на рок-музиката е огромно во тоа време, можеби и најголемо во првиот дел од кариерата — во текот на 50-ите години.