Прејди на содржината

Роберт Валзер

Од Википедија — слободната енциклопедија

Роберт Валзер (германски: Robert Valser) (1878, Бил, Германија - 1956, Швајцарија) бил германски писател, кој пишувал поезија, раскази и романи.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Валзер е роден во 1878 година, во Бил, Германија. По завршувањето на училиштето се вработил како помошник-службеник во една банка, а подоцна работел и во фабрика за машини за шиење и во електродистрибуција, како слуга.

Од 1905-1906 година, Валзер живеел во Берлин, кој го напуштил во 1913 година, враќајќи се во родниот град. Таму изнајмил соба во одделот за слугите во хотелот “Син крст”, каде живеел повлечен и сиромашен живот. Во 1920-тите, Валзер се преселил во Берн, каде повторно живеел повлечен живот во едно поткровје. На почетокот на 1929 година, поради психичка криза, против својата волја, Валзер бил однесен во психијатриската клиника “Херизау”, каде останал затворен до крајот на животот. Умрел на Божиќ, во 1956 година, за време на една осамена прошетка по снегот.[1]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Валзер започнал како поет. Неговите први песни, објавени во 1898 година, му овозможиле да навлезе во литературните кругови на Минхен и на Берлин. Во 1907 година го објавил првиот роман “Децата на Танер”, следната година излегол неговиот втор роман “Калфа”, а во 1909 година и третиот роман “Јакоб фон Гунтен”. Иако трите романи биле забележани од критиката, сепак, Валзер не успеал да се наметне на литературната сцена во Берлин и затоа, разочаран, се вратил во родниот град.

Во 1917 и 1918 година ги објавил кратките прозни дела “Мала проза” и “Животот на поетот”. Неговот најзначајно дело од овој период е долгиот расказ “Прошетка” од 1917 година. Истата година го напишал романот “Тоболд”, кој останал неотпечатен и денес се смета за исчезнат. Истата судбина го затекнала и романот “Теодор” од 1921 година. Во овој период, Валзер објавувал во дневните весници и во книжевните списанија, но успеал да објави само една книга - “Роза”, во 1925 година. Од овој период потекнуваат и бројни раскази, како и романот од 1925 година, “Разбојници - роман”. Овие скици, ссочувани на 526 листови, напишани со молив, со ситен ракопис долго време биле сметани за тајни ракописи, но почнувајќи од 1980-тите, во текот на цели 20 години, ракописите на Валзер биле одгатнати и објавени во текот на 1985-2000, во шест тома, под насловот “Од областа на моливот”. Во 1933 година, останувајќи засекогаш затворен во психијатриската клиника “Херизау”, Валзер се откажал од пишувањето.

За време на животот, Валзер останал непознат, иако некои негови современици (Франц Кафка, Херман Хесе, Курт Тухолски, Роберт Музил и Валтер Бенјамин) многу го ценеле неговото дело. Денес, тој се смета за водечки германски писател од првата половина на XX век.[1]

  1. 1,0 1,1 Н.Г., “Белешка за авторот”, во: Роберт Валзер, Јакоб фон Гунтен (второ издание), Темплум, Скопје, 2005, стр. 149-150.