Робертов Квартет (Робертова Четворка) — компактна галактичка група оддалечена на околу 160 милиони светлосни години и сместена во соѕвездието Феникс. Претставува семејство од четири мошне различни галаксии чија меѓусебна близина е одговорна за настанокот на 200 ѕвездородни области и имаат развлечен млаз од гас и прав долг 100.000 светлосни години.[1] Нејзините членови се NGC 87, NGC 88, NGC 89 и NGC 92, откриени од Џон Хершел на 30 септември 1834 г.[2]
Квартетот е еден од најдобрите примери за компактни галактички групи.[1] Бидејќи таквите групи содржат по четири до осум галаксии на мошме мало подрачје, тие се многу згодни за проучувањето на галактичките заемодејства и нивните ефекти, а особено настанокот на ѕвездите.[3] Робертовиот Квартет има вкупна привидна величина од речиси 13.[3] Најсјаен член на групата е NGC 92, со сина величина од 13,8.[4] На небото, четирите галаксии се во попупречнички круг од 1,6 лачни минути, што одговара на 75.000 светлосни години.[3] Групата е именувана од астрономите Халтон Арп и Бери Мадор[3] во чест на Роберт Фридман, кој пресметал голем дел од поправените положби на галаксиите во нивниот „Каталог на јужни необични галаксии и здруженија“ од 1987 г.[3]