Роалд Дал

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дал во 1954 година

Роалд Дал (англиски: Roald Dahl, 1916 - 1990) — британски писател.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роалд Дал е роден во Јужен Велс, а неговите родители имаат норвешко потекло. За време на детството, неговото хоби било читањето, а омилени автори му биле Радјард Киплинг, Р. Хагард и други, кои пишувале авантуристички дела во кои се нагласени машкоста и хероизмот. По завршувањето на образованието, тој отпатувал во Африка, каде работел за Шел. Во 1939 година, доброволно се пријавил во англиското воено воздухопловство во Кенија, а во 1940 година неговиот авион бил соборен во Либиската Пустина при што тој се извлекол со тешки повреди. Во 1942 година се вработил во британската амбасада во САД. Во 1953 година се оженил со глумицата Патриша Нил со која имал пет деца. Во една прилика, Дал изјавил: „Да немав деца, никогаш не ќе пишував детска литература“.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Дал има напишано околу 40 дела за возрасни и за деца. Негови најпознати дела се:[2]

Роалд Дал во себе крие две личности: морничав и пакосен автор на возбудливи дела за возрасни и хумористичен писател на книги за деца. Според неговата ќерка, најголемиот квалитет на Дал „е неговата способност сè она што го пишува да изгледа како авантура“. Слично на Чарлс Дикенс, и тој измислува необични имиња на книжевните ликови, како: Вили Вонка, Магл Вамп, Грунчери итн. Неговите дела се хумористични и фантастични при што црниот хумор е карактеристичен за неговите романи за возрасни, додека книгите за деца се полни со необични досетки. За него, книжевната критика пишува дека е „лудо смешен, чудесно инвентивен и прекрасно груб“. Неговите дела, особено оние наменети за децата, се многу популарни, а врз основа на некои од нив се снимени и филмови („Гремлини“, „Чарли и фабриката за чоколади“).[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Катица Ацевска, „Фантастичниот Господин Лисец“, во: Роалд Дал, Фантастичниот Господин Лисец. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2005, стр. 85-86.
  2. Катица Ацевска, „Фантастичниот Господин Лисец“, во: Роалд Дал, Фантастичниот Господин Лисец. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2005, стр. 85-87.
  3. Катица Ацевска, „Фантастичниот Господин Лисец“, во: Роалд Дал, Фантастичниот Господин Лисец. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2005, стр. 85-87.