Ришнанин хаџија и трговецот Лимун

Од Википедија — слободната енциклопедија

Ришнанин хаџија и трговецот Лимун (српски: Ришњанин Хаџија и Лимун Трговац) е српска епска (ајдучка) песна.

Содржина[уреди | уреди извор]

Ришнанин Хаџија договара свадба со девојка од Сремска Митровица, која треба да се одржи по три месеци. Одејќи кон Рисан, тој го среќава трговецот Лимун кој води 1.000 волови. Со измама, аџијата му го зема оружјето на Лимун, кој се заколнува дека ќе му се одмазди. Потоа, тој ги продава воловите, си прави ново оружје и ѝ се приклучува на ајдучката дружина на Бајо Пивљанин. Ришнанин Хаџија дознава за заканата и, од страв, четири години не оди по невестата. Петтата година, тој добива писмо од таткото на невестата и така е принуден да собере сватови кои ќе ја донесат невестата. Лимун ги пропушта сватовите да одат во Митровица. На патот до Рисан, невестата постојано ѝ пишува писма на мајка си, известувајќи ја за патувањето, но кога поворката пристигнува во Корита, таа сонува мрачен сон. Минувајќи низ Корита, свадбената поворка прекинува со пеењето, но и покрај тоа, Бајо и Лимун ги забележуваат. Сепак, Бајо го потсетува Лимун на ајдучкиот обичај да не напаѓаат сватови и Лимун се согласува да ја пропуштат поворката. Тогаш, еден Циганин им се потсмева на ајдуците и така ги разлутува Бајо и Лимун, кои ја напаѓаат поворката и ги убиваат сите, освен невестата и деверот, Дурмиш-бег. Лимун му ги сече рацете на бегот и ја зема невестата со себе. Ришнанин Хаџија доаѓа на местото и Дурмиш-бег му кажува каде може да го најде Лимун. Тогаш, Ришнанин Хаџија пука во Лимун, но намесот него, ја погодува невестата. Лимун и Бајо тргнуваат во потера по аџијата, ја убиваат неговата дружина, но тој успева да побегне. Кога се враќаат назад, невестата умира.[1]

Осврт кон песната[уреди | уреди извор]

Оваа песна ја запишал Вук Караџиќ по кажувањето на Тешан Подруговиќ, кој и самиот бил ајдук. Ришнанин Хаџија, т.е. аџијата од Рисан е Ризванагиќ, историска личност од втората половина на XVII век. Според кажувањата, тој имал христијанско потекло, а бил познат како голем јунак. Трговецот Лимун (или Лимо) бил ајдук од дружината на познатиот ајдук од XVII век, Бајо Пивљанин,[2] за кого е испеана втората најбројна група ајдучки песни.[3] Сите места кои се споменуваат во песната се автентични.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 97-107.
  2. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 151.
  3. „Песме о хајдуцима“, во: Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 145.
  4. Хајдуци. Београд: Народна књига, 1965, стр. 151.