Прејди на содржината

Ричард Аведон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ричард Аведон
Ричард Аведон во 2004 година
Роден(а)15 мај 1923
Њујорк, Њујорк, Соединети Држави
Починал(а)1 октомври (81 година)
Сан Антонио, Тексас, Соединети Држави
Алма матерНовата школа за општествени истражувања
Познат(а) поФотографија
Сопружник
(в. 1944; разведен 1949)

Евелин Френклин
(в. 1951)

Ричард Аведон (15 мај 1923 – 1 октомври 2004 година) ― моден фотограф  и фотограф на портрети од Соединетите Држави. Во посмртницата во дневниот весник The New York Times, било објавено дека: „неговите портрети и модни фотографии и помогнале на Америка да го обликува својот стил за мода, убавина и култура во последната половина на дваесеттиот век.[1]

Биографија и образование

[уреди | уреди извор]

Аведон е роден во Њујорк Сити во семејство со еврејско потекло. Неговиот татко, Џејкоб Израел Аведон, бил руски имигрант кој од обичен работник отворил свој бутик за фустани на Петтата Авенија наречен „Кај Аведон  на Петта Авенија“. Како дете од семејство во бизнисот за мода, неговата љубов кон модата и уметноста сè повеќе растела, а неговата мајка Ана постојано го поддржувала во тоа. Во периодот кога имал 12 години се зачленил во клубот на фотографи во „Асоцијацијата на млади евреи“. Со фотоапаратот на своето семејство (Kodak Box Brownie) тој ја разбудил љуботпитноста кон светот. Критичниот и строг татко го воспитувал дека физичката подготвеност, образованието и парите го подготвуваат човекот за живот. Првата муза на Ричард е неговата сестра Луиза. Во тинејџерските години таа се борела со шизофренија. Овие влијанија поврзани со модата и семејните проблеми тој често ги изразува во своите фотографии каде прикажува трагична убавина.

Аведон го завршил средното училиште Девит Клинтон, во Бедфорк Парк, каде работел за училишниот весник „Мегпај“ заедно со Џејмс Болдвин, од 1937 година до 1940 година. Како тинејџер ја добил наградата Сколастик Арт енд Рајтинг.[2]

По завршувањето на средното училиште тој се запишал на Универзитетот Колумбија за да студира филозофија и поезија, но ги напуштил студиите после една година. Во тоа време започнал да работи во морнарицата фотографирајќи портрети на екипажот за документи за лична идентификација. Од 1944 година до 1950 година, Аведон студирал фотографија заедно со Алексеј Бродотович во Новата школа за социјални истражувања.

Кариера во фотографијата

[уреди | уреди извор]

Во 1944 година, Ричард Аведон работел како маркетинг фотограф за една стоковна куќа, но набрзо бил забележан од Алексеј Бродович, уметнички директор на модниот магазин Харперс Базар, кој го земал под своја закрила. Лилијан Басман исто така ја поддржала неговата кариера, па веќе во 1945 година негови фотографии се појавиле во списанието Џуниор Базар, а една година подоцна биле објавени и во престижниот Харперс Базар.

Во 1946 година Аведон отворил сопствено фото-студио и започнал да работи за познати списанија како Vogue и Life, а набрзо станал и главен фотограф за Харперс Базар. Од 1950 година дал значаен придонес и за списанијата Лук и Графикс. Во 1952 година работел како уредник и фотограф во списание посветено на театарската уметност.

Аведон направил револуција во модната фотографија: наместо класичниот пристап, во кој моделите позирале статично и без емоции, тој ги прикажувал насмеани, динамични и често фотографирани во надворешни услови. Овој пристап внел живот, движење и наратив во модната фотографија.

Кон крајот на 1950-тите години, незадоволен од резултатите со природна светлина, Аведон повторно се вратил кон студиската фотографија, каде користел контролирано осветлувања и минималистички позадини за да го стави целосниот фокус на моделот и неговиот израз.[3]

Кога Дијана Вриланд го напуштила Харперс Базар во 1962 година и започнала да работи за Vogue, Ричард Аведон веднаш ѝ се придружил. Таму тој станал главен фотограф, а неговите фотографии се појавувале на насловните страници од 1973 година па сè до доаѓањето на Ана Винтур во 1988 година.

Едни од неговите најзначајни фотосесии биле оние за Џани Версаче за колекцијата пролет/лето 1980 година. Тој фотографирал и за кампањата на Келвин Клајн, каде ја фотографирал петнаесетгодишната Брук Шилдс, а исто така ја режирал и во последователните телевизиски реклами. Аведон првпат соработувал со Шилдс во 1974 година во реклама за Colgate, а подоцна ја фотографирал и за модната куќа Версаче. Таа била вклучена во дванаесетте најдобри насловни страници на Вог, како и во кампањата на Ревлон.

На 9 февруари 1981 година, во изданието на Њузвик, Аведон изјавил: „Брук е како громобран. Таа го впива бесот на луѓето од опаѓањето на моралот на денешницата и уништувањето на невиноста во светот“. За работата со Аведон, Шилдс во мај 1992 година изјавила за списанието Интервју: „Кога Дик влегува во некоја просторија, многу луѓе се застрашени од неговата строгост, но кога работи, тој е толку креативен, толку чувствителен... И не сакал кога некој зборувал или се движел наоколу додека работел. Постоела една взаемна ранливост, момент на соединување – или го разбираш или не.“

Покрај континуитетот во модната фотографија, кон крајот на 1960-тите години Аведон се посветил и на фотографирање портрети на активисти за граѓански права, политичари и маргинализирани групи од различни делови на Америка, каде владееле насилство и општествен раздор. Тој ги проширил своите интереси фотографирајќи пациенти од психијатриски болници, настани поврзани со движењето за граѓански права во 1963 година, протести против војната во Виетнам, како и падот на Падот на Берлинскиот ѕид.

Во 1964 година издал книга со наслов „Ништо лично“, со текст на неговиот соученик од средно училиште Џејмс Болдвин. Во текот на овој период Аведон ги фотографирал Битлс, а овие фотосесии станале едни од највпечатливите во нивната кариера. Првата фотосесија, направена во 1967 година, станала една од најпопуларните серии на постери, со психоделични портрети од членовите на бендот. Следната година ги фотографирал повторно, овој пат во посмирен стил, а фотографиите биле искористени за омотот на нивниот албум од 1968 година.

Од многуте рок-бендови што ги фотографирал, една од највпечатливите фотосесии била онаа на Електрик Лајт Оркестра, во која членовите биле прикажани на провокативен начин.

Аведон секогаш бил заинтересиран за портретирање на карактерот и „душата“ на личноста. Со зголемувањето на неговата репутација, тој фотографирал бројни значајни личности во своето студио, меѓу кои Бастер Китон, Маријан Андерсон, Мерилин Монро, Езра Паунд, Карен Бликсен, Двајт Д. Ајзенхауер, Енди Ворхол.

Неговите портрети биле во минималистички стил, со субјектот поставен на бела позадина и директно свртен кон фотоапаратот. Со елиминирање на реквизитите и контролирање на светлината, Аведон се фокусирал на внатрешниот свет на субјектот, евоцирајќи силни емоции и реакции. Понекогаш ги наведувал субјектите да зборуваат за непријатни теми, поставувајќи лични прашања, со што создавал фотографии кои ја откривале нивната длабока и често скриена личност.

Аведон фотографирал и групни готографии со еминентни личности: Енди Ворхол, Седумката на Чикаго, радикална политичка група осудена за предизвикување бунт за време на Демократската Национална Конвенција во 1968 година; поетот Ален Гинсберг и неговата поширока фамилија; и групата на воени и владини претставници кои го водеа учеството на соединетите држави во војната со Виетнам.[4]

Во 1982 година Аведон изработил инвентивна серија на рекламни спотови за модната куќа Кристијан Диор, заснована на идејата од филм стил фотографии. Режисерот Андре Грегори, фотографот Винсент Валарин и моделот Кели Ле Брук, се дел од фотографиите во боја кои ја прикажаа лудата страна на едно „Диор семејство“ кое живее  во полигамна љубов.

Во 1992 година Аведон е првиот фотограф за списанието Њу Јоркер, каде работел на постапокалиптични, откачени модни бајки „Во сеќавање на г-дин и г-ѓа Комфорт“ со Надја Ауерман како модел, кои се издаваат во 1995 година. Фотографиите почнувајќи од првата публикација се теми на широка дискусија: неиздадени фотографии од Мерилин Монро, Кристофер Рид во количка како толкува, голи фотографии од Шарлиз Терон во 2004 година итн. Некои од не толку контроверзните фотосесии ги вклучуваат Саул Беул, Хилари Клинтон, Тони Морисон, Дерек Валкот, Џон Кери и Стефан Сондхајм. Во подоцнежните години дал придонес на Егоист, каде неговите фотографии се појавувале од 1984 сè до 2000 година. Во 1999 година Аведон ја фотографира јапонско-американската пејачка Хикару Утада.

Ени Лебовиц го именува Аведон како огромно влијание, опишувајќи го неговиот стил како „лична репортажа“ развивајќи блиска врска со фотографираните личности.

Во 1974 година, Ричард Аведон преживеал сериозни проблеми со срцето. Овој кризен период го инспирирал да погледне од поинаква перспектива и да создаде нови фотографски колекции. Во 1979 година, Мичел А. Вилдер, директор на Музеј на американска уметност Амон Картер, му понудил на Аведон да го реализира проектот „Западниот проект“. Овој проект претставувал пресвртна точка во неговата кариера.

Во рамките на проектот, Аведон фотографирал работници во работна облека, домаќинки, фармери и бездомници, наместо гламурозни јавни личности, кои дотогаш биле негов вообичаен фокус. Работата на проектот траела пет години, а резултатот бил изложба и придружен каталог. Заедно со својата екипа, фотографирал 762 луѓе и создал околу 17.000 негативи на 8×10 (Kodak Tri-X) филм. Преку овие фотографии, Аведон создавал длабока приказна за луѓето и нивните внатрешни состојби – врска која, според многумина, не би се остварила доколку не ги преживеел личните здравствени кризи.

Тој патувал низ панаѓури, карневали, рудници, кланици и затвори, барајќи автентични личности за фотографирање. Подоцна, во 1994 година, повторно ги посетил некои од луѓето кои ги фотографирал и зборувал за тоа во рамки на проектот „На АМериканскиот запад“. Еден од нив бил Били Мад, возач на камион кој постојано бил на пат и ретко го гледал своето семејство. Тој бил осамен и депресивен човек кој во една прилика се сретнал со Аведон, кој му предложил да го фотографира. Кога за првпат го видел својот портрет, Мад заклучил дека Аведон успеал да го долови неговото внатрешно, неискажливо јас. Таа фотографија му влијаела силно – подоцна ја напуштил работата и се вратил кај своето семејство.

Во продукцискиот процес, Аведон се соочил со проблеми при изборот на соодветна хартија за печатење. Експериментирал со платина, но на крајот се одлучил за Портига Рапид – двослоен фотографски материјал со сребрена основа. Секој принт барал исклучителна прецизност и вклучувал во просек од триесет до четириесет манипулации. Биле изработени два изложбени примероци: едниот останал во сопственост на музејот, а другиот бил во сопственост на фотографот и патувал со изложбата. Процесот на печатење траел девет месеци, при што биле искористени околу 6.317 м² материјал.

Иако изложбата била едно од најзначајните дела на Аведон, таа често била предмет на критики. Дел од јавноста ја обвинила за искривено прикажување на американскиот Запад, нагласувајќи воајерски пристап и експлоатација на субјектите. Критичарите се прашувале зошто фотограф со углед во модната индустрија се насочил кон прикажување на работничката класа и нивните тешкотии. Според нив, намерите на Аведон биле да предизвика чувство на сожалување и емотивна реакција кај публиката.

Аведон има многубројни изложби низ целиот свет. Првата ретроспектива на фотографии се случила во 1970 година во Институтот за уметност Минеаполис. Во Метрополитен музејот за уметност во Њујорк презентира две свои изложби, во 1978 и 2002 година. Во 1980 има уште една ретроспектива организирана од Универзитетот за уметност во Беркли.

Голема ретроспектива на фотографии е прикажана во Витни музејот за американска уметност во Њујорк во 1994 година, и во Музејот за модерна уметност Луизијана во Хумлебаек, Данска во 2007 година која патува низ Милано, Париз, Берлин, Амстердам и Сан Франциско сè до 2009 година. Изложбата покажува дела од неговите почетоци во 1944 година па сè до 2000 година со портретите кои ја доловуваат неговата модна истоштеност. Во Меѓународниот центар за фотографија vo 2009 година се прикажувала неговата најголема изложба со фотографии од модниот свет. Истата година во Галеријата за уметност во Коркоран се претставила изложбата „Ричард Аведон: Портрети на моќта“, на која биле прикажани неговите политички портрети.

Пазар на уметност

[уреди | уреди извор]

Во 2010 негова фотографија во принт од три и пол метри од моделот Довима која позира во фустан од Кристијан Диор околу слоновите на циркузот Дивер, сликана во Париз 1955 година, достигнала рекордна цена од 719,000 фунти. Принтот од оваа фотографија е изработен во 1978 година за потребите на ретроспективната изложба на Аведон во Метрополитен музејот во Њујорк и е купена од Маисон Кристијан Диор.[5]

Живот и смрт

[уреди | уреди извор]

Во 1944 година Аведон се оженил со деветнаесетгодишната банкарска службеничка Доркас Мари Новел која подоцна се прославува како моделот и глумица До Аведон, тие немаат деца и се разведуваат во 1949 година. Во 1951 година се преженува за Евелин Франклин, која умрела на 13 март 2004 година. Имале еден син Џон Аведон, кој го посветил животот на истражувања за Тибет.[6][7][8][9]

Во седумдесеттите години поседувал куќа на Менхетен која ја користел како студио и свој дом. Подоцна купил четирисобна куќа на Монтаук, Њујорк која се наоѓа помеѓу Атлантскиот Океан и прекрасни пејзажи. Ја продал во 2000 година за скоро девет милиони долари.[10]

Ричард Аведон умрел на први октомври 2004 година во Сан Антонио, Тексас од компликации од церебрално крварење. Во тоа време бил задолжен за фотосесија за Њујоркер во Сан Антонио. Истовремено работел и на проект за претседателските избори во 2004 година.

Наследство

[уреди | уреди извор]

Фондацијата Ричард Аведон е приватна оперативна фондација, структурирана од Аведон за време на неговиот живот. Својата работа ја започнала кратко по неговата смрт во 2004 година. Со седиште во Њујорк, фондацијата е складиште за фотографиите, негативите, публикациите, трудовите и архивските материјали на Аведон. Во 2006 година, личната колекција на Аведон била прикажана во галеријата Пејс/Мекгил во Њујорк и во галеријата Френкел во Сан Франциско, а подоцна била продадена во корист на Фондацијата Аведон. Колекцијата вклучувала фотографии од Мартин Мункачи, Едвард Стајхен и Мен Реј, меѓу другите. Тенкиот том, „Око на набљудувачот: Фотографии од колекцијата на Ричард Аведон“ (Галерија Френкел), го собира поголемиот дел од колекцијата во кутија од пет брошури: „Дајан Арбус“, „Питер Хујар“, „Ирвинг Пен“, „Грофицата де Кастиљоне“ и „Итчетера“, која вклучува фотографи од 19-ти и 20-ти век.

Во 2020 година била објавена книгата „Што најмногу станува легенда: Биографијата на Ричард Аведон (Харпер), напишана од Филип Гефтер. Во рецензијата на Двајт Гарнер во „Њујорк тајмс“, тој напишал: „Едно од достигнувањата на биографијата на Гефтер е убедливото аргументирање за местото на Аведон, како творец на портрети, како еден од најзначајните уметници на 20 век“.[11]

Поп култура

[уреди | уреди извор]

Холивуд изложува дела од раните почетоци на Аведон, односно од мјузиклот Смешно лице во кој главни ѕвезди се Фред Астер и Одри Хепберн. Аведон ги обезбедил фотографиите за потребите на филмот. Една од најпознатите е од лицето на Одри на која јасно се прикажани цртите на лицето.

Хепберн е музата на Аведон во педесеттите и шеесеттите години, за нејзиниот непресушен талент тој изјавил: „Јас сум и засекогаш ќе бидам запрепастен од талентот на Одри Хепберн пред мојата камера. Не може да биде повоздигната од тоа што е, веќе е таму, во височините. Јас можам само да ја следам. Јас не можам да ја толкувам.“

Најпознати фотографии

[уреди | уреди извор]
  • Марела Ањели, италијанска личност од високото општество, 1953
  • Кармен Мајринк Веига, бразилска личност од високото општество (10-те најдобро облечени на Вог), 1970
  • Довима со слонови, 1955
  • Мерилин Монро, актерка, 1957
  • Омаж на Мункачи, Кармен, палто од Карден, Париз, 1957
  • Брижит Бардо, актерка, 1959
  • Жаклин де Рибес, 1961
  • Кристина Белин, модел, 1962
  • Карим Абдул-Џабар (Лу Алсиндор), спортист 1963
  • Двајт Дејвид Ајзенхауер, претседател на Соединетите Американски Држави, 1964
  • Битлси, 1967
  • Енди Ворхол и членовите на фабриката, Њујорк, 1969
  • Слај Стоун (обвивка на албумот Fresh), 1973
  • Аша Путли, (задна корица на албумот She Loves to Hear the Music), 1974
  • Роналд Фишер, пчелар, 1981
  • Настасја Кински и змијата, 1981[1]
  • Куп убави луѓе, кампања на Версаче, 1982
  • Витни Хјустон (насловна страница на Витни), 1987

Публикации

[уреди | уреди извор]
  • Набљудувања. Њујорк: Сајмон и Шустер, 1959. Фотографии од Аведон, коментар од Труман Капоти. Портрети на познати личности.
  • Ништо лично. Њујорк: Атенеум: 1964. Книга во соработка со Џејмс Болдвин.
  • Алиса во земјата на чудата: Формирање на компанија и правење претстава. Мерлин: 1973. Од Аведон и Дун Арбус. ISBN 978-0-88306-500-6.
  • Портрети. Пладне: 1976. Вовед од Харолд Розенберг. ISBN 978-0-374-51412-9.
  • Портрети 1947–1977. Фарар, Штраус и Жиру, 1978. ISBN 978-0-374-23200-9.
  • На американскиот Запад, фотографии од Ричард Аведон. Њујорк: Абрамс, 1985. Со вовед од Лаура Вилсон. Објавено во врска со изложбата во Музејот Амон Картер, Форт Ворт, Тексас.
  • На американскиот Запад, 1979–1984. Њујорк: Абрамс, 1985. ISBN 978-0-8109-2301-0.
  • На американскиот Запад: Издание за 20-годишнината. Њујорк: Абрамс, 2005. ISBN 978-0-8109-5928-6.
  • Автобиографија. 1993. Фотографии подредени за да ја раскажат животната приказна на Аведон.
  • Докази. 1994. Есеи и текст за Аведон со фотографии од Аведон.
  • Шеесеттите. 1999. Од Аведон и Дун Арбус. Фотографии на познати личности.
  • Направено во Франција, 2001. Ретроспектива на модните портрети на Аведон од 1950-тите.
  • Портрети на Ричард Аведон од 2002 година. Познати личности и субјекти од „На американскиот запад“. Објавено во врска со изложба во Метрополитен музејот на уметност.
  • Жена во огледалото. 2005 година. Со есеј од Ан Холандер.
  • Перформанс. 2008 година. Со есеј од Џон Лар.
  • Портрети на моќ. 2008 година. Уредено од Пол Рот. Со есеј од Рената Адлер. Објавено во врска со изложба во Уметничката галерија Коркоран во Вашингтон.