Прејди на содржината

Ретрогејминг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Маж игра на конзолата Atari 2600.

Ретрогејминг (англиски: retro gaming), класичен гејминг (англ. classic gaming) или олдскулен гејминг (англ. old school gaming) — определба што подразбира носталгична заинтересираност за старите игри, по правило оние со пикселна графика.

Бидејќи некои луѓе што се воодушевени од старите игри се обединуваат во групи врз основа на заеднички интереси, ретрогејмингот може да се нарече и поткултура.[1] Предмет на интерес кај ретрогејмерите се застарените игри и конзоли што одамна се повлечени од продажба, како и портовите на старите игри. Својот восхит, ретрогејмерите го објаснуваат со носталгија, автентичност, страст кон ретростилистиката, минатите епохи итн. Заедно со општото стареење на гејмерската публика, интересот за ретрогејминг продолжува да расте.

Ретрогејмингот како појава настанал практично со самото раѓање на играчката индустрија, но стекнал посебна популарност со ширењето на интернетот и програмите што овозможуваат емулација на видеоигрите. Ретрогејмингот е поврзан со движењето за електронско архивирање и културата на ремикси. Ретрогејмингот исто така значи и создавање на нови игри што се задржани во стилот на старите игри. Заинтересираноста за старите игри придонела за појава на посебна гранка во играчката индустрија што се занимава со повторно издавање на старите игри и старите играчки конзоли.[2]

Ретрогејмингот се смета за една од насоките во ретрокомпјутерството — воодушевеност од старите сметачи и програмската опрема за нив. Под ретрогејминг може да се подразбере и заинтересираност не само за старите игри, туку и за нивната уметничка естетика, вклучувајќи го пиксел-артот или чиптјунот (музика создадена од чипови). Ова е важен дел од поткултурата на демосцената.[3]

Ретрогејмингот се зародил уште во 1970-тите години на запад, речиси веднаш по самото основање на играчката индустрија. Во тоа време, компјутерските игри и конзолите мигновно станувале популарни и исто толку брзо застарувале со издавањето на посовремени и подобрени конзоли и игри. Уште тогаш, некои играчи започнале да основаат заедници и клубови каде што разговарале и играле застарени игри што ја изгубиле својата популарност. Меѓутоа, ретрогејмингот како современа појава настанал во 1990-тите години, паралелно со појавата на интернетот и семрежните форуми. Овој период се совпаднал со созревањето на првото поколение гејмери, родени помеѓу 1966 и 1976 г., кои ги доживеале првите играчки конзоли и аркадни автомати.

За првпат определбата „ретро“ била применета на компјутерските игри во списанието RetroGames, издадено во 1997 г., во соработка со Роберт Фразур и Turbo Zone Direct. Уредништвото на списанието се занимавало со продажба и поправка на веќе тогаш застарените играчки конзоли како Turbografx-16, Sega Master System и NES. Во 1998 г., уредништвото ја пуштиле и страницата retrogames.com, која објавувала емулации на застарени игри.

Интересот за ретрогејминг силно пораснал на преминот од XX во XXI век, со почетокот на масовното издавање на тримерни игри за играчки конзоли од шестото поколение и нагоре. Под ретрогејминг почнале да се подразбираат конзолите од петтото поколение и подолу, игрите издадени за нив или сите игри создадени во епохата на аналогната телевизија и направени за екрани со резолуција 4:3. Програмерите што се воодушевени од ретрогејмингот започнале да создаваат игри во ретростилистика — со двомерна графика и ограничена палета на бои. Тоа се пред сѐ инди-игри.

Не постои јасен критериум што определува кои игри можат да се класифицираат како ретро, а кои не, што е постојана почва за расправии меѓу ретрогејмерите. Општественото и колективно воспримање за ретроигрите се менува со текот на времето: ако првично под оваа определба строго се подразбирале двомерните игри од 8- и 16-битната епоха, со текот на времето кон ретроигрите почнале да се вбројуваат и игрите од раната 3D-епоха или од почетокот на 2000-тите години.

Ретрогејмингот е особено популарен во Јапонија од 2000-тите години. Носталгијата за старите игри активно ја експлоатира компанијата Nintendo, жестоко заштитувајќи ги авторските права на своите стари игри и периодично издавајќи преработки или ремастери на своите стари игри од серијалот Mario, или пуштајќи интернет-услуги со библиотека од свои стари игри — како што се Virtual Console или Nintendo Switch Online.[4]

  1. „Retro Gaming Subculture and the Social Construction of a Piracy Ethic - ProQuest“. Proquest (руски). Архивирано од изворникот 2022-12-14. Посетено на 2022-12-14.
  2. Heineman, David S. (2014-01-22). „Public Memory and Gamer Identity: Retrogaming as Nostalgia“. Journal of Games Criticism. том 1 no. 1. стр. 1–24. Архивирано од изворникот на 2016-02-14. Посетено на 2016-02-22.
  3. Knowles, Jamillah (2010-06-09). „How computer games are creating new art and music“. BBC. Архивирано од изворникот 2011-03-11. Посетено на 2011-08-27.
  4. „Nintendo of America cites 8 markets in the Americas“. Nintendo of America. Архивирано од изворникот 2021-03-13. Посетено на 2019-03-04.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]