Ресенски сарај

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Сарај
Resne - Niyazi Bey Sarayı 01.JPG
Општи податоци
Стил неокласицизам
Град Ресен
Земја Република Македонија
Почната 1904/05
Завршена 1911/12
Технички податоци
Големина 4800 м²

Ресенски сарај — дворец во градот Ресен е еден од најрепрезентативните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија. Изграден е во француски ренесансен стил и се смета за еден од поважните примери на архитектурата од почетокот на XX век, во кои се присутни елементи и од другите европски историски стилови во архитектурата. Граден е во периодот од 1905 до 1909 година од еден од водачите на Младотурската револуција, Ахмед Нијази-бег. Неговиот покрив е обновен во 1982 година, а во 2005 година е реставриран со средства од Светска банка. Објектот е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор, а во обработка на ентериерот се користени префинето обработени висококвалитетни материјали.[1] Денес зградата на сарајот е Дом на културата „Драги Тозија“ и во него се сместени постојаната поставка на дела на македонската сликарка Кераца Висулчева и галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија.

Легенда за изградбата[уреди | уреди извор]

Нарачателот на изградбата Ахмет Нијази-бег, како студент на воена академија во Истанбул и припадник на младотурското движење, бил испратен во Ресен, каде што подоцна примил разгледница со Версајскиот дворец од свој пријател од Париз. Богатиот ресенски бег решил да изгради исто така убав објект, каде што планирал да живее. Сепак, во 1912 година во Драч тој бил убиен, пред дворецот да биде комплетно завршен.

Историја на градбата[уреди | уреди извор]

Сарајот на почетокот на XX век

На 3 јули 1908 година командантот на турскиот аскер во Ресен, мајорот Ахмет Нијази-бег се одметнал од својата војска и станал еден од водачите на Младотурската револуција. Во 1908 до 1912 година го изградил ресенскиот сарај кој до ден денес претставува значајно обележје на градот. Сарајот служел како седиште на многу управи по Балканските војни. Тука била сместена српската управа, а потоа управата на Кралството Југославија. За време на двете светски војни овде се наоѓале окупаторските управи, а по ослободувањето биле сместени градската управа на Ресен, домот на културата „Драги Тозија“, Градската библиотека, Музејот на Ресен, Ресенската керамичка колонија, Радио Ресен и неколку простории на невладините организации, од кои едната го носи името на Нијази-бег.

Градба[уреди | уреди извор]

Мермерот што е вграден во Сарајот е носен од локалитетот Плочине кај с. Болно. Во основа Сарајот е симетрично решено централен дел и две странични крила (источно и западно). Во вертикала Сарајот е поделен на подрумски дел, приземје, кат и поткровје.

Носивната конструкција е од носивни ѕидови Д=40-85 цм. Изведени од тврд материјал – печена тула и вар како врзно средство. Меѓукатните конструкции се од челични профили исполна на тула (ходници и холови) и дрвени греди (во останатиот простор). Кровната конструкција и конструкцијата на кубињата е дрвена, но со реконструкцијата на кубињата во 1982 година дрвото е заменето со челични профили.

Фасадните платна на сарајот богато се обработени: посебно главната (северна). Фасадите посебно се расчленети по хоризонтала со венци и фризови, редоследно обработени, а по вертикала со пиластри кои завршуваат со капители.

Сарајот по своите архитектонски и естетски вредности му парира на градбите од неокласицизмот од почетокот на XX век. Тој е грандиозна градба со која се гордеат ресенчани. Таа го потенцира престижниот статус на „најубавиот објект во Македонија“.


Панорама на сарајот

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонски фолклор: списание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје. Скопје, 1968, I, 1- 2002, XXX, 61.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]