Рен (растение)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Рен (научно: Armoracia lapathifolia Gilib., Syn. Cohlearia armoracia L.) - повеќегодишно растение од фамилијата крстоцветни (Brassicaceae).

Опис[уреди | уреди извор]

Ренот има дебел, месест и разгранет корен и исправено стебленце со висина од 15 до 125 сантиметри и со бела или жолто-бела боја. Во горниот дел, стебленцето е разгрането, аглесто и празно. Приземните листови се со долги дршки, со издолжен јајцевиден облик, а на основата се срцевидни. Тие може да бидат долги и до еден метар. Листовите на стеблото се со кратки дршки или седечки, делени во резени или длабоко назабени. Цутовите се метличести, сложени од многубројни гроздови. Чашичните ливчиња се со обод со мембрана. Листовите на цветното венче се поставени накрсно, а тие се бели и широко јајцевидни. Плодот е обвиен со топчеста лушпа. Ренот цвета до мај до јули, а расте на влажни места. Во Македонија се застапени два вида од овој род: Armoracia lapathifolia е вид кој се одгледува во градините, додека Armoracia Macrocarpa расте во природата.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Според грчката митологија, во светилиштето во Делфи, пророчниците му рекле на Аполон дека ренот вреди онолку злато колку што тежи неговиот корен. Ренот го споменува и Плиниј во делото „Историја на природата“, а во Помпеја, во еден мурал е пронајдена слика на рен. исто така, за корисните својства на ренот пишувале Џорџ Вашингтон и Томас Џеферсон.[2]

Употреба[уреди | уреди извор]

Свежиот корен на ренот се користи како додаток на јадењата, но и како составен дел на некои растителни препарати. Ренот се одгледува поради коренот, кој се вади во есен, а а може да се зачува и во текот на зимата, ако остане закопан. Доколку коренот не се извади на време, ренот може да стане инвазивно градинарско растение. Притоа, коренот кој не е изваден на време станува дрвенест и не е погоден за употреба во готвењето. Инаку, свежито корен содржи гликозид синигрин, витамин Ц, минерали итн. Со помош на дестилација, од ренот може да се добие етерично масло. Разблажениот сок од рен се употребува за миење на устата и на грлото, зашто ги смирува воспаленијата. Исто така, изренданиот корен од рен се користи надворешно како средство за дразнење на кожата, зашто ја подобрува периферната циркулација, кај ревматски болки, невралгии и смрзнатини.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Радиша Јанчиќ, „Рен - здрав и лут“, Betty магазин, година V, број 54, август 2018, стр. 26.
  2. Радиша Јанчиќ, „Рен - здрав и лут“, Betty магазин, година V, број 54, август 2018, стр. 26.
  3. Радиша Јанчиќ, „Рен - здрав и лут“, Betty магазин, година V, број 54, август 2018, стр. 26.