Прејди на содржината

Реми

Од Википедија — слободната енциклопедија
Реми
Партија реми
ПотеклоМексико или Кина
Видкомбинаторна игра
Играчи2-4 (максимум 6)
Потребни вештиниВнимателност
Возраст8-80
Карти52 (варијанта со 104 +џокери)
Играво насока на или обратно од стрелките на часовникот
Чинослед на картитеA K Q J 10 9 ...
Траење20 мин
Поврзани игри
канаста, мах јонг

Реми[1][2] — игра односно семејство на популарни игри со карти. Играта за прв пат се појавила на почетокот на 20 век, и веројатно потекнува од мексиканска игра. Основната варијанта на реми (обичен реми) е позната во литературата за игри со карти како „стрејт реми“ (англиски: Straight Rummy). Во средината на 20 век., ремито доживеало експанзија, и денес постојат неколку стотици варијанти, како и голем број слични игри, од кои сите се одликуваат со заедничка цел: што побрзо ослободување од картите во рацете. Многу играчи го користат името реми, во однос на играта наречена (англиски: 500 Rum), во кој може да се земе повеќе од една карта од фрлените карти.[3]

Многу важна одлика на реми-игрите е тоа што тие не се играат со адути (игри со адути), туку се засноваат исклучиво на сложување комбинации. Тие може да се сложуваат в раце или на маса, во зависност од видот на ремито. Треба да се нагласи дека ремито, заедно со покерот и канастата, е класичен претставник на комбинаторните игри.

Историја

[уреди | уреди извор]

Се смета дека карташката игра реми била создадена во 19 век и постојат различни теории за тоа како започнала играта. Според една теорија, играта потекнува од Шпанија. Оправдувањето за оваа теорија е една од најстарите рeми игри, која се викала conquian. Од Шпанија, играта се преселила во Мексико. На крајот на 19 век, оваа игра се проширила на американскиот Југ и Тексас, каде што често се споменува под тоа име. Потоа приказната продолжува кога играта дошла во Англија и била именувана „рам“ (на англиски сленг - веројатност), за да се врати во САД и да стане популарна како реми (англиски: Rummy).

Според друга теорија, била создадена во истото раздобје, но во Источна Азија. Врската на денешната игра со Кина се наоѓа во сличноста на ремито со кинеските игри со карти од тоа време. Сите овие игри имале слична цел, а тоа била да се собере одреден сет карти и на тој начин да се победи. Исто така, големата сличност помеѓу ремито и популарната кинеска игра мах јонг дава дополнителна поддршка на оваа теорија.

Третата, француската верзија, оваа теорија е доста конкретна и едноставна во споредба со претходните две. Според оваа верзија, играта реми потекнува од покерот. И двете игри имаат сличности, но секако и разлики. Целта на овие игри е сосема различна, додека сличноста лежи во основното формација на картите. Комплетите карти кон што се стреми играчот во ремито се исти како кај комбинацијата „скала“ или „кента“ во покерот, а групите од исти карти личат на трилинг и покер.[4]

Основна варијанта

[уреди | уреди извор]
Отворени карти

Најдобро е играта да се игра со два до четири играчи, но може да се игра најмногу со шест играчи. Може да се игра со фиксен број делења, или може да се игра додека не се достигне одреден број поени. Бројот на делења или целниот резултат треба да се договорат пред да започне играта.

Во ремито се користат стандардни англиски шпилови од 52 карти. Некои варијанти вклучуваат два шпила карти, со еден или повеќе џокери додадени на шпиловите, кои имаат улога да ги заменат другите карти. Основната варијанта (обичен реми) се игра само со еден шпил, без џокери.

Првиот делач се избира случајно и ако се двајца играчи тие играат наизменично, или играат во круг во насока на стрелките на часовникот (некаде и обратно) ако има повеќе од двајца играчи во играта. Во игра за двајца играчи, на секој играч му се дели рака од десет карти. Ако играат три или четири играчи на секој играч му се делат седум карти, а кога играат пет или шест, секој играч добива шест карти. Картите се делат една по една, а по делењето, следната карта се става со лицето нагоре на масата, за да се означи почетокот на групата фрлени карти, а останатите се ставаат со лицето надолу до неа.

Бројот на карти што се дели зависи од бројот на играчи, како што е прикажано во следната табела:[5] :

Број на играчи Број на карти
2 играчи 10 карти секому
3-4 играчи 7 карти секому
5-6 играчи 6 карти секому

Цел на играта

[уреди | уреди извор]
Карти со иста вредност.

Целта на играта е играчот да се ослободи од сите карти во раката.

Постојат три начини играчот да се ослободи од картите: со тоа што ќе ги спушти или ќе ги открие картите (англиски: melding), додавање (англиски: laying off) и фрлање карта (англиски: Discarding):

  • Откривањето се однесува на поставување комбинација од карти од раката со лицето нагоре пред играчот на масата. Постојат два вида комбинации што можат да се поврзат, а тоа се низи (низа од поврзани карти од иста боја, на пр. 8♣, 9♣, 10♣, J♣) и групи (сет карти со иста вредност, на пр. 3♣, 3♠, 3 , 3 ).
  • Додавање карта или карти од вашата рака на изложените карти што веќе се на масата. За да се додаде една карта, таа мора да формира комбинација со поврзани карти (на пр. A♣ може да се додаде на 2♣, 3♣, 4♣).
  • Фрлањето карта се однесува на ослободување на картата од раката и нејзино ставање врз купот за отфрлање, по што е ред на следниот играч.

Текот на играта

[уреди | уреди извор]

Ако играат двајца играчи тие играат наизменично, почнувајќи од играчот кој не ги делел картите. Доколку играат повеќе од двајца играчи, тие играат еден по еден во насока на стрелките на часовникот (или обратно), почнувајќи од играчот лево/десно од играчот кој ги делел картите.

Секој круг се состои од следниве делови:

  1. Извлекување карта: За да ја започне играта, играчот прво мора да извлече карта од залихата или од врвот на купот за отфрлање. Отфрлените карти се свртени со лицето нагоре, така што играчот однапред знае која карта ја зема, и ако играчот одлучи да земе карта од залихата, ја зема без да им ја покаже на другите играчи.
  2. Поставување карти: ако играчот има валидна група или низа во рацете, може да ги изложи пред него на масата, со лицето нагоре. Правилото е дека играчот не може да постави повеќе од една комбинација по рунда, а поставувањето карти е опционално. Играчот не мора да положува карти, само затоа што може.
  3. Додавање карти/карта: исто така е опционално. Играчот може да додава карти во група или низа што претходно била поставена на масата. Без разлика дали самиот играч ги спуштил картите или некој друг го направил тоа. Во овој случај, нема ограничување за бројот на карти што играчот може да ги додаде по рунда.
  4. Фрлање карта: На крајот од својот ред, играчот фрла карта. Тој мора да фрли една карта од својата рака на врвот од купот за фрлени карти. Правилото е дека играчот не може да ја отфрли истата карта што ја зел од врвот на купот за отфрлање и да ги остави картите во својата рака непроменети. Тој мора да фрли уште една карта. Сепак, тој може да го фрли во следната рунда. Ако одлучи да извлече карта од залихата, може да ја отфрли во истата рунда.

Ако залихата на карти е исцрпена и следниот играч не сака да земе карта од врвот на фрлените карти, фрлените карти се превртуваат без мешање за да се образува нова залиха и играта продолжува. Играчот победува со „отворање“, положување, додавање или отфрлање на последната карта, по што играта завршува и другите играчи немаат право да додаваат или положуваат карти дури и ако имаат валидни комбинации во рацете.

Бодување

[уреди | уреди извор]

Кога еден играч ќе излезе, на другите играчи им се додава вредноста на сите карти што им преостанале во рацете, според правилото:

  • Картите со слики (K, D, J) носат 10 поени,
  • Асовите носат, 1 поен,
  • Картите со броеви вредат исто колку и нивната номинална вредност - на пр. шестката вреди 6 поени.

Вкупната вредност на сите карти во рацете на другите играчи се додава на кумулативниот резултат на победникот.

Играта продолжува сè додека играчот не ја достигне целта (број на поени) договорена на почетокот на играта, или сè додека не се достигне договорениот број на раце.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „реми“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „реми“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. „Card Games: Rummy Games“. Посетено на 24.4.2013. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  4. „Историјат ремија“. Архивирано од изворникот на 03. 08. 2010. Посетено на 24. 4. 2013. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)
  5. „The Rules of Rummy - How To Play Rummy}“. Архивирано од изворникот на 08. 05. 2010. Посетено на 24. 4. 2013. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |archive-date= (help)