Резервна банка на Австралија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Резервна банка на Австралија (англиски: Reserve Bank of Australia) е централна банка на Австралија.

Монетарна политика[уреди | уреди извор]

Резервната банка е одговорна за монетарната политика на Австралија. Монетарната политика вклучува утврдување на каматната стапка на заемите преку ноќ на пазарот на пари, која е наречена „стапка на готовина“ (cash rate). Овие каматни стапки влијаат врз другите каматни стапки во економијата, врз однесувањето на заемопримачите и заемодавателите, врз економската активност и на крајот, врз стапката на инфлација.[1]

Цели на монетарната политика[уреди | уреди извор]

Одборот на резервната банка настојува да ги постигне целите утврдени со Законот за банката на резервите од 1959 година:[2]

  • стабилноста на валутата на Австралија;
  • одржување на целосна вработеност во Австралија;
  • економскиот просперитет и благосостојбата на луѓето во Австралија.

Од раните 1990-ти години, целта на банката е да ја одржува инфлацијата на нивото од 2-3%, на годишно ниво. Монетарната политика има за цел да ја постигне оваа цел на среден рок а, на долг рок, тоа е главниот начин на кој монетарната политика може да помогне да се формира цврста основа за долгорочен раст во економијата. Обидувајќи се да ја постигне оваа стапка на инфлација, централната банка обезбедува дисциплина за донесување одлуки за монетарната политика и служи како сидро за очекувањата за инфлацијата во приватниот сектор. Целта на инфлацијата е дефинирана како среднорочен просек отколку како стапка што мора да се одржува во секое време. Оваа формулација овозможува неутрализирање на неизбежната неизвесност во предвидувањата и води сметка за временските заостанувања во ефектите од монетарната политика врз економијата. Овој пристап овозможува монетарната политика да придонесе за намалување на флуктуациите на производството во текот на деловниот циклус.[3]

Процес на одлучување за монетарната политика[уреди | уреди извор]

Формулацијата на монетарната политика е примарна одговорност на Одборот на резервни банка. Одборот обично се состанува единаесет пати секоја година, на првиот вторник во месецот, освен во јануари. Оттука, датумите на состаноците се добро познати однапред. За секоја средба, вработените во банката подготвуваат детален извештај за развојот на настаните во австралиската и меѓународната економија и домашните и меѓународните финансиски пазари. Трудовите содржат препорака за соодветна одлука за монетарната политика. Одлуките за монетарната политика од Одборот на Резервната банка се соопштуваат јавно веднаш по завршувањето на состанокот.[4]

Оперативна имплементација на монетарната политика[уреди | уреди извор]

Секојдневно, Секторот за домашни пазари има за задача да ги одржува условите на пазарот на пари, со цел да ја задржи стапката на готовина на или близу оперативната цел, донесена од Одборот. Објаснувањата на Одборот на Резервната банка за своите одлуки за монетарната политика се објавуваат во соопштението за медиуми, кое се дистрибуира преку електронски услуги за вести и се објавуваат на интернет-страницата на Резервната банка во 14:30 часот, на денот на секоја средба на Одборот. Секоја промена на целната стапка на готовината стапува на сила од следниот ден. Резервната банка ги користи своите операции на домашниот пазар (операции на отворен пазар) за да ја задржи стапката на готовина колку што е можно поблиску до целта поставена од Одборот. Способноста на Резервната банка да успее да ја оствари успешно целната стапка на готовина произлегува од нејзината контрола врз снабдувањето со средства што банките ги користат за да ги подмират трансакциите меѓу себе. Тие се нарекуваат средства за порамнување на размената, според сметките во Резервната банка во кои банките ги чуваат овие средства. Доколку Резервната банка обезбеди повеќе средства за порамнување на размената отколку што сакаат трговските банки, банките ќе се обидат да префрлат средства на пазарот на готовина, што резултира во тенденција за паѓање на готовината. Спротивно на тоа, доколку Резервната банка снабди помалку од она што банките сакаат да го задржат, тие ќе одговорат обидувајќи се да позајмат повеќе на пазарот на готовина и ќе понудат повисока каматна стапка.[5]

Управување со банката[уреди | уреди извор]

Одборот на Резервната банка има вкупно девет члена. Овие членови вклучуваат тројца службени службеници на одборот, составени од гувернерот на резервната банка, кој е претседател на Управниот одбор, заменик-гувернерот на резервната банка, кој е заменик претседател на одборот и секретарот на министерство за финансии. Покрај тоа, одборот е составен од шест надворешни членови кои ги именува Министерството за финансии за период од пет години. Според законот за резерви банка, на членовите на одборот не им е дозволено да бидат директор, службеник или вработен во институција која е овластена да зема депозити.

Отчетност[уреди | уреди извор]

Спроведувањето на монетарната политика на Резервната банка е објаснето јавно преку неколку канали. Банката објавува јавна објава за секоја одлука за монетарната политика, давајќи детално образложение за тоа. Записникот од состаноците на Одборот на Резервната банка се објавува две недели по секоја средба. Исто така, таа објавува четири извештаи за монетарната политика секоја година, кои содржат детална анализа на економијата и финансиските пазари, како и размислувањата за насоката на политиката донесена од банката. Гувернерот се појавува двапати секоја година пред Постојаниот комитет за економија на Претставничкиот дом за да одговори на прашањата за водењето политика на банката.[6]

Односот меѓу банката и владата[уреди | уреди извор]

Одборот на Резервната банка донесува одлуки за каматните стапки независно од политичкиот процес и не прифаќа инструкции од владата. Овој принцип на независност на централната банка во работењето на монетарната политика е меѓународна норма која спречува манипулација со каматните стапки за политички цели и ја задржува монетарната политика фокусирана на нејзините долгорочни цели. Односот на Резервната банка со владата може да се опише како независност со консултации.[7]

За да се надмине неусогласеноста помеѓу дневното трошење и финансирањето, министерството за финансии одржува парични салда кај Резервната банка. Резервната банка, исто така, обезбедува средства за дозволено пречекорување на владата што се користат за покривање на периодите кога неочекувано големата неусогласеност ги исцрпува готовинските средства. Договорот меѓу министерството за финансии и Резервната банка поставува строги контроли за пристап до пречекорувањете, како и обврска за плаќање на пазарна каматна стапка. Пречекорувањето се користи ретко, главно за да се покријат непредвидените недостатоци во готовина, и се елиминира на следниот тендер за трезорски записи. Во Австралија постои договор помеѓу министерството за финансии и Резервната банка кој значи поделба помеѓу монетарната политика и управувањето со долговите на владата. Од октомври 2006 година, банката повеќе не дејствува како агент на австралиската влада во спроведувањето на понудите на австралиските државни хартии од вредност.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]