Резервен живот (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Резервен живот

Резервен животроман на македонската писателка Лидија Димковска, објавен во 2012 година.

Факти за романот[уреди | уреди извор]

Романот „Резервен живот“ е издаден од издавачката куќа „Или-или“ во 2012 година. Според тематиката, романот спаѓа во групата романи-хроники во кои се прикажува нечија животна биографија. За овој роман, Лидија Димковска ја добила наградата на Друштвото на писателите на МакедонијаСтале Попов“ за најдобар роман.[1] Исто така, за ова дело, Димковска ја добила и наградата на Европската унија за 2013 година. Романот е преведен и на словенечки, унгарски и бугарски јазик. Првото поглавје на романот било објавено на англиски јазик во американското списание за книжевност „Чикаго ривју“, а еден дел од романот бил објавен и во германското списание „Манускрипт“.[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Во романот е зборува за животот на главниот лик Злата Серафимовска во период од 40 години, и тоа, до нејзиното раѓање до навлегувањето во помирни животни води. Покрај приказот на животот на Злата, во позадината на дејството се наведуваат главните општествени настани, започнувајќи од 1970-тите до сегашноста, како потсетник на бурните времиња низ коишто поминала Македонија. Исто така, во романот се прикажува и дел од начинот на живеење во Лондон, каде привремено престојува главниот лик.

Сепак, централното сиже на романот се движи околу неверојатната животна приказна на двете сијамски близначки Злата и Сребра, нивната обележаност од малограѓанската средина и тешкиот живот во една скопска приградска населба. Двете близначки се сосема спротивни според карактерот, но на моменти одлично се надополнуваат. Злата прави морален престап кон својата сестра, бидејќи пијано флертува со нејзиниот свршеник, што предизвикува реакција кај Сребра, која инсистира по секоја цена да се изврши операцијата за нивното одвојување. Нивната желба да се одвојат една од друга на крајот завршува трагично, со смртта на Сребра. Исто така, најдобрата другарка на близначките, Розе, умира многу рано, по случајна вина на Злата. На крајот, несудениот сопруг на Злата умира во вооружен инцидент, а Злата е осудена на затворска казна од шест месеци.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Роберт Алаѓозовски, "Светот нема ни глава, ни опашка", Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 74.
  2. „Трето издание на „Резервен живот“ од Лидија Димковска“, Дневник, година XIX, број 5755, сабота, 2 мај 2015, стр. 19.
  3. Роберт Алаѓозовски, "Светот нема ни глава, ни опашка", Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 74-75.