Прејди на содржината

Регтајм (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Регтајм“ (англиски: Ragtime) — роман на американскиот писател Е. Л. Доктороу од 1975 година. Романот е посветен на Роза Доктору Бак (Rosa Doctorow Buck).[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Прв дел (1-13 глава)

[уреди | уреди извор]

Дејствието на романот започнува во 1902 година, во малото место Њу Рошел, во близината на Њујорк, каде живее семејството на еден производител на знамиња и на други родољубиви предмети. Нивниот мал син е опседнат со илузионистот Хари Худини, кој еден ден, поради мала автомобилска незгода, доаѓа во нивната куќа. Утредента, Таткото заминува на научна експедиција на Северниот Пол. Во куќата живее и Помладиот мајчин брата, кој е опседнат со убавицата Евелин Несбит. Њујоршката јавност се занимава со убиството на љубовникот на Евелин, познатиот архитект Стенфорд Вајт, кого го убива сопругот на Евелин, богатиот Хари То. Во една прилика, во затворот каде лежи убиецот на Вајт, доаѓа Худини, кој изведува претстава при што успева да се извлече од затворската ќелија. Во САД пристигнува Зигмунд Фројд за да одржи низа предавања. Еден ден, во сиромашниот дел на Њујорк, Евелин случајно здогледува уличен-уметник (Тате) и неговата ќерка, и започнува тајно да ги посетува и да се грижи за нив, потресена од нивната беда. Притоа, таа забележува дека постојано ја следи едно момче, а тоа е нејзиниот таен обожавател од Њу Рошел. Една вечер, Тате, кој е социјалист, ја носи Евелин на предавањето на познатата анархистка Ема Голдман. Предавањето насилно го прекинува полицијата, а Ема засолнува Евелин во својот стан. Мајчиниот помлад брат скришум влегува во станот и, набљудувајќи ја Ема која ја масира Евелин, излегува од орманот во состојба на бурна ерекција. Мајката наоѓа закопано бебе во дворот на куќата, а полицијата ја открива мајката — млада Црнка Сара, а неа и бебето Мајката ги прибира во домот. Напорната експедиција на Пири завршува успешно, но Таткото не оди до самиот крај. Евелин и Мајчиниот помлад брат стануваат љубовници, а на судењето на маж ѝ таа сведочи во негова полза при што станува ѕвезда во медиумите. По разводот со То, таа добива пари со кои ги помага анархистичкиот весник на Голман и работничкото движење. Во меѓувреме, Тате и девојчето го напуштаат Њујорк, патувајќи сè подалеку. Худини е незадоволен од себе и заминува на турнеја во Европа, каде купува авион, учи да управува со него, ѝ држи предавања на германската војска и лета во присуство на Франц Фердинанд.[2]

Втор дел (14-28 глава)

[уреди | уреди извор]

Таткото се враќа дома, каде е изненаден од промените во домот и во околината: синот веќе пораснал, Мајката успешно ја води фирмата, а во куќата живеат Сара и бебето. По разводот, Евелин постепено го губи интересот за Мајчиниот помлад брат и најпосле го напушта. Тате и ќерката се населуваат во малото место Лоренс, во Масачусетс, каде избувнува голем штрајк кој е насилно прекинат од полицијата. Тогаш, Татех и девојчето заминуваат во Филаделфија, каде тој потпишува договор за цртање подвижни слики. Во тоа време, во подем се масовното индустриско производство и финансискиот капитал чии главни претставници се Хенри Форд и Џ. П. Морган. Еден ден, Сара ја посетува пијанистот Коулхаус Вокер, но цела зима таа одбива да го види и дури пролетта попушта и ја прифаќа неговата брачна понуда. Мајчиниот помлад брат се среќава со Ема Голдман, која го советува да ја заборави Евелин. За време на едно патување кон Њујорк, Коулхаус го запира група пожарникари кои му го уништуваат автомобилот, а тој е уапсен. Коулхаус се обидува да започне судски процес против силеџиите, но без успех. Тогаш, Сара се обидува да побара помош од потпретседателот на САД, но полицајците ја повредуваат и таа наскоро умира, а Коулхаус ѝ приредува раскошен закоп. Во меѓувреме, Хари То бега од затворот, но полицијата го фаќа и го враќа во затворот. За време на неговата турнеја низ Европа, умира мајка му на Худини. Под дејство на големата тага и опседнатоста со смртта, тој започнува нова фаза во кариерата, приредувајќи невидени претстави. За време на неговиот настап во Њу Рошел се случува голема експлозија во пожарникарското друштво во која погинуваат неколку пожарникари. Тоа е дело на Коулхаус Вокер, во знак на одмазда за неправдата и за смртта на Сара.[3]

Трет дел (29-39 глава)

[уреди | уреди извор]

Наспроти строгите полициски мерки, Коулхаус извршува уште еден напад на пожарникарско друштво и во Њу Рошел владее голем страв кај населението. Таткото секојдневно оди во полицијата, давајќи информации за Коулхаус, но во неговото семејство владее немир. За да ги избегне негативните реакции од околината, семејството заминува на одмор во Атлантик Сити, а притиснат од населението на Њу Рошел, претседателот на пожарникарското друштво се сели во Њујорк. По првиот напад на Коулхаус, Мајчиниот помлад брат заминува во Њујорк и станува член на групата на Коулхаус, како мајстор за изработка на експлозив. Во Атлантик Сити, Мајката и Таткото го запознаваат баронот Ашкенази при што набргу се раѓа симпатија меѓу Мајката и баронот. Всушност, наводниот барон е Тате, кој во меѓувреме станал успешен и богат филмски режисер. Еден ден, Коулхаус и неговата група ја заземаат личната библиотека на Џ. П. Морган, така што Таткото мора итно да замине во Њујорк. Полицијата ја опколува библиотеката, но не се осмелува да дејствува, зашто таа е минирана. Власта го повикува Букер Т. Вашингтон, кој го убедува Коулхаус да се предаде, но без успех. Тогаш, како посредник во преговорите меѓу власта и Коулхаус се вклучува Таткото, кој дури тогаш открива дека Мајчиниот помлад брат е член на групата. Коулхаус прифаќа да се предаде, но под услов полицијата да им дозволи на неговите соработници да се повлечат. Наспроти тоа, неговите другари сакаат да ја уништат библиотеката, а тие да погинат. Најпосле, полицијата го доведува претседателот на пожарникарското друштво, кој е принуден лично да го поправи оштетениот автомобил на Коулхаус. Ноќта, соработниците на Коулхаус ја напуштаат библиотеката, а во неа остануваат само Коулхаус и Таткото во својство на заложник.[4]

Четврти дел (40 глава)

[уреди | уреди извор]

Мајчиниот помлад брат патува низ САД, а кога пристига на границата, го продава автомобилот на Коулхаус и заминува во Мексико, каде им се придружува на бунтовниците против владата. Потоа, тој му станува соработник на Емилијано Сапата, учествувајќи во бројни герилски акции и таму погинува. Пред почетокот на Првата светска војна, Џ. П. Морган заминува на своето редовно патување низ Европа, каде откупува голем број антиквитети, а оттаму се упатува во Египет, каде ја посетува Големата пирамида во Гиза, надевајќи се дека ќе добие некаква божја порака. Меѓутоа, ненадејно му се влошува здравјето и тој се враќа во Рим, а наскоро умира. Веднаш штом излегува од библиотеката, полицијата го убива Коулхаус. Таткото повторно се посветува на својата работа, а во фабриката ги открива нацртите што ги направил Мајчиниот помлад брат и, благодарение на нив, склучува бројни зделки за изработка на оружје и на експлозивни направи. Таткото погинува во 1915 година, патувајќи во Лондон со бродот „Лузитанија“ кого го уништува германска подморница. Една година подоцна, Мајката се мажи за Тате и, заедно со своите деца и со детето на Сара, тие се селат во Калифорнија, каде Тате успешно снима филмови. Хари То излегува од душевната болница; некогашната убавица Евелин паѓа во заборав; Ема Голдман е депортирана; а Хари Худини приредува спектакуларна претстава на Тајмс сквер и во таа прилика се присетува на кратката случајна средба со едно момче (синот на Мајката и Таткото).[5]

  1. E. L. Doctorow, Ragtime. Znanje, Zagreb, 1981, стр. 5.
  2. E. L. Doctorow, Ragtime. Znanje, Zagreb, 1981, стр. 11-104.
  3. E. L. Doctorow, Ragtime. Znanje, Zagreb, 1981, стр. 107-200.
  4. E. L. Doctorow, Ragtime. Znanje, Zagreb, 1981, стр. 203-279.
  5. E. L. Doctorow, Ragtime. Znanje, Zagreb, 1981, стр. 283-300.