Ратомир Грозданоски

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Ратомир Гроздановски)
Ратомир Грозданоски
Роден 15 мај 1959
Брест (Порече)

Ратомир Грозданоски (Брест, Македонски Брод, 15 мај 1959) — македонски теолог, професор и протоѓакон[1].

Во 1978 завршил Македонска православна богословија, а во 1983 дипломирал на Православниот богословски факултет во Скопје. Во 1994 магистрира, а во 2001 докторира на Филолошкиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Бил и на студии на Аристотеловиот универзитет во Солун и на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Атина. Посетувал настава и на Богословскиот факултет во Атина, а бил и на студиски престој во Даблин, Р. Ирска.

По враќањето во Скопје, работи како референт за просвета во Скопската митрополија, а потоа е поставен за професор во Македонската православна богословија, каде останува седум години, а во 1990 г. е избран за наставник на Православниот богословски факултет во Скопје, по предметите Библија – Свето писмо на Новиот завет и старогрчки јазик. Во 2006 година е избран и за декан на Факултетот.

Бил близок соработник на поглаварите: Ангелариј, Гаврил, Михаил и Стефан.

Член е на Советот за меѓурелигиска соработка во Р Македонија и негов прв претседател од 2002 до 2006 година и на Друштвото на писателите на Македонија.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Учествувал на научни симпозиуми и медиумски настапи и има над 300 свои написи, статии и научни трудови. Редактирал, рецензирал, уредувал и лекторирал книги и списанија со богословска содржина. Посебно ги обработувал егзегетиката и исагогиката на Новиот завет.

Автор е на следните книги:

  • Свети Климент Охридски, основоположник на Македонската православна црква, Скопје 1990;
  • Евангелие според Матеј – проучување и толкување на евангелскиот текст, Скопје 1993 (2011);
  • Господовата молитва, Скопје (десет изданија: 1994-2010);
  • Михаил Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје 1994;
  • Десетте Божји заповеди – Декалог, Скопје (пет изданија: 1996, 1999, 2005, 2006 и 2008);
  • Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје 2000;
  • Библијата во делата на свети Климент Охридски, Скопје 2001;
  • Евангелие според Марко– проучување и толкување на евангелскиот текст, Скопје 2004;
  • Dhejtë urdhëriment e Perëndis – Decalogu, botimi i pare, Shkup 2005;
  • Послание на светиот апостол Павле до Римјаните – проучување и толкување на текстот, Скопје 2005;
  • Географска карта на Македонската православна црква, со епархиите и поважните цркви и манастири во Р Македонија, Скопје 2007;
  • Блаженствата – земнонебесни скалила, Скопје 2007;
  • Свети апостол Павле и Македонија, Скопје 2007;
  • Православна христијанска веронаука, Скопје 2008;
  • Вовед во Светото писмо на Новиот завет (посебен дел), Скопје 2008;
  • Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните – проучување и толкување на текстот, Скопје 2009;
  • Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните – проучување и толкување на текстот, Скопје 2012;
  • Македонија – туристички бисер: туристички потенцијали и културно-историски знаменитости, Скопје 2013 (двојазично – македонски и англиски): соавтор со Благоја Маркоски и Тодор Чепреганов;
  • Поречки манастир Света Богородица, Скопје 2014 (двојазично – македонски и англиски);
  • Тајните за Библијата, Скопје 2014.

Награди[уреди | уреди извор]

Добитник е на државната награда „Гоце Делчев“, како општествено признание за особено значајни остварувања од интерес на Р Македонија во областа на науката (2014) и на највисоката државна награда за образование и воспитание „Свети Климент Охридски“, со која се оддава признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието (2015).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Протоѓаконот проф. д-р Ратомир Грозданоски- СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ И МАКЕДОНИЈА“. Премин. Посетено на 2009-11-23.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]