Ратаи (расказ)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Ратаи е расказ од рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1926 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа „Култура“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во селото Даниловка живеел сиромавиот Наум Бојцов, со жената и синот Фјодор. Еден ден, попот Александар го повикал Наум да го кастрира немирниот ждребец, но при интервенцијата, Наум бил смртно повреден од удар со копитото во градите и на патот до дома умрел. Така, неговото семејство останало без хранителот, поради што жена му и синот се договориле таа да скита низ околината, а тој да побара работа кај богатите селани. Шеснаесетгодишниот Фјодор бил силен и вреден, но неписмен и наивен, така што се согласил да работи кај богатиот селанец Захар Денисович за наемнина од една рубља месечно, иако вообичаената плата изнесувала околу пет рубљи.

Со тоа започнал мачниот живот на Фјодор, кој по цел ден, од утро до мрак работел на имотот на Захар. Притоа, цели два месеца, Фјодор не добил слободен ден и не можел да ја посети мајка си, а Захар не му ја исплатил ниту платата. За тоа време, Фјодор бил потиштен и разочаран од животот, сонувајќи дека еден ден ќе заработи доволно пари за да купи коњ и да може да се прехрани самостојно.

Летото, на имотот на Захар дошле работници за да го вршат житото и еден од нив му кажал на Фјодор дека заработува една рубља на ден, за разлика од него, кој за таа сума работел цел месец. Така, Фјодор сфатил дека бил немилосрдно искористуван од страна на Захар. Поради тоа, тој решил да си замине, но Захар му се заканил дека ќе го даде на суд и Фјодор останал на имотот, повторно потонувајќи во разачарување. Тогаш, еден ден, на имотот на Захар дошла мајка му на Фјодор, целата во искината облека и гладна. За време на вечерата, Захар се изразил погрдно за сиромашните селани и еден од работниците започнал голема кавга со него, по што сите работници го напуштиле неговиот дом. Утредента, Фјодор ја испратил мајка си и сакал да ѝ даде малку жито, но во тоа го спречил Захар. Тогаш, Фјодор се налутил, го истепал својот газда и си заминал. Не знаејќи каде да оди, на патот сретнал еден од работниците кои го вршеле житото кај Захар, кој го подучил да оди во соседното село и да побара помош од комсомолците, велејќи му дека тие му се вистински браќа.

Утредента, Фјодор им се обратил на комсомолците за помош и тие го наговориле да поднесе тужба против Захар, а еден од нив го примил Фјодор во својот дом. Со текот на времето, Фјодор се описменил и станал член на комсомолската организација. На судскиот процес, Захар бил осуден да му плати на Фјодор пет рубљи месечно и одредена сума како казна, бидејќи ангажирал работник без да потпише договор. По завршувањето на судењето, Захар го пресретнал Фјодор на патот и го удрил со коњската кола, повредувајќи го.

Пролетта, Фјодор повторно се вратил во селото и нашол работа кај соседот на Захар, стариот Пантелеј Мирошников, кој имал добра душа, му дал плата од три рубљи месечно и убаво се однесувал кон него: добро го хранел, му давал по еден слободен ден неделно и не го терал да работи претерано. Во меѓувреме, Фјодор агитирал кај другите наемни работници и ги наговорил да штрајкуваат, барајќи повисока плата и подобри услови за работа. Благодарение на Фјодор, сите работници се здружиле и штрајкот успеал, така што нивните барања биле прифатени. Меѓутоа, една вечер, Захар и уште двајца други богати селани скришум го нападнале Фјодор и го претепале, но Пантелеј успеал да го спаси, притоа ранувајќи го Захар. На крајот, Фјодор завршил во болница, со тешки телесни повреди, а Захар и двајцата соучесници добиле затворски казни.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Ратаи“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 144-197.