Прејди на содржината

Расправа за методата

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Расправа за методата за правилна употреба на разумот и потрагата по вистината во науката“ (француски: Discours de la Méthode pour bien conduire sa raison, et chercher la vérité dans les sciences) — книга на францускиот филозоф Рене Декарт од 1637 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Книгата се состои од шест дела.

  • Во првиот дел, Декарт се осврнува на своето образование, сведочејќи дека уште во детството се посветил на науката, убеден дека таа ќе му овозможи да стекне знаење за сето она што е корисно за животот. Меѓутоа, штом ги завршил студиите, потполно го променил мислењето, откривајќи дека во текот на образованието се соочил со бројни заблуди и сомнежи, така што единствената корист од учењето се состоела во тоа што го открил своето незнаење. Сепак, тој неуморно учел, покажувајќи интерес за јазиците, за книжевноста, за историјата, за говорништвото, за поезијата, за математиката, за етиката, за филозофијата, и за медицината. Притоа, најмногу му се допаѓала математиката поради јасноста и извесноста на нејзините принципи, иако во тоа време сè уште не ја воочил нејзината вистинска вредност. Покрај тоа, високо ја ценел и христијанската теологија и тежнеел кон вечното блаженство, но не се осмелувал да се зафати со подлабоко проучување на теолошките проблеми. Наспроти нив, тој ги презирал астрологијата, алхемијата и магијата. Според сведочењето на Декарт, разочаран од вредноста на образованието, кога ја достигнал соодветната возраст за да се ослободи од учителите, целосно го напуштил изучувањето на науките и остатокот од младоста го минал во патување низ Европа. Така, изучувајќи ја „книгата на светот“ и среќавајќи се со обичаите на другите луѓе, тој полека се ослободил од заблудите, стекнал соодветно искуство и решил да се посвети на проучување на самиот себе.[1]
  • Во вториот дел, Декарт наведува четири правила кои ги почитувал во своето филозофско и научно творештво: прво, ништо да не го прима како вистинито, ако не е очигледно дека е такво, односно да го признае само она што на разумот му е јасно и во кое воопшто не се сомнева; второ, секој проблем во истражувањето да го подели на повеќе помали делови; трето, да ги доведе во ред своите мисли, т.е. да почне од најлесните и најпростите предмети за изучување, па постепено да дојде до најсложените сознанија; четврто, да прави подетални набројувања и поопшти прегледи, за да се обезбеди дек аништо нема да пропушти.[2]
  • Во третиот дел, Декарт ги објаснува своите морални правила: прво, да се покорува на законите и обичаите на својата земја, управувајќи се од умерените и разумните ставови; второ, да биде сталожен и одлучен во своите сфаќања и активности; трето, секогаш да се потруди да се победи себе си, наместо судбината или светскиот поредок. Врз основа на овие правила, тој ослучил да ги разгледа занимањата на разни луѓе и да ги избере најдобрите поради што во текот на девет години шетал низ светот, преиспитувајќи ја вистинитоста на своите погледи.[3]
  • Во четвртиот дел, Декарт ги опишува своите медитации при што поаѓа од сознанието дека сетилата ни даваат лажна претстава за светот, нагласувајќи ја моќта на разумот. Овде, тој го изложува ставот „мислам, значи постојам“ според кој способноста за мислење е доказ за неговото постоење во светот. Според него, единствениот извор на нашите идеи е Бог, кој е совршен. Во овој дел, тој го прикажува својот доказ за постоењето и совршеноста на Бога.[4]
  • Во петтиот дел, Декарт објаснува дека Бог го создал светот, но не наеднаш и во завршен облик, туку ги поставил законите по кои се развива материјата (природата). Притоа, Бог го создал и човекот, најпрвин како тело, а подоцна во него ставил разумна душа. Животните, пак, немаат душа, а доказ за тоа е фактот што тие не зборуваат и не можат да ги искажат своите мисли. Бидејќи немаат душа, животните функционираат механички, според распоредот на нивните органи, онака како што функционираат механичките предмети (како, на пример, часовникот). Човечката душа има сосема независна природа од телото и не е подложна на смртта, т.е. таа е бесмртна. Во овој дел, Декарт се осврнува на своите медицински истражувања, давајќи детаљен опис на градбата на срцето и белите дробови и на нервниот систем.[5]
  • Во шестиот дел, Декарт наведува дека цели три години го одложувал објавувањето на ова дело, а потоа ги објаснува сомнежите во врска со сопствениет ставови, мотивите кои го навеле да ја објави книгата, користа од примената на неговата научна метода, плановите за објавување на другите дела и одлуката да пишува на француски јазик.[6]

За книгата

[уреди | уреди извор]

Книгата била објавена на 8 јуни 1637 година, во Лајден, Холандија, а нејзиниот првобитен наслов гласел „Проект за универзална наука способна да ја воздигне нашата природа до највисокиот степен на совршенството“. Книгата се состои од шест дела во кои Декарт ги прикажува историјата на своето духовно изградување, својата научна и филозофска метода, планот на физиката, како и неколку идеи за успешно истражување во науките. Делото е значајно бидејќи во него е претставена филозофската програма на Декарт, односно, според зборовите на Лансон, тоа претставува „биографија на една мисла“. Исто така, книгата е значајна и поради тоа што е напишана на народен (француски) јазик, наместо на латински, како што било вообичаено во тоа време. Сепак, неговата фраза останува латинска, така што стилот му е многу замрсен, макар што делото се одликува со точност, со вешта дијалектика и со доволно фантазија.[7]

  1. Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 31-36.
  2. Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 37-46.
  3. Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 47-54.
  4. Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 55-62.
  5. Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 63-78.
  6. Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 79-94.
  7. Љубиша Стојановић, „Увод“, во: Рене Декарт, Расправа о методи. ИТВ центар плус, Београд, 2024, стр. 19-20.