Расна чистота

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Расна хигиена)

Расна хигиена или расна чистота бил збир на државни политики од раниот дваесетти век според кои на одредени лица им било дозволено да имаат потомство а на други не, со цел промовирање на одредени одлики кои се сметале за особено пожелни. Најзначајниот пример на сеопфатно спроведување на расна хигиена е Нацистичка Германија, но слични политики се спроведувале и во други земји во Европа и Северна Америка.

Концептот на расна „чистота“ го развил Артур де Гобинау. Тој сметал дека расата ја создава културата и дека „нечистите“ раси, односно „мешање на раси“ води кон хаос. Расната хигиена историски се поврзува со традиционалните претстави за јавно здравство, но обично со нагласок на наследството. Френсис Галтон во 1869 година се обидел да основа статистичка наука за наследувањето со цел да охрабри доброволна грижа при изборот на партнери, а во 1883 година го вовел терминот „евгеника“ за да го опише. На почетокот на 20 век еугеничкото движење ги прифатило идеите на Менделовата генетика и промовирала негативна евгеника, на пример присилна стерилизација за спречување неподобните да раѓаат деца. Така евгениката била злоупотребена со цел да се легитимизираат политики на расна хигиена.