Рамничарско-земјоделска носија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Носијата на рамничарското земјоделско население, особено таа од летниот состав, во која се забележуваат остатоци на елементи од старословенската традиција, се состои од облеки подготвени од домашно ткаено платно (ленено, конопно, памучно) - кошула долга до колена, опашана со широк ткаен волнен појас, со скутови кои паѓаат во набори преку платнените гаќи, чии ногавици се вовлечени во шарени, волнени, плетени чорапи, а на нозете се носат опинци.

Основен елемент кај женските носии во овој комплекс е долгата платнена кошула, од типот туника, со извонредно богат вез на градите, ракавите и долу по скутовите, работен најчесто со волнени конци на ленена, конопна или памучна основа, со главна застапеност на геометриски мотиви. Во составот на носијата е и облеката од типот зубун - клашнена (клашеник, ќурдија, зобан, шегун, шајак) или, за летниот состав, платнена (саја, сагија, сајче) безракавна или со куси ракави, со варијантни разлики во должината, богато украсени со вез, срма, гајтани, рески, топчиња, развласена волна. Долг црн плетен или шарен ткаен појас, како и волнена декоративно орнаментирана скутина, се исто така основни елементи во составот на женската носија. Од покривките за глава посебно се интересни богато извезените сокаи и убруси, декоративно орнаментирани, со разновидни поткити по рабовите - корпи, дарпни, марами, како и долгите ткаени платнени крпи. Сите тие, освен главната намена да ја покријат и заштитат главата, имаат и други значења - ја означуваат територијалната припадност, возраста, брачната состојба, а имаат и магиско - обредна функција.