Охридски рамковен договор

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Рамковниот договор)
Охридски рамковен договор
Потпишан13 август 2001
МестоОхрид, Македонија
Потписници
Јазиканглиски
Анекс кон Охридскиот рамковен договор

Охридскиот рамковен договор — договор за внатрешното уредување на малцинските права во Република Македонија, потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД. Охридскиот договор е склучен во текот на ескалацијата на насилства помеѓу етнички албанската ОНА и македонските вооружени сили во Конфликтот од 2001. Поради тоа, многу граѓани, особено од македонска националност, го сметале договорот за насилно изнуден и неприфатлив.[1][2][3][4][5]

Осум години подоцна (2009), експертите и граѓаните се сѐ уште поделени околу тоа дали е Охридскиот договор извор на стабилност или, напротив, извор на нестабилност за Република Македонија. Сепак, договорот и понатаму доследно се спроведува и се претвори во платформа за промоција и заштита на правата на припадниците на албанската етничка заедница.[6][7][8]

Преговори[уреди | уреди извор]

Преговорите се одвивале во Вилата Билјана во Охрид во текот на јули и август 2001, каде што е и парафиран договорот на 10 август 2001, па оттаму името Охридски договор.

Преговорите траеле речиси еден месец и во нив учествувале претседателот на РМ Борис Трајковски, претставниците на политичките партии: Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ, Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Имер Имери, претседател на ПДП, и Арбен Џафери, претседател на ДПА, потоа претставници на ЕУ: Франсоа Леотар и Хавиер Солана, претставници на САД: Питер Фејт и Џејмс Пердју, разни советници и експерти: Владо Поповски, Љубомир Фрчковски и други.

Преговорите биле мошне напнати, бидејќи се одвивале паралелно со вооружени непријателства помеѓу двете страни. Во неколку наврати постоела можноста да се прекинат преговорите и конфликтот да ескалира во отворена граѓанска војна.[9] Според книгата на Петрит Менај, „ОНА-порака и надеж“, во преговорите индиректно, т.е. телефонски бил консултиран и Али Ахмети, иако тој формално не бил учесник на преговорите.[10]

Потписници[уреди | уреди извор]

По завршувањето на преговорите во Охрид, на 13 август 2001 во Скопје договорот го потпишале (по азбучен ред):

Како гаранти на договорот од меѓународната заедница, потписници на договорот се и специјалните претставници:

Содржина на договорот[уреди | уреди извор]

Рамковниот договор целосно и безусловно ја отфрла употребата на насилството за остварување на политичките цели. Само мирни политички решенија можат да ја гарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Во тој контекст, Договорот предвидува целосен прекин на непријателствата, разоружување на етничките албански вооружени групи и нивно целосно распуштање.

Охридскиот договор потенцира дека развојот на локалната самоуправа е од најголемо значење за почитување на идентитетот на заедниците. Со Рамковниот договор се предвидува да се ревидира Законот за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот и Европската повелба за локална самоуправа.

Договорот предвидува целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија. Во Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избираат од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број на пратеници, припадници на заедниците. Истата постапка важи и за изборот на Народниот правобранител и на тројцата членови на Судскиот совет.

Новина е што на централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа нема да можат да се усвојат без квалификувано двотретинско мнозинство, при што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците што припаѓаат на заедниците. Истиот принцип важи и за донесување на закони што директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници.

Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на коишто зборуваат најмалку 20% од населението во Македонија. Низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така е службен.

Во однос на симболите, Охридскиот договор предвидува непосредно до симболот на Македонија, локалните власти да може на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува индентитетот на заедницата која е мнозинство.

Договорот е составен од три анекси:

  • анекс А за уставни амандмани,
  • анекс Б за измени во законодавството и
  • анекс Ц за имплементација и мерки за градење на доверба.

Во анексот А стои дека сегашната Преамбула на Уставот на РМ се заменува со јазик заснован врз концептите на поединечни права и граѓанско општество:

„Граѓаните на Република Македонија, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање на самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувувањето и развојот на се што е вредно од богатото културно наследство и соживотот во Македонија...“

Анексот Б предвидува измени во законодавството. Предвидено е донесување на повеќе закони меѓу кои и Законот за локална самоуправа, Законот за локално финансирање, за територијална поделба, за изборни единици, потоа нов деловник на Собранието, закони што се однесуваат на употребата на јазиците и други.

Анексот Ц се однесува на имплементацијата на Договорот и мерките за градење на доверба. Овде се регулирани прашањата за пописот, изборите, враќањето на бегалците и улогата на меѓународната заедница.

Александар Илиев[11] во книгата Улогата на разузнавањето во противбунтовништво, од 2014, наведува дека содржината на Охридскиот рамковен договор во основа ги содржи гледиштата на САД за потребни реформи во Македонија изнесени уште во периодот од 1994 до 1996 година, а кои се однесувале на човековите права и правата на етничките Албанци, но не и првичните барања на ОНА за отцепување на албанските области од Македонија.[1][мртва врска]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Соопштение од СМК, А1, 12.8.2001.
  2. МААК ќе покрене правна процедура за поништување на рамковниот договор, А1, 4.9.2001.
  3. Повеќе од половина Македонци против Рамковниот договор, А1, 4.9.2001.
  4. „НЕАЛБАНСКИТЕ ЕТНИКУМИ ПРОТИВ РАМКОВНИОТ ДОГОВОР, Македонско Сонце, 2002“. Архивирано од изворникот на 2008-12-01. Посетено на 2009-08-12.
  5. Македонската дијаспора против рамковниот договор, А1, 15.8.2001.
  6. Рамката поширока од државата, Дневник, 12.8.2009.
  7. Рамковен договор - осум години потоа, МИА, 12.8.2009.
  8. ДУИ организира свеченост за Рамковниот, A1, 13.08.2007.
  9. Пердју: Охридските преговори беа многу тешки, А1, 13.08.2008.
  10. „Петрит Менај, ОНА порака и надеж - Том 2, ФИООМ, 2008“. Архивирано од изворникот на 2016-12-21. Посетено на 2016-12-18.
  11. На clp.mk

Надворешни врски[уреди | уреди извор]