Размена на пораки

Од Википедија — слободната енциклопедија

Размена на пораки е збирка раскази од македонските писатели Влада и Тања Урошевиќ. Книгата е објавена во јуни 2013 година од издавачката куќа "Магор".

Размена на пораки е книга составена од два раскази, напишани од два автора. Притоа, книгата има две лица со истиот наслов, т.е. на едната страна стои името на Влада Урошевиќ, додека на другата страна е наведено името на Тања Урошевиќ. На почетокот од двете лица на книгата е испечатено заедничко објаснување, каде во писмото до читателите се објаснува поводот за настанувањето на книгата. Имено, двајцата автори, за време на летниот одмор, кој неколку години го поминувале на истото место, постојано биле засегнати од таинствената ненаселеност на една запуштена вила крај брегот. Оттука, тие се договориле да напишат по едне расказ за чудната вила, користејќи два-три заеднички мотива.[1]

Влада Урошевиќ напишал расказ во жанрот на стравот и ужасот, во кој се мешаат реалноста и измисленото, исполнети со проколнета љубов, мистериозна смрт, тајни пораки итн. Тој го сместува својот расказ во блиското минато, во еден анахрон аналоген свет. Тања Урошевиќ, пак, одбрала сличен мотив - неразјаснета смрт, мешање на световите, но сето тоа дадено како заднина, додека во преден план е современ љубовен триаголник. Нејзиниот расказ е сместен во модерното време, во ерата на мобилните телефони и преносните компјутери, кои не можат да помогнат човекот да се извлече од комуникациската изолираност и осаменост. Во расказот се кажува за љубовта помеѓу возрасни маж и жена кои споделуваат иста професија. Станува збор за женска приказна за исчекувањето, за неисполнувањето на љубовта, за млакоста на машките карактери и нивната лицемерна слабост да го зграпчат животот во сета негова исполнетост.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Роберт Алаѓозовски, "Летна(та) приказна", Економија и бизнис, год. 16. бр. 180, јули 2013, стр. 76.
  2. Роберт Алаѓозовски, "Летна(та) приказна", Економија и бизнис, год. 16. бр. 180, јули 2013, стр. 76-77.