Разговор:Ден на македонскиот јазик

Содржината на страницата не е поддржана на други јазици.
Од Википедија — слободната енциклопедија

Пред 72 години[уреди извор]

Првото официјално издание на нашиот првопис од 1945 година го носи насловот Македонски правопис и е изработен од Комисијата за јазик и правопис при Министерството на народната просвета. По овој Правопис од 1945 следува авторското издание на професорите Блаже Конески и Крум Тошев, насловено како Македонски правопис со правописен речник во издание на Државното книгоиздателство на НР Македонија – Скопје од 1950 година. Од ова издание на Правописот, сите изданија во кои се собрани ортографските и ортоепските нормирани правила во нашиот јазик, се забележани под насловот Правопис на македонскиот литературен јазик, и како таков тој до последното свое XVI коригирано издание (2007) останал непроменет. Кога, во периодот 1952–1954 година, се отпечатува Граматиката од Блаже Конески, кој самиот ја нарекува Граматика на македонскиот литературен јазик и следното издание на Правописот во 1969 година ќе го понесе насловот Правопис на македонскиот литературен јазик. До периодот на излегувањето на првата граматика, синтагмата македонски литературен јазик ни се чини оправдана зашто при изработката на својата Граматика, Блаже Конески (во услови на сè уште недоразвиени функционални стилови), главно, граматичките узуси ги засновал врз примери од македонското народно творештво што му било достапно преку собирачката дејност на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, на браќата Миладиновци... Подновеното издание на Правописот од 2015 год. ќе го носи насловот Правопис на македонскиот јазик од две причини: прво, од стандардизацијата до денес се поминати речиси 70 години во кои македонскиот јазик ги развил сите функционални стилови, така што определбата литературен не одговара во овој контекст; и второ, пред синтагмата македонски јазик нема да стои никаков друг квалификатив со оглед на тоа што се подразбира дека правопис се прави на стандарден јазик, а не, на пример, на дијалектен.

images copy copy copy copy copy

1. Неколку зборови за историјатот на македонскиот правопис

1.1. На Првото заседание на АСНОМ, коешто се одржало на 2. 8. 1944 година, била донесена одлука за воведување на македонскиот јазик како службен во новоформираната македонска држава Демократска Федерална Македонија во рамките на Демократска Федеративна Југославија. Неколку месеци подоцна (ноември 1944 година), Президиумот на АСНОМ назначил комисија чија задача била таа да даде Предлог за македонската азбука и за македонскиот правопис. Со оглед на тоа што оваа Комисија не ги прецизирала докрај своите ставови и мислења во врска со односните прашања, биле направени измени меѓу членовите на комисијата, по што во 1945 година биле донесени следниве решенија:

- во македонскиот литературен јазик да се установат оние форми од централните македонски говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно приемливи за луѓето од сите наши краишта;

- во македонскиот литературен јазик треба во најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат зборови со живи наставки, и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заемки;

- македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.

  Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулирала своите ставови во Резолуција, донесена на 3 мај 1945 година, која била усвоена на 5 мај од Владата на Демократска Федеративна Македонија. Правописот е озаконет на 7 јуни 1945 година.

2. Правописот од 1950 година Раководејќи се од горенаведените принципи, а особено почитувајќи го последниот принцип, во 1950 година професорите Блaже Конески и Крум Тошев го издаваат правописот насловен како Македонски правопис со правописен речник и во оваа форма тој егзистира како единствено дело од ваков тип до 1969 година.

Во првото поглавје од овој Правопис е предаден нацртот на буквите на македонската азбука. Ако ја сопоставиме оваа кирилица со онаа од црковнословенскиот период, ќе видиме дека голем дел од буквите што биле користени во македонските скрипторски центри од средниот век ги нема во современата македонска азбука. Како што истакнува Трајко Стаматоски во својата книга Борба за македонски литературен јазик (Стаматоски 1986, стр. 13–14): „Ова упростување најпрво ги зафаќа знаците за кои не постоеле посебни гласови во звуковиот состав на јазикот, потоа т.н. двојни, односно различните знаци за исти гласови, како и преземените од грчкото писмо“. Најочигледното упросту­вање на графискиот систем, според Т. Стаматоски, се случува во средината на XIX век кога под влијание на реформираната Вукова азбука и во текстовите на наши автори, како што е велешанецот Константин Петковиќ, почнува да се применува графемата ј со што природно се отфрлаат сите стари знаци кои го имаат овој глас во својот состав (јат, ја, ју), а во исто време тој послужува како знак за омекнување на согласките што му претходат, како: к, г, л, н. (Стаматоски 1986: 14).

Во современата македонска азбука од 1945 година се додаваат, условно наречени, нови графеми со кои се бележат:

- гласовите кои се развиле од претходните консонантски групи шт и жд, т.е. гласовите ќ и ѓ;

- гласовите кои се појавиле подоцна во македонскиот фонетски систем како џ, кои позициски постоеле, а чие влегување во системот било потсилено од големиот наплив на турски лексеми во кои бил присутен овој глас;

- меките н и л кои биле покриени со графемите љ и њ;

- графемата ѕ во оваа форма, наспроти старословенскиот нацрт Z;

- веќе споменатата графема ј.

Овде нема посебно да се задржуваме на секој од овие предложени нацрти од страна на составувачите на новата македонска азбука. Само ќе кажеме дека секој од овие нацрти има свое историско покритие или, поконкретно кажано, секој од овие нацрти се јавува во делата на нашите автори од целиот XIX век, како и во оние потпишани од раката на К. П. Мисирков. Во контекст на Мисирков, би сакале да истакнеме дека денешното бележење на гласовите ќ и ѓ со овие нацрти се негово авторство. Во нашиот XIX век овие гласови под влијание на српската азбука кај одделни наши автори се бележеле и како српско ќ и ѓ, чии нацрти Вук Караџиќ ги направил по углед на старословенската графема ѓерв (Стаматоски 1986).

Правописот од 1950 година претставува мала книшка со ограничен фонд зборови во правописниот речник. Македонскиот правопис со правописен речник ги содржи следниве поголеми поглавја: 1. Пишување на гласовите; 2. Преглед на формите; 3. Пренесување на делови од зборови од еден ред во друг; 4. Употреба на големи и на мали букви; 5. Интерпункција и на крајот следува Правописен речник со ограничен фонд на зборови (приближно 7000). Во овој речник цитирањето на гл. форми оди според 1. л. едн. сегашно време, а кај глаголите од и-група и е-група редовно се дава и второто лице еднина сегашно време. Она што паѓа в очи дека цитирањето на глаголите според 3. л. едн. сегашно време заживеало нешто подоцна по предлог на американскиот лингвист Хорас Лант, кој во 1952 година ја издава својата Граматика на македонскиот литературен јазик на англиски. Овој предлог од Х. Лант ќе биде искористен при изработката на граматиката на Блаже Конески во 1953 година.

3. Правописот од 1969 година Како што пишуваат во предговорот авторите на следниот правопис во 1969 година: „Правописниот речник на Б. Конески и К. Тошев извонредно многу придонесе за затврднувањето на правописните норми на нашиот литературен јазик, како и за усвојувањето на литературната реч. Принципите врз кои се засновува овој правопис и правописните начела се покажаа мошне солидни и ја издржаа пробата на времето. Меѓутоа некои прашања во тој прирачник, со оглед на недоволната јазична практика, не можеа да бидат разработени. Тоа се почувствува посебно со излегувањето на Граматиката од Б. Конески, Тритомниот речник, учебниците по граматика на мајчиниот јазик, многубројните научни и стручни прилози од нашите работници на полето на јазикот“. Токму од овие причини, како и од забрзаниот развој на науката за македонскиот јазик, големиот број литературни дела, Институтот за македонски јазик некаде кон средината на 60-тите години од минатиот век решава да пристапи кон изготвување на ново дополнето издание на Правописот кое ќе одговара на потребите на современото живеење. Редакцијата во состав: К. Тошев, Б. Видоески, К. Конески, Р. Угринова-Скаловска и Тодор Димитровски во својата работа се раководеле од тоа дека не треба да се засега во веќе установените правописни принципи и правила, туку дека тие треба да бидат поподробно обработени и, таму каде што е потребно, да бидат дополнети и доуточнети. Текстот на правописните правила во овој Правопис од 1969 година е многу поголем од тој во 1950 година. Тоа се должи на поинаквиот пристап при дефинирањето на правилата, потоа на внесувањата поголем број примери од современата литература, на дополнувања кон правописните правила и на самиот крај, како и поради внесувањата на 3 нови поглавја кои не постојат во Правописот од 1950 година. Станува збор за следниве три поглавја: Транскрипција на туѓите имиња, Скратеници и скратување на зборовите и Интерпункциски знаци.

1.4. Правописот на македонскиот литературен јазик со правописен речник од 1970 година

Во 1970 година, во издание на Просветно дело, Правописот на македонскиот литертурен јазик од 1969 година беше објавен заедно со Правописен речник (во авторство на К. Конески) – петпати поголем по обем во однос на оној од 1950. Речникот содржи околу 30 000 зборови и, главно, се базира врз лексичкиот фонд што се содржи во Тритомниот речник.

1.5. Правописот од 1998 година

Во 1998 година пред пошироката јавност се појавуваат две книги кои се однесуваат на правописот и правоговорот на македонскиот јазик. Едната, попозната меѓу студентите како „Синиот правопис“ е Правопис на македонскиот литературен јазик од авторите Б. Видоески, К. Конески, Р. Угринова-Скаловска и Тодор Димитровски, а другата е Правописен речник на македонскиот литературен јазик во авторство на К. Конески. Правописот на македонскиот литературен јазик во споредба со претходниот нема некои поголеми и круцијални измени – и натаму концепцијата е иста, истите поглавја што се содржат и во претходниот Правопис се дополнети со нови, подновени примери. Ново поглавје е поглавјето за акцентот во македонскиот јазик. Најголемите измени во ова издание на Правописот се однесуваат на поглавјата за транскрипција на туѓите имиња во кои покрај претходно обработените: латински, старогрчки, француски, шпански, германски, англиски, албански, турски, српски, хрватски, бугарски, руски, украински, белоруски, полски, чешки, словачки, е додадена и транскрипцијата на овие јазици: арапски, јапонски, кинески, новогрчки, персиски, португалски, романски, унгарски и холандски. За жал, иако овој Правопис се појави седум години од осамостојувањето на РМ, во него сè уште се присутни примери кои претставуваат отслик на едно време, обоено со идеологијата од времето на социјализмот: овде, пред сѐ, мислиме во деловите каде што се разгледува како се пишуваат имињата на институциите кои денес претставуваат историцизми или анахронизми во рамките на кратенките каде што сè уште фигурира кратенката В.П. за воена пошта (кои веќе и не постојат), или ЗИК за земјоделско-индустриски комбинат или СРЈ за Сојузна Република Југославија итн.