Работите на господинот Јулиј Цезар

Од Википедија — слободната енциклопедија

Работите на господинот Јулиј Цезар (германски: Die Geschäfte des Herrn Julius Caesar) - роман на германскиот писател Бертолт Брехт.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од четири дела:[1]

  • Прва книга - Кариерата на угледниот млад човек: Дваесет години по смртта на Гај Јулиј Цезар, еден млад историчар го посетува стариот банкар Мумлиј Спицер, со цел да му ги откупи записите на робот Рар, личниот секретар на Цезар. Врз основа на записите, историчарот планира да ја напише биографијата на Цезар. Спицер, кој бил долгогодишен познаник на Цезар, му раскажува на историчарот за почетокот на кариерата на Цезар при што не се искажува пофално за него. Така, Спицер раскажува дека Цезар постојано се задолжувал, а дека една легенда за младоста на Цезар е далеку од вистината. Токму поради големите долгови, Цезар влегол во политиката и во државната служба. По неколку дена поминати во разговор со историчарот, Спицер му ги предава записите на робот Рар.[2]
  • Втора книга - Нашиот господин Ц.:
  • Записите на Рар 1: Во своите записи, напишани во форма на дневник, секретарот на Цезар, робот Рар ги опишува секојдневните активности на Цезар, своите лични настани, како и економските и политичките прилики во Римво втората половина на 91 година. Откако Помпеј ја освоил Азија, во Рим имало наплив на робови, а тоа довело до намалување на платите на работниците и пораст на невработеноста. Истовремено, започнала борба меѓу римските финансиски кругови и Сенатот за контрола на трговијата со Азија, а Рим бил соочен со одлив на капиталот. Во народот владеело големо незадоволство од власта, од корупцијата на Сенатот и од нееднаквоста и тогаш, Цезар се ангажирал во конзулските избори. Пред изборите, тој постојано правел политички сплетки, соработувајќи истовремено со партијата на Сенатот и со групата околу Катилина. Истовремено, тој се впуштил во шпекулации со земјиштето, а покрај тоа ја изневерувал својата жена со сопругата на големиот војсководач Помпеј. Непосредно пред изборите, примил поткуп од Катон и ги изиграл гласачите од демократската партија, така што победила партијата на Сенатот. Тоа предизвикало големо незадоволство од превртливото однесување на Цезар. Набргу, по изборите, во Рим започнале немири при што толпата влегла во домот на Цезар и го истепала. По изборите, во Рим се зголемила тензијата, предизвикана од војската на Катилина и од вооружените демократски клубови. Сепак, обидот за преврат пропаднал, по што Сенатот спроведол масовни апсења. Политичката нестабилност предизвикала финансиска криза и Цезар претрпел голема загуба од шпекулациите со земјиштето, така што неговите долгови се зголемиле уште повеќе. За да излезе од непријатната состојба, користејќи ги своите политички сплетки, тој издејствувал да биде избран за градски судија (претор).[3]
  • Трета книга - Класично управување со провинција:
  • Записите на Рар 2: Вториот дел од Раровите записи ги опишуваат настаните од втората половина на 92 година. Веднаш по стапувањето на судиската должност, Цезар ја запрел истрагата за заверата на Каталина во која бил замешан и тој. Во меѓувреме, војската на Катилина била целосно поразена, а Цезар ја добил на управување Шпанија. Потоа, Спицер му раскажува на историчарот: По поразот на Катилина, моќта на Цезар се зголемила, зашто демократската партија речиси се распаднала, овозможувајќи му да исплива на површината. Кога Помпеј се вратил во Рим, Цезар веќе се подготвувал да замине во Шпанија, но бил притиснат од доверителите кои настојувале да ги наплатат побарувањата од него. Тогаш, Цезар бил во безизлезна положба, но Спицер застанал на неговата страна, овозможувајќи му на Цезар да го уцени Крас, кој бил принуден да гарантира за неговите долгови. Неговото владеење со Шпанија било одбележано со војување против планинските племиња, со соработка со шпанските трговци и со потпирање врз римските банки. Сето тоа му овозможило да постигне голем успех во Шпанија и да оствари голема заработка.[4]
  • Четврта книга - Троглавата ламја:
  • Записите на Рар 3: Третиот дел од Раровите записи се однесуваат на настаните од 94 година: За постигнатите успеси во Шпанија, Сенатот му одобрил на Цезар да се врати триумфално во Рим. По враќањето во Рим, Цезар се кандидирал за конзул. За време на предизборниот период, тој повторно правел сплетки со политичките партии, но истовремено се однесувал неодговорно. Сепак, поради сплет на разни околности, тој останал единствен демократски кандидат за конзул.[5]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Брехт го пишувал романот во текот на 1938 и 1939 година, за време на неговиот егзил во Данска, но истовремено работел на многу други дела, поради што романот останал недовршен. Идејата за овој роман првпат се споменува во неговиот „Работен дневник“ во септември 1937 година, кога во Париз, Брехт разговарал со германскиот режисер Ервин Пискатор за можноста да се напише драмски текст за Цезар. Поттикнат од Пискатор, Брехт ја прифатил идејата и побарал од својата жена во Виена да ја купи книгата на Момзен „Римска историја“. Подоцна, додека живеел во Данска, Брехт разговарал со марксистичкиот философ Карл Корш за ХегеловатаИсторија на философијата“ која сериозно ја проучувал, заедно со „Естетиката“. По заминувањето на Корш во САД, Брехт го исветил дека работата на драмскиот тескт напредувала тешко. Сепак, на 1 февруари 1938 година, Брехтовата соработничка Маргарета Штефтин му напишала писмо на философот Валтер Бенјамин, известувајќи го дека, наместо драмскиот текст, Брехт веќе почнал да работи на мал роман за Цезар.[6]

Во работата на романот за Цезар, Брехт се потпирал врз ставовите на философите Корш и Бенјамин за толкувањето на историјата. Брехт го прифатил сфаќањето на Корш дека „секоја историска епизода претставува автономен организам кој треба да се сфаќа во особени категории“ за што сведочи подоцнежната Брехтова 36. теза од „Малиот органон за театарот“ во која тој вели дека општествените структури од минатото не треба да се претставуваат како нешто вечно, туку да се има предвид нивната различност и нивната минливост. Поради тоа, како што пишува италијанскиот проучувач на делото на Брехт, Франко Буоно, романот треба да се чита внимателно и не треба премногу лесно да го споредуваме со општествените конфликти на нашето време. Напротив, според Буоно, Брехт „ги бара специфичностите на римскиот свет и го опишува од исто толку специфична класна гледна точка. Притоа, Брехт го набљудува Цезар од повеќе различни ракурси, но никогаш од гледна точка на археолозите или објективните историчари. Во романот, Цезар го оценуваат банкарите Кулон, Пулхер и Опиј, поетот Васциј Алдер, отпуштените римски легионери и двајцата главни сведоци – судскиот извршител Мумлиј Спицер и Цезаровиот секретар, робот Рар. На тој начин, Цезар е осветлен од сите страни, но најмалку како државник и војсководач. Наместо Цезаровите јунаштва и стратегиски замисли, во романот се прикажани неговите шпекулации со земјиштето, политичките сплетки, односите со љубовниците, искористувањето на пријателите итн. Така се прикажува еден поинаков Цезар, демитологизиран и демистификуван, како пример за сите идни диктатори. Со тоа, наместо апологетска биографија, романот претставува иронична скица на Цезар на патот кон диктатурата. Прикажувајќи го Цезар како човек задлабочен во своите лични интереси, Брехт намерно сакал да даде поинаква слика на епохата на Цезар, која се разликува од историските читанки. Таквиот резултат, Брехт го постигнал со точна примена на стилските средства: според него, записите на робот Рар се одликуваат со „лош стил, неелегантност... и непластичност“, додека деловите во кои се појавува Спицер „дозволуваат подобри рефлексии, а сатиричниот елемент во нив е понепосреден“.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Bertolt Breht, Poslovi gospodina Julija Cezara. Beograd: Rad, 1987.
  2. Bertolt Breht, Poslovi gospodina Julija Cezara. Beograd: Rad, 1987, стр. 5-37.
  3. Bertolt Breht, Poslovi gospodina Julija Cezara. Beograd: Rad, 1987, стр. 39-124.
  4. Bertolt Breht, Poslovi gospodina Julija Cezara. Beograd: Rad, 1987, стр. 125-155.
  5. Bertolt Breht, Poslovi gospodina Julija Cezara. Beograd: Rad, 1987, стр. 157-182.
  6. Slobodan Glumac, „Brehtov Cezar“ во: Bertolt Breht, Poslovi gospodina Julija Cezara. Beograd: Rad, 1987, стр. 183-184.
  7. Slobodan Glumac, „Brehtov Cezar“ во: Bertolt Breht, Poslovi gospodina Julija Cezara. Beograd: Rad, 1987, стр. 185-186.