Прејди на содржината

Пчелесто колибри

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пчелесто колибри
Мажјак (младенче)
Женка во лет
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Пиштарковидни
Семејство: Колибрија
Род: Пчелести колибрија
Вид: Пчелесто колибри
Научен назив
Mellisuga helenae
(Lembeye, 1850)

Пчелесто колибри (науч. Mellisuga helenae) — вид од семејството на колибријата (Trochilidae) и најмала птица во светот.[1][2]

Како најмала птица, ова колибри е мошне лесно. Женката тежи 2,6 г и долга е околу 6,1 см и е малку поголема од мажјакот, чија просечна тежина изнесува 1,95 г и има должина од 5,5 см.[3] Како што укажува самото име, птицата има слична големина на пчела. Како и сите колибрија, птицата е силен и спретен летач.

Мажјакот има зелена глава и црвено грло, гуша со прелеани бои и издолжено странично перје, сино во горните делови, додека статокот од подолните делови е претежно сивобел.[1][4] Женкатае нешто поголема. Таа е зелена горе, а белузлава долу, со бели врвови на опашните пердуви. Во споредба со другите мали колибрија, кои се тенки, пчелестото колибри има заоблен и набиен изглед.

Женките се синозелени со светлосива долна страна. Врвовите на опашката се просеани со бели точки. Во парната сезона, главата и грлото на мажјаците стануваат црвеникаво-розови. Женката несе по две јајца, секое со големина на зрно грашок.[1]

Силните прелеани бои на перјето на пчелестото колибри му дава изглед на скапоцен камен. Прелевањето не е секогаш забележливо, туку зависи од аголот на гледање. Тенкиот клун е приспособен за достигање на нектарот длабоко во цветовите, но птицата понекогаш јаде инсекти или пајаци, грабнувајќи ги со јазикот кој го испружува и вовлекува со голема брзина. Хранејќи се, птицата нафаќа полен на клунот и главата, пренесувајќи го на другите растенија кога лета од цвет на цвет. На овој начин, колибрито игра важна улога во размножувањето на растенијата. Во текот на еден ден, птицата може да посети до 1.500 цветови.[5]

Женката гради гнездо користејќи парчиња од пајажина, кора од дрва и лишаи, постелувајќи го со меки растителни влакна. Гнездото има облик на шолја, но со пречник од само 2,5 см. Квачењето и одгледувањето на младите го врши сама.

Се смета дека пчелестото колибри посетува до 10 видови растенија, од кои девет се ендемски во Куба. Тие се Hamelia patens (сем. бросови), Chrysobalanus icaco (сем. златосливи), Pavonia paludicola (сем. слезови), Forsteronia corymbosa (сем. кучешки чемери), Lysiloma latisiliquum (сем. мимози), Turnera ulmifolia (сем. часовничиња), Antigonon leptopus (сем. троскоти), Clerodendrum aculeatum (сем. врбинки), Tournefortia hirsutissima (сем. лисичинки), and Cissus obovata (сем. лози).[6]

Живеалиште и распространетост

[уреди | уреди извор]

Оваа птица е ендемски вид, и живее на целиот архипелаг на Куба, вклучувајќи го Островот на Младоста (Хувентуд) во Западните Инди.[3] Живее претежно на стрмните ридишта (моготе)[7], а поретко се среќава на Плаја Ларга кај мочуриштето Сапата,[8] и во западна Куба.[6]

Размножување

[уреди | уреди извор]
Страничен поглед на гнездо

Пчелестото колибри се размножува од март до јуни и полага по 2 јајца.[9]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 Simon, Matt (10 July 2015). „Absurd Creature of the Week: The World's Tiniest Bird Weighs Less Than a Dime“. Wired. Посетено на 8 March 2017.
  2. Dalsgaard, B; Martín González, A. M.; Olesen, J. M.; Ollerton, J; Timmermann, A; Andersen, L. H.; Tossas, A. G. (2009). „Plant-hummingbird interactions in the West Indies: Floral specialisation gradients associated with environment and hummingbird size“. Oecologia. 159 (4): 757–66. doi:10.1007/s00442-008-1255-z. PMID 19132403.
  3. 3,0 3,1 Adrienne Glick. „Mellisuga helenae“. Animal Diversity Web. Посетено на 2017-06-19.
  4. T. S. Schulenber, уред. (2010). „Bee Hummingbird, Mellisuga helenae. Ithaca, N.Y.: Neotropical Birds Online, Cornell University Laboratory of Ornithology. Посетено на 8 March 2017.
  5. Piper, Ross (2007). Extraordinary Animals: An Encyclopedia of Curious and Unusual Animals'. Greenwood Press. ISBN 978-0313339226.
  6. 6,0 6,1 Dalsgaard, Bo, et al. "Floral traits of plants visited by the bee hummingbird (Mellisuga helenae)". Ornitologia Neotropical 23.1 (2012): 143–149.
  7. Ibarra, Elena. "Bird Surveys In The Mogote Vegetational Complex In The Sierra Del Infierno, Pinar del Rio, Cuba, June 2000". El Pitirre: 7.
  8. Garrido, O. H., & A. Kirkconnell. 2000. Field guide to the birds of Cuba. Cornell University Press, New York
  9. Martínez García, Orestes; Bacallao Mesa, Loraiza; Nieves Lorenzo, Elio (1998). „Preliminary study on the reproductive behaviour of Mellisuga helenae (Aves, Apodiformes) in natural conditions“. El Pitirre (шпански) (Winter): 102–106.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]