Пурпурната роза на Каиро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Пурпурната роза на Каиро (англиски: The Purple Rose of Cairo ) е американски филм од 1985 година, во режија на Вуди Ален (Woody Allen), кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Мија Фароу (Mia Farrow), Џеф Даниелс (Jeff Daniels), Џон Вуд (John Wood), Дени Ајело (Danny Aiello), Едвард Херман (Edward Herrmann), Дајен Вист (Dianne Wiest) итн.[1] Филмот освоил 15 награди (еден „Златен глобус“, две награди на БАФТА, наградата FIPRESCI на Канскиот филмски фестивал итн.), а имал уште 15 други номинации (меѓу кои и една номинација за „Оскар“).[2]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се случува во Њу Џерси во 1935 година. Сесилија (ја игра Фароу) работи како келнерка, но не се снаоѓа во работата поради што наскоро е отпуштена. Таа е омажена за Монк (го игра Ајело), кој е мрзелив така што таа го издржува, иако тој често ја изневерува и ја тепа. Сесилија често оди во кино каде неколкупати го гледа филмот „Пурпурната роза на Каиро“. За време на една претстава, Том Бакстер (го игра Даниелс), еден од главните ликови во филмот, ја забележува Сесилија, излегува од екранот и заедно со неа ја напушта кино-салата, на изненадување на гледачите. По неговото заминување, останатите глумци се збунети и не можат да продолжат со глумата, барајќи да се врати Том. Том е вљубен во Сесилија и сака да се ожени со неа, но има проблеми да се снајде во стварноста. Набргу, тој необичен настан предизвикува скандал така што продуцентот на филмот и Гил Шепард (го игра Даниелс), глумецот кој го игра Том, решаваат да го пронајдат Том и да го вратат во филмот. Гил случајно се запознава со Сесилија и дознава дека таа е жената поради која Том го напуштил филмот. Меѓутоа, откако таа му кажува дека е воодушевена од неговата глума, Гил се вљубува во неа. Том ја зема Сесилија и заедно влегуваат во филмот каде тој ја шета низ Њујорк. Тогаш, во кино-салата доаѓа Гил и Сесилија мора да бира помеѓу Том и Гил. Таа го одбира Гил, така што Том се враќа во филмот. Сесилија набрзина ги пакува своите работи и го напушта Монк, но кога оди пред киното, таму дознава дека Гил си заминал во Холивуд. Разочарана, Сесилија влегува во киното каде го гледа филмот што се прикажува, настојувајќи да најде утеха во него.

Наводи[уреди | уреди извор]