Процес на национална реорганизација

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Првата воена хунта“ - адмирал Емилио Масера, генерал-полковник Хорхе Видела и бригадниот генерал Орландо Агости (од лево кон десно) - ја одбележуваат воената парада на Денот на независноста на Авенида дел Либертадор, 9 јули 1978 година.

Процес на национална реорганизација (шпански: Proceso de Reorganización Nacional, често скратено нарекуван како „Процесот“ el Proceso) бил воена диктатура која владеела со Аргентина од 1976 до 1983 година, и која до 1982 година била поддржана од САД. Поради тоа што во историјата на Аргентина честопати имало диктатури, Процесот на национална реорганизација е познат и како „последната воена хунта“ (última junta militar), „последната воена диктатура“ (última dictadura militar) или „последната цивилно-воена диктатура“ (última dictadura cívico-militar).[1]

Аргентинските вооружени сили, за време на државниот удар од март 1976 година против претседателката Изабел Перон ја презеле власта. По доаѓањето на новата власт, биле суспендирани Конгресот и демократијата, политичките партии биле забранети, граѓанските права ограничени и биле воведени политики за слободен пазар и дерегулација. Претседателот на Аргентина и неговите министри биле именувани од воениот персонал, а перонистите и левичарите биле прогонувани. Хунтата ја започнала Валканата војна, политика на државен тероризам против противниците која опфаќала тортура, вонсудски убиства и систематски принудни исчезнувања, при што повеќето жртви биле цивили. Јавното противење поради кршењето на граѓанските права и неможноста да се справи со економска криза во Аргентина било причина во април 1982 година хунтата да ги нападне Фолкландските Острови. По започнувањето, а особено по губењето на Фолкландската војна против Обединетото Кралство во јуни истата година, хунтата почнала да пропаѓа и конечно со изборот на претседател Раул Алфонсин во 1983 година се откажала од власта.

Членовите на Процесот на национална реорганизација биле обвинети во Судењето на хунтите во 1985 година, при што добиле казни од доживотен затвор до воен суд за лошо водење на Фолкландската војна. Во 1989 година, биле помилувани од претседателот Карлос Менем, но по новите обвиненија во раните 2000-ти биле повторно уапсени. Речиси сите преживеани членови на хунтата отслужуваат казни за злосторство против човештвото и геноцид . Овој режим според историчарите и научниците има одлики на неофашизам.[2][3][4][5]

Државен удар од 1976[уреди | уреди извор]

Генерал-полковник Хорхе Рафаел Видела положува заклетва кога станува претседател на Аргентина.

Војската на Аргентина отсекогаш била многу влијателна во аргентинската политика, а аргентинската историја е преполна со чести и долги интервали на воено владеење. Популарниот аргентински водач, Хуан Перон, трикратен претседател на Аргентина, бил полковник во армијата кој прв дошол на власт по воен удар во 1943 година. Тој се залагал за нова политика наречена Јустицијализам, националистичка политика за која тврдел дека е „Трета позиција“, алтернатива на капитализмот и на комунизмот. Откако бил реизбран на функцијата претседател на народни избори, Перон бил сменет и протеран од Револуцијата Либертадора во 1955 година.

По низа слаби влади и седумгодишна воена влада, Перон се вратил во Аргентина во 1973 година, по 18-годишен егзил во франкова Шпанија, среде ескалација на политички немири, поделби во перонистичкото движење и чести избивања на политичко насилство. Неговото враќање било обележано со масакрот во Езеиза на 20 јуни 1973 година, по што десницата од перонистичкото движење станала доминантна.

Перон бил демократски избран за претседател во 1973 година, но починал во јули 1974 година. Неговиот потпретседател и трета сопруга, Исабел Перон, го наследила како претседател на Аргентина, но се покажала како слаб и неефикасен владетел. Многу револуционерни организации почнале бран на политичко насилство (вклучувајќи киднапирања и бомбашки напади) против кампањата на остри репресивни и одмазднички мерки спроведени од војската и полицијата. Ситуацијата ескалирала и Перон била соборена. Таа на 24 март 1976 година била заменета од воена хунта на чело со генерал-полковник Хорхе Рафаел Видела.

Валкана војна[уреди | уреди извор]

Официјалните истраги преземени по крајот на валканата војна од страна на Националната комисија за исчезнување на лица документирале 8.961 [6] жртви на присилно исчезнување (desaparecidos) и други прекршувања на човековите права, истакнувајќи дека точниот број сигурно ќе биде поголем. Многу случаи, кога цели семејства исчезнаувале, никогаш не биле пријавени, а војската уништила многу од нејзините записи неколку месеци пред враќањето на демократијата.[6] Меѓу „исчезнатите“ имало бремени жени, кои во тајните затвори во често примитивни услови биле одржувани во живот до породувањето. Доенчињата обично биле незаконски посвојувани од воени или политички семејства поврзани со администрацијата, а мајките најчесто убивани. Илјадници затвореници биле дрогирани, натоварани на авиони, соблекувани голи и потоа фрлени во Рио де ла Плата или во Атлантскиот Океан за да се удават во т.н. „летови на смртта“.[7][8][9][10]

Филмот Службена верзија (1984), кој во 1985 година освоил Оскар за најдобар странски филм, се осврнува на оваа ситуација. Аргентинската тајна служба SIDE (Secretaría de Inteligencia del Estado) исто така соработувала со ДИНА во Чиле на Пиноче и со други јужноамерикански разузнавачки агенции. Осум јужноамерикански држави ги поддржувале напорите за искоренување на левичарските терористички групи од континентот. Ова е познато под името операција Кондор, кампања на антидемократска и политичка репресија и државен терор поддржана од Соединетите држави. Се проценува дека предизвикала смрт на повеќе од 60.000 луѓе.

Режимот го затворил законодавниот дом и ги ограничил слободата на печатот и слободата на говорот, преку усвојување на строга медиумска цензура. Светското првенство во фудбал од 1978 година, на кое Аргентина била домаќин и ја освоила титулата, било искористено како средство за пропаганда.

Под Процес на национална реорганизација се подразбирало „воведување ред и контрола“ во критичната општествено-политичка ситуација во Аргентина. Киднапирањата од идеолошки причини и незаконските апсења, честопати врз неосновани обвинувања, станале секојдневие. Војниците упаѓале во куќи по случаен избор, полицијата без причина запирала автомобили, ги тепала патниците и ги пуштала без никакво објаснување - сето ова и други слични мерки биле дел од програмата за заплашување на населението и оневозможување на негово учество во секакво протестно движење. Владини агенти се инфилтрирале во универзитетскиот живот; и како резултат на тоа, студентите кои отворено ги искажувале своите левичарски или протестни ставови едноставно „исчезнале“.

Корупцијата, неуспешната економија, зголемената јавна свест за суровите репресивни мерки преземени од режимот и воениот пораз во Фолкландската војна, ја нарушиле јавната слика на режимот. Последниот де факто претседател, Рејналдо Бињоне, поради недостаток на поддршка од Армијата и постојаниот притисок на јавното мислење бил принуден да свика избори. На 30 октомври 1983 година, биле одржани избори, а демократијата била формално обновена на 10 декември со положување заклетва на претседателот Раул Алфонсин.

Економска политика[уреди | уреди извор]

Како нов претседател на Аргентина, Видела се соочил со економски колапс и галопирачка инфлација. Тој економската политика ја оставил во рацете на министерот Хосе Алфредо Мартинес де Хоз, кој вовел слободна трговија и дерегулаторна економска политика.[11]

Мартинес Де Хоз започнал да води политика на стабилизација и приватизација на државните компании, која подоцна била препозната како неолиберален курс.[12] Нему му се спротивставил генералот Рамон Дијаз, министерот за планирање, кој се залагал за политика на корпоративизам со државна контрола врз клучните индустрии. И покрај оставката на Дијаз, воените офицери, од кои многумина планирале да водат државни компании, ги спречиле обидите за приватизација на Мартинес де Хоз. Во меѓувреме, воената хунта добила надворешни заеми за финансирање јавните работи.и социјалната сигурност.[13] Мартинес де Хос бил принуден да се потпре на високите каматни стапки и задржување на девизниот курс за да ја контролира инфлацијата, што му наштетило на аргентинското производство и извоз. Економската политика на хунтата довела до намалување на животниот стандард на населението и до зголемување на социјалната нееднаквост.[14]

Последици[уреди | уреди извор]

По декретот на претседателот Алфонсин со кој се наложува гонење на водачите на Процесот за дела извршени за време на нивниот мандат, тие биле судени и осудени во 1985 година. Во 1989 година, претседателот Карлос Менем, за време на неговата прва година на функцијата, ги помилувал што било многу контроверзно. Тој рекол дека помилувањата се дел од заздравувањето на земјата. Во 2005 година, Аргентинскиот Врховен суд ги прогласил законите за амнестија за неуставни. Како резултат на тоа, владата ги продолжила судењата против воените офицери кои биле обвинети за дејствија за време на валканата војна.[15]

Адолфо Силинго, аргентински поморски офицер за време на хунтата, бил суден за неговата улога во фрлањето на дрогирани и голи политички дисиденти од воени авиони во Атлантскиот Океан за време на владеењето на хунтата. Неговата вина била докажана во Шпанија во 2005 година и за злосторства против човештвото бил осуден на 640 години затвор. Казната подоцна била зголемена на 1084 години.

Кристијан фон Верних, католички свештеник и поранешен капелан на полицијата во провинцијата Буенос Аирес, бил уапсен во 2003 година под обвинение за тортура на политички затвореници во нелегални притворски центри. На 9 октомври 2007 година, аргентинскиот суд го осудил на доживотен затвор.

Аргентинците во поворка за сеќавање на жртвите на воената диктатура, 24 март 2017 година

Претседатели на Аргентина, 1976-1983 година[уреди | уреди извор]

  • Хорхе Рафаел Видела (29 март 1976 - 29 март 1981)
  • Роберто Едуардо Виола (29 март - 11 декември 1981)
  • Карлос Лакост (Привремен) (11-22 декември 1981)
  • Леополдо Галтиери (22 декември 1981 - 18 јуни 1982)
  • Алфредо Оскар Сен Жан (привремен) (18 јуни 1982 - 1 јули 1982)
  • Рејналдо Бињоне (1 јули 1982 - 10 декември 1983)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Accueil | Sciences Po Violence de masse et Résistance - Réseau de recherche“. sciencespo.fr. Посетено на 2020-11-05.
  2. Rizki, Cole (2020-10-01). "No State Apparatus Goes to Bed Genocidal Then Wakes Up Democratic". Radical History Review (англиски). 2020 (138): 82–107. doi:10.1215/01636545-8359271. ISSN 0163-6545. On March 24, 1976, the Argentine military staged a coup d’état and established a fascist dictatorship that perpetrated genocide for seven years.
  3. "The use of the Nazi-Fascist Discourse by Argentinean Governments"“. Report on Anti-semitism in Argentina (англиски). Social Research Center of DAIA. 2006.
  4. Global Latin America : into the twenty-first century. Matthew C. Gutmann, Jeff Lesser. Oakland, California. 2016. ISBN 978-0-520-96594-2. OCLC 943710572. It was a sacrifice of some questionable lives to preserve the Proceso, the National Process of Reorganization to make Argentina conform to a right-wing fascist version of Catholicism.CS1-одржување: друго (link)
  5. Finchelstein, Federico (2014). The ideological origins of the dirty war : fascism, populism, and dictatorship in twentieth century Argentina. Oxford. ISBN 978-0-19-993024-1. OCLC 863194632. The Last Military dictatorship in Argentina (1976-1983) was many things. Outside its concentration camps it presented the facade of a typical authoritarian state. Within them, however, it was fascist.
  6. 6,0 6,1 „Nunca más“. Desaparecidos.org. Посетено на 22 February 2015.
  7. Thomas C. Wright (2006).
  8. Calvin Sims (13 March 1995).
  9. Ed Stocker (27 November 2012).
  10. Teresa Bo (29 November 2012).
  11. „Jorge Rafael Videla | president of Argentina | Britannica“.
  12. „Argentina - Military government, 1966–73 | Britannica“.
  13. „Lo que pienso de Martínez de Hoz“. 6 November 2017.
  14. Lewis, Paul.
  15. „Americas | Argentine amnesty laws scrapped“. BBC News. 15 June 2005. Посетено на 22 February 2015.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]