Процес на кредитирање

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Процес на кредитирање (англиски: Credit Process) ги опфаќа активностите кои ги извршуваат кредитните службеници и раководителите на различни нивоа во банките во врска со одобрувањето и извршувањето на кредитите.

Процес на кредитирање кај банките[уреди | уреди извор]

Процесот на кредитирање вклучува голем број активности кои што ги извршуваат вработените и раководителите на различни нивоа во банката. Формално, процесот на кредитирање започнува од моментот кога клиентот поднесува барање за одобрување кредит, макар што бројни активности се извршуваат и претходно. Имено, притиснати од конкуренцијата, банките не можат да си дозволат да чекаат клиентите да им пристапат со барање да им се одобри кредит. Напротив, банката мора постојано да спроведува истражување на пазарот со цел да ги открие потребите на клиентите и можностите за одобрување на нови кредити со прифатлив однос на приносот и ризикот. За таа цел, банката ги анализира тековните движења во стопанството (и одделно, во одредени сектори), прави проекции на идната побарувачка на кредити, ги анализира трендовите на оделни видови кредитни производи, ја анализира конкуренцијата итн. Исто така, банките спроведуваат агресивни маркетиншки кампањи со цел да ја запознаат јавноста со своите кредитни производи и да привлечат нови клиенти. Најпосле , во рамките на оваа претходна фаза на процесот на кредитирање, кредитните службеници се должни редовно да одржуваат блиски контакти со постојните и потенцијалните клиенти. Всушност, кредитните службеници имаат задача редовно да им се јавуваат да клиентите, да ги посетуваат и да разговараат за нивните финансиски потреби, како и да ги претставуваат кредитните производи кои што ги нуди банката.[1]

Прием на кредитното барање[уреди | уреди извор]

Процесот на кредитирање започнува во моментот кога клиентот ке одлучи да поднесе барање за одобрување на кредит. Кога се работи за кредитирање на претпријатиjата, вообичено е кредитниот службеник, претходно, да направи интервју со претставник на претпријатието. Интервјуто служи за двонасочна размена на почетни информации меѓу банката и клиентот, кои што се важни за добивање претходна слика за намерите на претпријатието и неговата способност и подготвеност за навремена отплата на кредитот. Така, кредитниот службеник го известува кредитобарателот за условите и постапката на кредитирањето: износот на кредитот, каматната стапка, провизиите и другите трошоци, рокот на отплата, инструментите за обезбедување, времетраење на постапката, потребната документација итн. Од друга страна, за време на интервјуто, кредитниот службеник настојува да добие првични информации за работењето на клиентот, неговите идни планови, финансиските потреби, наменетa на кредитот итн. Исто така, кредитниот службеник треба да го искористи овој разговор за да стекне прв впечаток за финансиската состојба, карактерот, чесноста на клиентот и за други околности, кои што имаат пресудно влијание врз оцената на неговата кредитноспособност. Притоа, доколку кредитниот службеник стекне негативен впечаток за клиентот, тоа може да биде добра основа за одбување на кредитното барање. Ако пак впечатокот од интервјуто е поволен, кредитниот службеник ке направи посета на претпријатието со цел да стекне дополнителни информации за неговата дејност, организацијата, органите на управување и состојбата на имотот кои што би служел како обезбедување. Најпосле, дополнителни информации за клиентот може да се добијат преку контакти со неговите поважни добавувачи, од други банки кои што имале искуство со него, како и од кредитниот регистар на НБРМ. Инаку, заедно со формалното барање за одобрување на кредитот, клиентот треба да достави определни документи кои што зависат од видот на кредитот. Исто така, потребната документација зависи и од тоа дали се работи за нови или постоечки клиенти на банката, бидејќи за вторите банката веќе поседува досије со сите потребни информации и документи. Вообичаено, во кредитното барање се наведуваат следниве податоци: општи податоци (правен статус, дејност, сопственичка структура, органи на управување итн.), износот и намената на кредитот, пожелен рок на враќање, инстурменти за обезбедување на кредитот, динамиката на користење на кредитот и очекуваните ефекти од него. Во продолжение, заедно со кредитното барање, претпријатието треба да достави и обемна документација, која што се состои од: финасиски извештаи за неколку години, одлука на надлежниот орган на управувањеза користење на кредит, склучени договори или преддоговори за набавка или продажба, спецификација на постојаните и обртните средства, изводи од банкарските сметки, инвестициска студија со целокупна проектна документација, разни дозволи и согласности на државните органи, итн.[2] [3]

Кредитна анализа[уреди | уреди извор]

Откако клиентот поднел формално кредитно барање, вработените во кредитната служба на банката треба да го анализираат со цел да ја оценат неговата кредитна способност. Без сомнение, оваа е критичната фаза во процесот на кредитирање, зашто ако се направи погрешна проценка на способноста и волјата на клиентот за навремено враќање на кредитот, последиците ке се провлекуваат и во другите фази на кредитниот процес, со значајни негативни последици врз финансиската положба на банката. Обработката на кредитното барање започнува со почетна, формална анализа со која треба да се провери дали барањето е целосно потполнето, дали ги содржи сите потребни податоци и дали придружната документација е целосна и исправна. Ако нешто недостасува, банката треба да му го врати кредитното барање на клиентот со барање да се обезбедат потребните податоци и документи. Ако пак барањето е исправно, тогаш се пристапува кон негова суштинска обработка, односно започнува процесот на кредитна анализа (credit analysis). Станува збор за сеопфатна анализа на целокупното работење на клиентот и на конкретниот проект што треба да се финансира со кредитот. Според тоа, оваа анализа вклучува бројни квалитативни и квантитативни аспекти, при што, со примена на определни методи, банката треба да го процени кредитниот ризик. Притоа, покрај примената на определени аналитички техники, голема улога во кредитната анализа имаат и знаењето и искуството на кредитните службеници. Имено, субјективната проценка и личниот став на кредитниот службеник секогаш имаат определно влијание врз крајната одлука за одобрување на кредитот. Инаку, во рамките на кредитната анализа банката ги оценува следниве елементи: процесот на управување на претпријатието, човечките ресурси, претходната деловна историја, основните и обртните средства, конкурентската положба на претпријатието на пазарот, односите со главните купувачи и продавачи, финансиските показатели (профитабилност, ликвидност,солвентност, задолженост итн.), оправданоста на инвестициската програма, квалитетот на обезбедувањето итн. Ако се работи за веќе постоечки клиент на банката тогаш се проверуваат податоците за претходното искуство на банката со тој клиент, т.е. дали во минатото редовно ги извршувал обврските кон банката, дали имало проблеми во наплатата на кредитот, дали се вршени преструктурирања на кредитите итн. Притоа, ако кредитните службеници немаат за познавање за некои технички работи, банката ќе ангажира надворешни стручни лица (на пример, технолози, архитекти, информатичари, машински инженери, проценители итн.).[4]

Одлучување за кредитното барање[уреди | уреди извор]

Крајниот производ на претходната фаза од кредитниот процес е реферат за кредитно барање, кои што вообичаено ги содржи следниве делови: вовед, опис на проектот што се финансира, заклучок и предлог-одлука. Во воведниот дел се дадени општите податоци за кредитобарателот, како што се: праван статус, организација, дејност, задолженост, претходни односи со банката итн. Исто така, во воведниот дел се вклучени и основните информации за бараниот кредит: износ, намена, каматна стапка, рок на отплата итн. Во вториот дел на рефератот се опишува инвестициската програма и се дава оцена на нејзината оправданост, особено од аспект на паричните текови што таа ке ги остварува. Потоа, во рефератот се прави заклучок на податоците и оцените изнесени во претходните два дела. Најпосле, кредитниот службеник треба да даде образложен предлог за прифаќање или одбивање на кредитното барање.

Рефератот претставува важен елемент при донесување одлука дали кредитното барање да се одобри или пак да се одбие. Согласно стрктурата на кредитниот реферат, во истиот треба да бидат содржани следните елементи:[5] [6]

  • општи податоци за кредитобарателот (име, седиште – адреса, вид на сопственост, дејноста која ја извршува),
  • износ на кредитно барање,
  • намена на кредитот,
  • динамика на користење на средствата,
  • висина на бараната каматна стапка,
  • рок и динамика на враќање на кредитот (месечно, квартално, семестрално, ануитетски, еднократно),
  • вкупниот капитал на кредитобарателот,
  • капацитетот на кредитобарателот - обемот на производството, договорените активности,
  • износот и структурата на вкупните срества со кои располага кредитобарателот (сопствени, позајмени, основни, обртни),
  • финансиските показатели,
  • вкупна задолженост во банкарскиот сектор,
  • висина на ануитетите по вкупната задолженост,
  • преглед на дотогашните деловни односи со банката (кредитна историја - уредност во измирување на обврските, депозитна активност – висина на депозити, платен промет-денарски и/или девизен и др.),
  • понудено обезбедување,
  • проекција на очекуваните ефекти,
  • добавувачи и купувачи.

Инаку, кредитниот процес на одлучување во врска со кредитното барање зависи од видот и висината на кредитот, како и од организициската поставеност на процесот на кредитирање. Така, за помалите кредити (потрошувачки, микро кредити итн.), самите кредитни службеници имаат овластување да донесат одлука за прифаќање или одбивање на кредитот. Од друга страна, за поголемите кредити одлуката ја носи посебно тело (кредитен одбор), при што како што се зголемува висината на кредитот , така и одлучувањето се врши на повисoко хиерархиско ниво. Всушност, некои банки имаат повеќе кредитни одбори кои што одлучуваат за кредитните барања со различни износи. Така, во повисоките кредитни одбори членуваат главните раководители на банката и раководителите на кредитниот сектор. Значи, ако се работи за поголем кредит одлуката за негово одобрување ја носи кредитниот одбор. Оттука, кредитниот службеник треба да го образложи рефератот пред членовите на кредитниот одбор, бранејќи ја предлог-одлуката. Се разбира, членовите на овој одбор може да побараат дополнителни објаснувања за некои спорни или нејасни прашања. Во секој случај, ако кредитното барање е издржано, тоа ке биде прифатено, т.е. кредитниот одбор ке донесе конечна одлука за одобрување на кредитот. Врз таа основа, кредитната служба го известува клиентот и се пристапува кон подготвување на договор за кредит.[7] [8]

Склучување договор[уреди | уреди извор]

Договорот за одобрување кредит се склучува во писмена формa и треба да биде потпишан од овластени претставници на банката и должникот. Со договорот се регулираат најважните прашања во врска со одобрувањето, користењето и одплатата на кредитот. Во таа смисла, како вообичаени елементи на договорот се јавуваат следниве: назив на договорните страни, вид и намена и износ на кредитот, каматна стапка, провизии и други трошоци, рок и начин на отплата(еднократно или во ануитети), начин на користење (еднократно или во транши), инструменти на обезбедување, други обврски на договорните страни итн. Во однос на горните елементи, од особено значење е во договорот јасно да се наведат инструментите кои што служат за обезбедување на кредитот (згради, опрема, хартија од вредност итн.), како и постапката за нивно преземање од страна на банката во случај на неуредна отплата на кредитот. Исто така, треба јасно да се пропишат сите случаи што ке се сметаат како неуредна отплата на обврските , т.е. прекршување на договорот. Ова е многу важно од аспект на правото на банката да го искористи обезбедувањето на кредитот и да бара судска заштита. За таа цел, договорот за кредит содржни бројни одредби, кои што можат да се јават во два вида: потврдни (affirmative covenants) и одречни (negative covenants). Со првите одредби, од должникот се бара да преземе некои дејствија, како, на пример, периодично да доставува финансиски извештаи, да одржува одредена состојба на сметката итн. Од друга страна, со одречните одредби банката му забранува на должникот некои активности: дополнително да се задолжува, да продава делови од имот, да го менува врвното раководство, да прави статусни промени итн.[9] [10] [11]

Извршување на кредитот и документација[уреди | уреди извор]

По склучувањето на договорот банката му ги префрла паричните средства на должникот, при што искористувањето на кредитот се врши така, што должникот доставува соодветни документи (фактури, градежни ситуации итн.), а банката плаќа во корист на претпријатијата наведени во нив. На овој начин, банката врши дополнителна проверка на наменското користење на кредитот. Инаку, отплатата на кредитот најчесто се врши во повеќе рати (ануитети), кои што вклучуваат отплата на основниот долг и каматата. Временскиот распоред на отплатата на кредитот се нарекува план на амортизација и претставува составен дел на договорот за кредит. Вообичаено, неколку дена пред денот кога треба да се плати ануитетот, кредитниот службеник го известува должникот, а ако тој не го изврши плаќањето, банката ке го опомене. Ако должникот не плати два – три ануитети по ред, банката ке смета дека договорот е прекршен и ќе презема мерки за присилна наплата на кредитот. Се разбира, сите активности во процесот на кредитирање, од одобрувањето до затварањето на кредитот, треба да бидат поткрепени со соодветна документација. За таа цел, за секој клиент посебно, банката отвара кредитно досие (во хартиена или електронска форма), кое што содржи бројни податоци за клиентот и за кредитот како што се: дејноста, сопствениците, органите на управување, кредитното барање, финансиските извештаи за неколку години, инструментите за обезбедување, кредитната анализа, одлуката за (не)одобрувањето на кредитот, договорот за кредит итн.[12]

Следење на кредитите[уреди | уреди извор]

Процесот на кредитирање во некој случај не завршува со одобрувањето на кредитот, туку треба да продолжи и понатаму, до неговото конечно затворање. Тоа произлегува оттаму што по одобрувањето на кредитот може да настапат одредени околности кои што ке ја отежнат отплатата на кредитот. Оттука, следењето на кредитите претставува многу важна фаза во севкупниот кредитен процес. Целта на оваа функција е минимизирање на кредитниот ризик и намалување на кредитните загуби. Всушност, следењето на кредитите претставува еден вид рано предупредување за настаните кои што водат кон влошување на квалитетот на кредитното портфолио.[13] Следењето на кредитите претставува комбинација на внатрешната ревизија и дополнителна кредитна анализа, зашто со неа се проверува усогласеноста со законските прописи и кредитните политики и процедури, а истовремено се следат промените на финансиската состојба на должникот за време на кредитниот однос. Постапката за извршување на оваа функција треба да биде составен дел на политиката на банката, а таа треба да биде издвоена од службите што се вклучени во кредитната анализа и одобрувањето на кредитите. За цел, поголемите банки обично имаат посебна служба за следење на кредитите, која што е независна и непосредно е одоговорна пред кредитниот одбор или пред врвното раководство на банката. Во секој случај, независно од големината, секоја банка мора има посебнаистурена служба (front office) и заднинска служба (back office), со цел да се разграничат функциите на одобрувањето и следење на кредити.
Во зависност од карактерот на клиентот, односно дали редовно ја врши отплатата на кредитот или со задоцнување, следењето на кредитите може да биде:[14]

  • Редовно следење. Редовното следење се врши кај клиентите кои редовно ги плаќаат своите обврски, со цел да се провери состојбата на клиентот и да се оцена на евентуалните причини кои би влијаеле врз наплатата на кредитот во иднина. Овој тип на следење претставува добра деловна политика во која банката се грижи за своите клиенти, бидејќи таа ги оценува и потребите од дополнителни финансиски средства или други банкарски услуги.
  • Вонредно следење. Вонредното следење се однесува на проблематичните кредити, односно откако ќе се утврди дека должниците доцнат со отплатата на кредитите. Целта на овој тип на следење е да се обезбеди наплата на кредитите.


Следењето на кредитите се извршува периодично на случајно избран дел од кредитното портфолио (посебно за секој вид кредити). Притоа, почесто следење на кредитите се врши кај големите кредити, кај проблематичните кредити, како и во периодите на рецесија, кога вообичаено се влошува кредитното портфолио. Инаку, со следењето на кредитите се опфатени следниве аспекти: почитување на законските прописи, усогласеноста на кредитниот процес со кредитна политика, дали се запазени сите фази од процесот на кредитирање, дали кредитниот процес е уредно документиран, дали кредитот се користи наменски, дали должникот уредно ги плаќа своите обврски, состојбата на обезбедувањето (правниот статус, пазарната вредност итн.) итн. Се разбира, посебно место има следењето на промените на финансиската состојба на должникот (анализа на финансиските извештаи, состојба на неговата сметка во банката, обврските и побарувањата, залихите, пазарните трендови и економското окружување итн.). Исто така, оваа фаза на кредитниот процес опфаќа и редовни контакти и периодични посети на должникот со цел да се добијат целосно информации за неговата способност за редовна отплата на кредитот. [15]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.97.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 97-98.
  3. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 120.
  4. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.98-99.
  5. Stepanova, М., Lyn Thomas (2002), „Survival analysis methods for personal loan data“, Operations Research INFORMS Vol. 50, No.2, 2002, стр. 13-21.
  6. Peterlin, J. (2004), „Instrumenti za upravljanje financijskim rizicima (I. dio)“, Računovodstvo, revizija i financije, br. 2/2004, стр. 11.
  7. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.99.
  8. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 120-121.
  9. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 99-100.
  10. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 122.
  11. Hadžić, M. (2007), Bankarstvo, Univerzitet Singidunum, FFMO, Beograd, стр. 88-92.
  12. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.100
  13. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 122.
  14. J.L. Mester, I. L. Nakamura, and M. Renault, „Checking accounts and bank monitoring“, Working Paper, 99-02-C, Vol. 38, 2002, стр. 3-5.
  15. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 100-101.