Протести на плоштадот „Тјенанмен“ од 1989 година

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кина 1989 година, студентски протест на плоштадот Тјенанмен, фотографија од Јиржи Тондл

Протестите на плоштадот „Тјенанмен“ од 1989 година, познати и како Тјенанменски масакр, се серија од демонстрации предводени од студенти, интелектуалци и работнички активисти во Народна Република Кина помеѓу 15 април и 4 јуни 1989 година. Средиштето на демонстрациите беше плоштадот „Тјенанмен“ во Пекинг, но големи протести се случија и во други кинески градови, вклучително и во Шангај, но сите тие демонстрации завршија без насилство.

Повод за демонстрациите[уреди | уреди извор]

Повод за демонстрациите беше смртта на поранешниот генерален секретар на Комунистичката партија на Кина, Ху Јаобанг. Тој, поради своето залагање за демократизација во земјата во јануари 1987 година беше принуден да поднесе оставка на функцијата генерален секретар. Ненадејната смрт на Ху на 15 април 1989 година и неговиот закоп беа повод за организирање на студентите од универзитетите во Пекинг и барање партијата да го промени официјалниот став за него. Студентите не наидоа на разбирање околу тоа и набрзо ја проширија својата агенда, протестирајќи во прв ред против корупцијата и барајќи слобода на печатот. Наскоро на протестите на студентите и интелектуалците им се приклучија и градските работници кои беа погодени од пазарните реформи на Денг Сјаопинг.

Задушување на протестите[уреди | уреди извор]

На почетокот кинеското комунистичко раководство се надеваше дека демонстрациите ќе бидат краткотрајни и дека козметичките реформи и истраги ќе ги задоволат демонстрантите. Но откако тоа се покажа недоволно, на 20 мај владата прогласи вонредна состојба. Демонстрантите сè уште не отстапуваа. На 30 мај на „Тјенанмен“ тие поставија статуа на божицата на демократијата.

Задушувањето на протестите започна ноќта на 3 јуни и до рано изутрината кинеската војска успеа да ги истера демонстрантите од плоштадот. Акцијата на војската резултираше со многу убиени и повредени цивили. Бројот на жртвите се движи од 200-300 (според кинеската влада) до 2.000-3.000 (кинеските студентски организации и Кинескиот Црвен крст).

По задушувањето на демонстрациите, кинеската комунистичка власт спроведе масовни апсења на поддржувачите на демонстрациите, ги забрани странските медиуми и строго го контролираше покривањето на настаните од страна на кинеските медиуми. Членовите на Комунистичката партија кои јавно ги искажаа своите симпатии за протестите беа исклучени од партијата, а неколкумина истакнати членови беа ставени во домашен притвор. Многу работници беа групно судени и погубени, за разлика од студентите кои доаѓаа од релативно богати семејства и преку врски успеаја да се извлечат со поблаги казни.

Насилното задушување на протестите на „Тјенанмен“ предизвикаа широка меѓународна осуда.

За разлика од демонстрациите против владејачките комунистички партии во Источна Европа и СССР кои доведоа до нивен пад, преку задушувањето на протестите на „Тјенанмен“, комунистичката власт успеа да го одржи своето еднопартиско владеење со Кина.