Протести во 1968 година

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Протестите во 1968 година претставуваат ескалација на социјалните конфликти ширум светот, кое се случи во 1968 година и кое се карактеризираше со бунтови и протести против воените и бирократски елити, како во западните, така и во источните земји и во земјите во развој. Во протестите имало голем број уапсени и повредени демонстранти. Имало и убиени демонстранти. Се проценува дека загинале околу 240 демонстранти, од кои најмногу во Мексико, каде на протестот една недела пред почетокот на Летните олимписки игри, загинале најмналку 68 демонстранти.[1]

Почетокот[уреди | уреди извор]

По Втората светска војна, во повеќето земји настапи период на мир и просперитет и светот доживеа пораст на наталитетот. Децата родени во овој период растеа во поинакви услови од било кога претходно - телевизијата се појави во домовите, државното образование стана подостапно и, како резултат на тие промени, израсна генерација луѓе посвесни за себеси, со критички дух, поголема слобода на изразување и повисок степен на писменост.

Токму таа млада генерација луѓе во текот на 1960-тите години ги подигна брановите на социјални движења насекаде низ светот и ги оформи вредностите на наредната генерација, академска младина која во 1968 предизвика револуционерни бунтови и промени, отпочнати од студентите, помогнати од работичката класа.

Тоа беше период на граѓански бунтови и движења кои ја кренаа прашината околу граѓанските права и кои не се плашеа да се спротивстават на силите на полициските држави: движењето за граѓански права во САД, социјалистичките движења во Италија и Франција, левичарските движења во многу европски и северноамерикански држави, антивоеното движење во Велика Британија, борбата за Африканската независност, феминистичките движења, движењата против Студената војна...

Мај `68-ма во Франција[уреди | уреди извор]

Во текот на мај 1968 година во Франција се случи најмасовниот генерален штрајк што успеа да ја сопре економијата на една така развиена индустриска земја. Силите на студентите и на работниците се здружија во масовни бунтови, главно револтирани од модерното консумеристичко општество, критикувајќи го тоталитаризмот и западниот капитализам. Револтот на илјадниците кои протестираа речиси ја сруши владата на тогашниот претседател Шарл де Гол, и иако протестите не завршија во полза на протестирачите, сепак имаа огромно социјално влијание.

Настаните беа иницирани на 22 март, кога мала група од познати поети и музичари, како и 150 студенти ја окупираа административната зграда на Парискиот Универзитет на Нантер и таму одржаа состанок за решавање на класната дискриминација во француското општество и политичката бирократија која го контролираше образовното финансирање. Откако полицијата го опколи Универзитетот, студентите беа принудени да ја напуштат зградата, иако нивните барања не беа остварени.

После месеци на конфликти помеѓу властите и студентите од Парискиот Универзитет на Нантер, администрацијата го затвори Универзитетот на 2 мај 1968, а неколку дена подоцна и Универзитетот на Сорбона. На 6 мај, Државниот Студентски Сојуз (сè уште најголемиот студентски сојуз во Франција), заедно со Сојузот на универзитетски професори, повикаа на марш на протест против полициската инвазија на Сорбона. Над 20.000 студенти, професори и нивни поддржувачи маршираа кон Сорбона, каде најпосле маршот зазема насилни димензии, кога толпата ја нападна полицијата со камења од калдрмата. Полицијата возврати со солзавец и стотици студенти беа уапсени.

Наредниот ден средношколци и млади работници им се придружија пред Триумфалната Капија каде ги поставија следниве барања: да се ослободат уапсените студенти; полицијата да го напушти Универзитетот; и властите повторно да ги отворат Нантер и Сорбона. На 10 мај, толпата повторно се собра на левиот брег на Сена и повторно беше сопрена од полицијата. Конфликтот резултираше со стотици уапсени и повредени, а се ширеше и информацијата дека полицијата испратила т.н. „агенти-провокатори“ да го разгорат бунтот, палејќи автомобили и фрлајќи молотови коктели.

Групата на бунтовни студенти брзо ги придоби симпатиите на јавноста и набрзо голем дел од левичарските федерации им се приклучија во протестот. На 13 мај над милион луѓе маршираа низ Париз, а полицијата не можеше да ги сопре. Премиерот Жорж Помпиду најави ослободување на затворениците и повторно отворање на Сорбона.

Но тоа не ги задоволи студентите, туку само повеќе го разгори нивниот жар. Кога Сорбона се отвори, студентите ја окупираа и ја прогласија за „автономен народен универзитет“. Движењето беше организирано во над 400 комитети насекаде низ Париз.

Во наредните денови работниците, охрабрени од студентските протести, почнаа да ги окупираат фабриките. За неколку дена успеаја да окупираат околу 50 големи фабрики, а 200.000 работници беа излезени на штрајк. Таа бројка за помалку од една недела порасна на 10 милиони работници, или грубо – две третини од француската работна сила. Тие се залагаа за исполнување на работничките права и за повисока плата, а фабриките низ цела Франција не работеа цели две недели. 400 до 500 илјади луѓе маршираа низ Париз на 30 мај, пеејќи: „Збогум, де Гол!“.

Во текот на наредниот месец револуционерното чувство полека почна да слабее. Работниците се вратија во фабриките, иако многу од нив беа избркани од работа. Студентскиот сојуз ги отповика уличните демонстрации. Владата успеа да задуши многу левичарски организации, а полицијата повторно ја презеде Сорбона. Де Гол победи на изборите присилно одржани во јуни. Последните студентски демонстрации се одржаа на Денот на Бастиља, кога студенти со левичарски и анархистички убедувања одржаа протест на улиците на Париз. Париската полиција и безбедносните сили на државата брутално го задушија протестот, што резултираше со крвав исход – многу од студентите беа уапсени, а некои и тешко повредени. Меѓу повредените имаше и туристи кои дошле за празникот, што резултираше со остра критика од страна на соседните влади.

Настаните од Мај ‘68-ма не завршија успешно за демонстрантите кои протестираа, но огромните последици се почувствуваа во текот на наредните децении, кога конзервативната Франција, осврната кон религијата, патриотизмот, почитта кон властите, полека се претопи во либерална Франција, наклонета кон еднаквост на половите, сексуална слобода и човекови права.

Прашката пролет во Чехословачка[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Прашка пролет.

Прашката пролет е период на политичка либерализација во Чехословачка. Прашката пролет започнала на 5 јануари 1968 г. година, со доаѓањето на власт како Прв секретар на Комунистичката партија на ЧССР на реформистот Александар Дубчек, и траела до 21 август истата година кога Советскиот Сојуз и дел од сојузниците од Варшавскиот пакт извршиле инвазија врз Чехословачка и промена на политичкото раководство.

Реформите кои ги спроведувал Дубчек имале за цел да обезбедат „социјализам со човечки лик“, повеќе демократски права за граѓаните и делумна децентрализација на економијата. Меѓу реформите кои биле спроведени биле: поголемата слобода на медиумите, слобода на говорот и слободно движење и патување.

Реформите не биле прифатени од останатите комунистички земји, пред сѐ од СССР. Поради несогласувањето со нив, воените сили од неколку земји предводени од СССР извршиле инвазија врз Чехословачка, ги прекинале реформите и по кратко време воспоставиле нова власт која била целосно лојална на советскиот модел.

Мартовските настани во Полска[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 60-тите години од дваесеттиот век, комунистичката влада на Народна Република Полска иницира бран на антисемитизам како дел од т.н. „антиционистичка“ кампања, која служеше со цел да се одвлече јавното внимание од актуелната политичка криза и кое резултираше со масивна емиграција на Евреи од Полска. За преживеаните полски Евреи од Холокаустот животот назад во нивната родна земја стана неподнослив; нивните домови беа одземени, масивно ги губеа работните места и беа подложени на омраза, дискриминација, а неретко и физичко насилство.

Студентското движење во Полска, кое имаше либерална позадина и се залагаше за слобода на изразување на интелектуалците и уметниците, ги започна своите протести во јануари 1968 година, кога полската влада го забрани изведувањето на една претстава од Адам Мицкевич, под обвинение дека содржи антируски и антисоцијалистички елементи. Последниот пат кога претставата беше изведена, на 30 јануари, 300 студенти од Варшавскиот Универзитет и од Државниот Театар беа претепани со палки од страна на контра-протестирачи испратени од владата.

На 8 март група од околу 1.500 студенти изведоа марш на протест пред Варшавскиот Универзитет и повторно беа претепани со палки. Во следните четири дена, протестите се раширија низ десетина други градови во Полска. Општата јавност се приклучи на протестите во брутални пресметки помеѓу студентите и полицијата. Соочувајќи се со сериозен отпор, Комунистичката партија на Полска го етикетира студентскиот бунт како „ционистички“ за да го одвлече вниманието на јавноста и за да ја зајакне антисемитската омраза на народот. До крајот на април 1968 најмалку 2.725 луѓе беа уапсени поради учество во студентските протести.

Протестите во Југославија[уреди | уреди извор]

Студентските демонстрации во Белград

Во СФР Југославија најголемите протести се случуваа во Белград, додека помала раздвиженост на студентите имало и во Сараево, Загреб, Љубљана и Скопје. Протестите траеле од 2 до 9 јуни 1968 година. Барањата на студентите биле насочени против растечките злоупотреби на власта и неисполнувањето на социјалистичките принципи.

Во текот на 1960-тите години, во Југославија настапи своевидна економска криза како резултат на економската реформа на власта. Невработеност почна нагло да расте, фирмите да пропаѓаат, а многу од работниците иако вработени, со месеци не земаа плата. Граѓаните од сите републики масовно заминуваа на работа во странство, особено низ Европа, за да ја избегнат кризата во Југославија.

Непосредниот повод за изблик на наталоженото студентско незадоволство се случи на 2 јуни 1968, кога на студентите им беше забрането да присуствуваат на една приредба поради недоволно простор, кој им беше дозволен на бригадирите кои имаа предност за влез во халата. Оние кои останаа надвор почнаа да протестираат и наскоро дојде до физичка пресметка помеѓу студентите и бригадирите. Приредбата беше прекината и полицијата толку брутално делуваше, што студентите наскоро се свртеа против полициските сили. Наредниот ден неколку илјади студенти тргнаа на марш од Студентскиот град кон Белград. Началникот на белградската полиција издаде строги наредби студенти да не се пуштаат, но студентите не се откажуваа, па крајот доби крвави димензии. Имаше и повредени, еден студент бил погоден во двете нозе, друг во колкот, а ранета е и една студентка.[2]

Истата вечер на Филозофскиот факултет е одржан итен состанок и е донесена одлука за општ штрајк на Универзитетот и прекин на наставата. Седум дена, колку што траеше штрајкот, Универзитетот беше опколен со полиција, а студентите влегуваа и излегуваа само со индекс. Секојдневно се одржуваа трибини на кои професорите и студентите дискутираа за проблемите во општеството. Демонстрациите имаа изразена левичарска конотација. Белградскиот универзитет се преименува во „Црвен универзитет Карл Маркс“. Направен е список со студентски барања кои вклучуваа ослободување на уапсените студенти, слобода на говорот, смена на шефот на полицијата и укинување на економските реформи кои доведоа до невработеност и пораст на социјалните разлики.

На седмиот ден од демонстрациите претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, излезе на телевизија со говор, преку кој ги повика студентите да се повлечат од протестите и им вети исполнување на нивните барања. Голем дел од студентите му поверуваа и ги прекинаа протестите.

Демонстрантите скапо го платија повишувањето на својот глас. На поактивните студенти во протестите им беа одземени пасошите а некои завршија во затвор во следните години.[3] Исто така, дел од професорите кои го поддржаа протестот ги изгубија своите работни места.

Види исто така[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]