Протагора од Абдера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Протагора (Πρωταγόρας)
ПодрачјеСофизам
ШколаСофизам
Претежна дејност
јазик, говор

Меѓу софистите прво место зазема Протагора кој се смета и како основач на софистиката и хуманизмот.

Роден е во Абдера (481-411 г.п.н.е.). Патувал и предавал за пари насекаде по Хелада, Сицилија, Јужна Италија, но најмногу се задржал во Атина каде што имал најмногу клиенти.

Неговото учење се собира околу три главни проблеми:

  1. Човекот - мерило за сè.
  2. Дијалектика.
  3. Скептицизам и релативизам.

Протагора напишал повеќе дела, но само од едно, „Вистина“, останале неколку фрагменти. На почетокот од ова дело Протагора вели дека човекот е мерило на сè. До денес постојат спорни прашања за тоа што сакал Протагара со тоа да каже. Дали под човек тој мисли на субјект - поединец или пак тој збор има објективно значење, односно кога се спомне „човек“ се мисли на целиот човечки род. Земајќи ги предвид социјалните и политичките услови во кои живеел Протагора може да се тврди дека под поимот „човек“ тој мисли на целиот човечки род. Со тврдењето дека човекот е мерило на сите нешта, го воздигнува човекот над митологијата и традицијата, над боговите и религијата. Тој тврди дека човекот е мерило на се - и за своето мислење не му требаат никакви авторитети. Според тоа општествените установи и начела не се од божествено потекло, ниту по природа се такви, ниту вечни, туку се само општествен производ, па се е променливо и релативно.

Протагора е релативист - нема апсолутна вистина, таа е онаква каква што му се претставува на некој човек. Исто така Протагора е и сензуалист - сетилното познание ни ја дава вистината. Во него треба да се има целосна доверба. Како критериум, мерило на вистината се зема мнозинството, општата согласност.

Методот со кој докажува Протагора се нарекува антилогија. Тој метод се состоел во тоа што сите прашања се поставуваат во антитеза. Кога се прашуваме што е добро се прашуваме и што е зло, и на првото прашање не можеме да дадеме одговор додека не одговориме и на второто. Вистината на докажување се состои од два начина. Едниот е начин во тоа што прво ќе се наредат примери, а потоа ќе се изведе заклучок. Ако сакаме да докажеме дека нешто е добро, треба прво да ги наредеме примерите, кои го потврдуваат тоа и обратно. Вториот начин е наречен, сведување на апсурдно (reductio ad absurdum). Со него се докажува дека мислењето на противникот е неможно, а притоа нашиот став е вистинит. На пример, ако некој тврди дека болеста не е добра за луѓето, Протагора тврди дека таа е добра за лекарите, со што го отфрла тврдењето на противникот.

Во своите дела за религијата Протагора бил многу критичен. Кога го запрашале дали боговите постојат тој рекол дека на тоа прашање не може да даде одговор бидејќи прашањето не е јасно. Прво треба да се одговори на прашањето што е бог. Доколку одговориме дека бог е нешто натприродно, тогаш тоа е неопределено и збунливо. Исто така вели дека човечкиот живот е краток за да се расправа едно вакво големо прашање. Поради ваквиот став Протагора бил осуден на смрт, а неговото дело го запалиле.

Протагора од Абдера бил најславен софист. Неговата ораторска моќ ги фасцинирала слушателите кои под нејзиното дејство биле како маѓепсани. Имал многу ученици и заработувал големо богатство. Според него, човекот е мера на сите нешта, за постојните дека постојат, а за непостојните дека не постојат. Протагора вистината ја ставил во зависност од човекот. Тој е релативист. Нема апсолутна вистина, таа е онаква каква му се претставувала на оној или овој човек. Протагора сметал дека во нашите определби за или против едно тврдење треба да се управуваме според мислењето на мнозинството луѓе, значи критериум (мерило) на вистината треба да биде општа согласност.