Прејди на содржината

Проповед во Ареопагот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Апостол Павле проповеда во Ароеопагот во Атина (1515) од Рафаело Санти.
Плоча со проповедта на Ареопагот во Атина.

Проповед на Ареопаготпроповед на Апостол Павле одржана во Ареопагот на Атина посведочена во библиската книга „Дела на светите апостоли“ (Дела 17, 16–34).[1][2] Оваа проповед е најдраматичниот и најраскажуван говор во мисионерската дејност на Апостол Павле, проследен со пократко обраќање во Листра запишано во Дела 14,15–17.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Павле влегол во судир поради неговото проповедање во Солун и Бер (Верија) во Македонија, па бил однесен во Атина како побезбедно место. Според Делата на светите апостоли, додека чекал да дојдат неговите придружници Сила и Тимотеј, Павле бил растроен кога ја видел Атина полна со идоли. Коментаторот Џон Гил забележал:

бил вознемирен во душата и срцето му било ожалостено, …бил до крајност раздразнет и испровоциран: го обзел вистински занос; срцето му се вжарило во него; во коските му горел оган, и бил изморен од воздржување, па веќе не можел да издржи; го обзела ревност што барала излез — и тој ѝ дал издив.[4]

Павле ги посетувал синагогата и Агората (грчки: ἐν τῇ ἀγορᾷ, „пазариште“) на повеќе наврати („секојдневно“),[5] проповедајќи за Исусовото воскресение.

Неговите излагања наишле на збунетост и чудење кај некои епикурејци и стоици, како и други филозофски наклонети граѓани. Потоа го одвеле во Ареопагот, вишиот суд во Атина, за да ги образложи. Ареопагот во превод значи карпа на Арес и бил центар на храмовите, културните собиралишта и вишиот суд. Роберт Пол Сесенгуд претпоставува дека проповедањето на туѓи божества во Атина било незаконско, што значи дека Павловата проповед би била комбинација од гостинско предавање и судење.[6]

Проповедта има пет главни теми:[3]

  • Вовед: Расправа за незнаењето во паганското обожување (стихови 23–24)
  • Предмет на обожување е единствениот Творец (25–26)
  • Врската помеѓу Бог и човештвото (26–27)
  • Идолите од злато, сребро и камен се предмети на лажно обожување (28–29)
  • Заклучок: Време е да му се стави крај на ова незнаење (30–31)

Оваа проповед е почеток на обидите за објаснување на природата на Христос и првичен чекор во развојот на христологијата.[1]

Павле го почнува своето обраќање нагласувајќи ја потребата да се спознае Бог, наместо да се обожува непознатото:

„Зашто, кога минував и ги разгледував вашите светилишта, најдов и жрт­ве­ник, на кој беше напишано: ’На непознатиот Бог.‘ Токму за Него, Кого вие Го почитувате без да Го знаете, јас ви проповедам..“

Зевс и Христос

[уреди | уреди извор]

Во проповедта Павле цитира извесни старогрчки филозофи и поети, поконкретно во Дела 17,28. Алудира на извадоци од Епименид[7] и од дидактичарот Арат или филозофот Клеант.

Од Арат (поет образуван во духот на стоичката филозофија) за споредба ја позајмува поемата Појави 5, велејќи дека луѓето навистина се чеда на „Зевс“ (Творецот според стоиците и другите филозофски школи) но за тие да го запознаат лично, прво ќе мора да го следат учењето на неговиот син Исус Христос, отелотвореното Слово (Логос).[8]

Потоа Павле ги образложил концептите за воскресението на мртвите и спасението, со што удрил темел на понатамошните расправи во христологијата.

По оваа проповед Павле се стекнал со низа следбеници. Меѓу нив била жената по име Дамара и Дионисиј, член на Ареопагот.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1 2 McGrath, Alister E. (2006). Christianity: an introduction. Wiley. стр. 137–41. ISBN 1-4051-0901-7..
  2. Schnelle, Udo (Nov 1, 2009). Theology of the New Testament. Baker Academic. стр. 477. ISBN 978-0-80103604-0..
  3. 1 2 Mills, Watson E. (2003). Mercer Commentary on the New Testament. Mercer University Press. стр. 1109–10. ISBN 0-86554-864-1..
  4. Gill, John. „Gill's Exposition of the Entire Bible“. Bible hub. Посетено на 28 септември 2015.
  5. Дела 17,17
  6. Seesengood, Robert Paul (2010). Paul: A Brief History. Wiley-Blackwell. стр. 120. ISBN 978-1-4051-7890-7.
  7. Harris, J. Rendel. "A Further Note on the Cretans", Expositor Apr. 1907, 332–337
  8. https://spindleworks.com/library/rfaber/aratus.htm