Проколнатите кралеви

Од Википедија — слободната енциклопедија
Проколнатите кралеви
Податотека:Le roi de fer-Maurice Druon (1955).jpg
Железниот крал (1955)
француската корица
  • Железниот крал (1955)
  • Задавената кралица (1955)
  • Отровот на круната (1956)
  • Законот на мажите (1957)
  • Француската волчица (1959)
  • Лилјанот и лавот (1960)
  • Кога кралот ја губи Франција (1977)
АвторМорис Дрион
Земја на потеклоФранција
ЖанрИсториски роман
Издаден1955–1977

Проколнатите кралеви (француски: Les Rois maudits) — серијал на историски романи напишани од Морис Дрион. Седумте романи од серијалот се издавани во интервали од 1955 до 1977 година. Тие го имаат следниов редослед: Железниот крал (1955), Задавената кралица (1955), Отровот на круната (1956), Законот на мажите (1957), Француската волчица (1959), Лилјанот и лавот (1960), а седумнаесет години подоцна и Кога кралот ја губи Франција (1977).

Приказната го следи подемот и падот на француската Капетинска династија. Дрион бил инспириран од легендата за запалувањето на Жак де Моле, последниот големиот мајстор на темпларите, кој како што умирал фрлил проклетство врз тогашниот крал Филип Убавиот, Папата Климент V и кралскиот законодавец Гијом де Ногаре и нивните семејства сè до тринаесеттата генерација. Не постојат историски докази за проклетсвото, но Дрион дознава за оваа легенда преку италијанскиот хроничар Паоло Емилио.

Романите раскажуваат за дворски интриги во борбата за францускиот престол, а истовремено го прикажуваат феудалниот систем на средниот век и зајакнувањето на Франција како кралство и подоцна држава. Овие романи доживуваат растечка популарност, откако американскиот писател Џорџ Р. Р. Мартин ги наведува како главна инспирација за серијалот романи Песна за мраз и оган.[1]

Заплет[уреди | уреди извор]

Во екот на своето владеење кралот Филип IV, познат како „убавиот“, ја запечатува моќта на капетинската династија на францускиот престол. Сакајќи да ја зајакне својата моќ тој го поништува редот на Темпларите и го пали жив големиот мајстор Жак де Моле, кој умирајќи го проколнува кралското семејство. Романите ја раскажуваат крволочната борба за престолот помеѓу наследниците на Филип, што води до прочуената стогодишна војна.

Ликови[уреди | уреди извор]

Грбот на Француското Царство.

Најголем дел од ликовите во романот се дел од капетинската династија на француски кралеви. Поради промената на кралеви во романите во овој дел ќе бидат наведени ликовите онака како што се појавуваат во првиот роман, Железниот крал. Главниот лик е кралот на Франција, Филип IV Убавиот, кој има три синови, наследници на престолот: Луј X Кавгаџијата, Филип V Високиот, Шарл IV Убавиот. Тројцата се веќе венчани со: Маргарита Бургундска, Јована II Бургундска и Бланка Бургундска. Кралот Филип има само една ќерка, Изабела, која е омажена со англискиот крал Едвард II. Изабела со помош на Роберт II д'Артоа, моќен француски гроф, се обидува да влијае на настаните во својата родна Франција.

Споредните ликови се на некој начин поврзани со кралското семејство. Левата и десната рака на кралот Филип, се Гијом де Ногаре, чуварот на кралскиот печат и Ангеран де Марињи, задолжен за финансиите. Витешкиот ред на Темпларите игра клучна улога во приказната, претставен преку ликовите на големиот мајстор Жак де Моле и неговиот помошник, темпларот Жофроа де Шарне. Браќата на кралот играат клучна улога во борбата за престолот: Шарл де Валоа и Луј д'Евре. Покрај низата ликови кои работат како слуги, штитоносци, банкари и уметници во кралскиот двор, особено битни се италијанските трговци и банкари Толомеи од Ломбардија, особено главата на семејството, Спинело Толомеи и неговиот внук и наследник Гучио, едни од ретките ликови во романот кои се измислени или се мешавина од неколку постоечки историски ликови.

Ликовите се во постојана интеракција со другите кралски семејства од Европа. Така, покрај англискиот крал, се појавува и неговиот полубрат Едмунд, а во подоцните романи и синот на Изабела и Едвард, наследникот на англискиот престол, Едвард III. Најстариот син на Филип, Луј, решава да се разведе од жена си, па се венча со унгарската принцеза Клеменција Унгарска. Конечно битна улога игра и грофицата Мао д'Артоа, која се бори со својот внук Роберт да го задржи замокот Артоа.

Романи[уреди | уреди извор]

Железниот крал[уреди | уреди извор]

Запалување на Темпларите.

Кралот Филип IV, познат како Убавиот, владее со железна тупаница. Се вели дека во негово време, „Франција била среќна, но Французите несреќни“. Во екот на своето владеење Филип ги ликвидира сите оние кои му се попречуваат до престолот. На почетокот на романот Филип решава да го уништи во целост витешкиот ред на Темпларите, кој преку крстоносните војни прераснал во моќна економска сила. Филип решава јавно да ги запали преостанатите темплари, но во мигот на палење, Жак де Моле, големиот мајстор на Темпларите, изречува проклетство: целото кралско семејство да страда сè до тринаесеттата генерација. Филип, кратко ужива во апсолутната моќ, кога проклетството почнува да се исполнува.

Кралицата Изабела, позната како „француската волчица“, седи осамена на англискиот престол, во тага по својата татковина. Нејзиниот сопруг Едвард II не се ни обидува да ја сокрие својата хомосексуалност, што ја разлутува Изабела. Таа со помош на грофот Артоа, решава да ја изнесе на виделина тајната на нејзините три снаи. Имено, жените на тројцата синови на Филип, бесрамно имаат љубовници со кои се гледаат во кулата Нел. Особена заостреност се јавува помеѓу Изабела, русокосата студена убавица и Маргарита, црнокоската огнена наследничка на престолот.

Задавената кралица[уреди | уреди извор]

Филип IV е мртов, а Франција го чека својот нов крал: Луј Х Кавгаџијата. Капетинската династија почнува да ги покажува пукантините, така што како волци сите се борат за францускиот престол. Трите француски принцези се затворени и осудени на доживотно робје, па кралот мора да се разведе од манипулативната Маргарита. Неговиот вујко Шарл де Валоа ја носи унгарската принцеза Келеменција како идна кралица на Франција. Маргарита истовремено се труди од својот затвор да не дозволи да биде заменета од унгарската принцеза. Во текот на романот илустриран е подемот и падот на Луј Х, кој поради нестабилниот карактер не може да ја одржи власта. Шарл де Валоа и Ангеран де Марињи решаваат да си ги одмерат силите, растргнувајќи го Луј, а со него и Франција на сите страни.

Насловот на романот се однесува на Маргарита Бургундска која покрај сите напори да остане во живот, е убиена во кулата во која е затворена. Овој настан е историски непотврден, но некои докази укажуваат дека некои од луѓето на кралот пратил убиец кој ја задавил кралицата на Франција, а со тоа отворил патот за брак помеѓу Франција и Унгарија.

Отровот на круната[уреди | уреди извор]

Дејството на романот следи една година, почнувајќи од 1 јуни, 1315, а завршува на 5 јуни, 1316. Луј е конечно разведен од „задавената кралица“, а Изабела среќна што нејзиниот најголем соперник е поразен. Иако Луј конечно го добива она по што копнее во минатиот роман, набргу го сфаќа отровот на круната. Сите ликови се грабаат по моќта, а Луј е ставен во средина, осамен и полуден. Во меѓувреме се случуваат неколку нешта кои ќе имаат големи последици во понатамошните романи. Младио банкар Гучио се заљубува во млада селанка и со која тајно се венча, а која негово незнаење забременува. Едновремено, борбата помеѓу Роберт и Мао продолжува, а Луј е впрегнат да биде на страната на Роберт што ја разлутува старата Мао. Поради ова таа решава да го отруе, оставајќи ја Франција повторно без крал и во уште поголема сиромаштија.

Законот на мажите[уреди | уреди извор]

Дејството на романот покрива само шест месеци од историјата на Франција. Крволочниот Шарл де Валоа не се откажува од борбата за престолот, со двајца кралеви мртви, му останува да се бори против новиот наследник - Филип V. За разлика од неговиот постар брат и кралски претходник, Луј, Филип покажува воинствена мудрост, студиозност и правичност. Тој ја доведува Франција во ред, но е растргнат од кардиналите за време на папската конклава, во Лион, каде по негова желба успева да го избере Јован XXII за новиот папа. Сите нешта укажуваат дека Филип V е вистинскиот наследник на Филип Убавиот, кој владее еднакво добро колку татко му.

Француската волчица[уреди | уреди извор]

Враќањето на Изабела и идниот Едвард III во Англија.

Овој роман покрива подолг временски период почнувајќи во 1323, а сè до 1327. Како што укажува насловот, овој пат нагласокот е на единствената ќерка на Филип Убавиот, Изабела. Иако кралица на Англија, таа се соочува со големи финансиски и психолошки проблеми. Нејзиниот маж, кралот на Англија, Едвард II, целосно му се посветува на неговиот љубовник Хју Деспенсер. Разгневена и повредена, Изабела се поврзува со протераниот Роџер Мортимер, кој во 1322 година бил затворен во Лондонската кула поради учество во бунтот против Едвард II. Тој подоцна успеал да побегне во Франција заедно со Изабела, сега неговата љубовничка. Во 1326 година, Изабела заедно со Мортимер ја напаѓаат Англија. Едвард нема голема поддршка за војната, па е принуден да побегне од Лондон, а набргу Диспенсер е погубен. По само неколку недели бил заробен и самиот крал. Изабела во целост ја зграбува моќта на англиската круна и заедно со Мортимер владеат преку младиот Едвард III.

Лилјанот и лавот[уреди | уреди извор]

Во овој том дејството покрива најголем временски период, отпрвин од 1328 до 1342, а потоа од 1354 до 1361. Капетинската династија на кралеви речиси не постои, бидејќи сите тројца престолонаследници се мртви. Луј отруен, Филип и Шарл од болест. Изабела е единствената преживеана, која владее на англискиот престол. Нејзиниот син, кралот Едвард е можен наследник на Франција, но францускиот народ не прифаќа англиски крал. Следствено, синот на Шарл де Валоа, Филип VI Валоа, го наследува престолот, како најблизок машки наследник. Во Англија се случува пресврт, кога веќе пораснатиот Едвард го убива Мортимер, а ја протерува Изабела. Филип на францускиот престол, а Едвард на англискиот, со бурно и крваво минато зад нив ја отпочнуваат стогодишната војна помеѓу Франција и Англија. Читателот е оставен да размисли дали проклетството на Жак де Моле е во целост исполнето.

Прием[уреди | уреди извор]

Со зборовите на Џон Личфилд, француски кореспондент за англискиот весник The Independent, истовремено пријател на Дрион, „Проколнатите кралеви беше напишана за да брзо заработи пари ... [Дрион] самиот тој не беше многу горд на книгава."[2] Сепак серијалот е „популарен и критички признаен“,[3] вброен помеѓу најдобрите дела на Дрион.[2][3][4][5][6] Личфилд вели:

Проколнатите кралеви е едно од ретките дела на современата западна книжевност кое беше објавено на руски во Советскиот Сојуз во 60-ите години. Значи, веселиот, традиционален Морис Дрион, а не досадниот и радикален Жан-Пол Сартр или Албер Ками, стана гласот на Франција за руските библиофили, меѓу кои и младиот Владимир Путин. Кога Путин стана претседател на Русија, тој отпочна невообичаено пријателство со неговиот книжевен јунак.[5]

Американскиот романописец, Џорџ Р. Р. Мартин го нарекува авторот „најдобриот француски романописец на историски романи после Александар Дима, таткото“.[7] Мартин ги нарекува Проколнатите кралеви „оригиналната игра на тронови“, велејќи дека овие романи се главната инспирација на серијалот Песна за мраз и оган, кој е пошироко познат како телевизиската серија Игра на тронови.[2][7][8][9] Издавчката куќа која ги издава романите на Мартин, одново почна да ги издава и романите на Дрион во 2013 година,[2][7] каде самиот Мартин има напишано предговор:[2][8][9]

Во Проколнатите кралеви има се. Железни кралеви и задавени кралици, битки и предавства, лаги и похота, измама, семејни соперништва, клетвата на Темпларите, бебиња сменети на раѓање, волчици, гревови, мечеви и падот на една голема династија … и сето ова (или барем голем дел од ова) доаѓа од страниците на историјата. Верувајте ми, Старкови и Ланистерови не им можат ништо на Капетите и Плантагенетите.[1][7]

Новинарот Алан Мејси од The Wall Street Journal, го пофалува „темелното истражување, длабочината на разбирањето и популарниот допир“ на Дрион, забележувајќи дека „Дрионовата замисла на средновековниот Париз е толку живописна што може да стои рамо до рамо со еден од најдобрите француски средновековни романи, Богородичната црква во Париз на Виктор Иго".[10] Мејси додава:

Има претек на убиства во овие книги—една кралица е задавена, еден крал отруен, а друг е убиен додека е уште бебе. Има крвопролевање, завери и граѓанска војна. Има способни, но бескруполозни луѓе и нема страна без драматична сцена ... Ликовите се впечатливи, но малку се за почит. Веројатно еден лик кој е допадлив е младиот банкар Гучио—а банкарите се важни фигури во романите, затоа што Дрион не ни дозволува да заборавиме дека во неговиот свет на кралеви, барони и витези, парите владеат, парите ги подмачкуваат запчениците на политиката и војната ... Романите не се препорачливи за слабокрвните, но оние со силни нерви би уживале во нив. Малку книжевни ликови се ужасни колку грофицата Мао, убијца и крунисувач на кралеви.[10]

The Sunday Times го нарекуваат првиот роман од серијалот „драматичен и разнобоен колку еден роман на Дима, но закржлавен поради историската точност и политичката критика“ и „приказна со интриги, убиства, корупција и страст од која ќе ви зоврие крвта“.[11] The Times Literary Supplement го опишува како „барбарски, сензуален, полн со живот, заснован на читаност и проверена академска работа ... меѓу најдобрите историски романи".[11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Druon, Maurice (26 March 2013). „Foreword by George R. R. Martin“. The Iron King. HarperCollins. ISBN 0007491255.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Milne.
  3. 3,0 3,1 Weber, Bruce (15 April 2009). „Maurice Druon, Prolific Writer, Dies at 90“. The New York Times. Посетено на 5 July 2015.
  4. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Jackson.
  5. 5,0 5,1 Lichfield, John (20 April 2009). „Maurice Druon: Writer and pugnacious defender of the French language“. The Independent. Посетено на 5 July 2015.
  6. „Gaullist Minister Wrote Popular Anthem“. The Washington Post. 16 April 2009. Посетено на 5 July 2015.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Martin.
  8. 8,0 8,1 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Foreword 12.
  9. 9,0 9,1 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Kamin.
  10. 10,0 10,1 Massie, Allan (27 March 2015). „The Original Game of Thrones. The Wall Street Journal. Посетено на 5 July 2015.
  11. 11,0 11,1 „Critical Praise: The Accursed Kings Series Books 1-3“. HarperCollins. 8 January 2015. Посетено на 7 August 2015.