Прејди на содржината

Проклета авлија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Проклета авлија
корица на книгата
АвторИво Андриќ
ЗемјаБосна и Херцеговина
Јазиксрпско-хрватски
Жанрреалистички роман, историска хроника
Издадена
1954
Медиумпечатено издание
Страници98

„Проклета авлија“ е новела на југословенскиот писател и нобеловец Иво Андриќ од 1954 година.[1] Книгата претставува т.н. „роман во рамка“, а жанровски припаѓа во категоријата историска хроника, бидејќи дејството временски е сместено во XIX век. Структурно е составен од осум глави, а местото каде се случува заплетот е еден затвор во Цариград. Главните ликови кои ја градат наративната целина се фра-Петар, затворскиот управник Латиф-ага (попознат како Караѓоз), младиот Ќамил, и останатите споредни ликови како Хаим, Заим итн. Раскажувачот е сезнаечки, а раскажува по принципот на „веќе чуено“.

Рамка на романот

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од осум глави. Тој започнува со погребот на Фра-Петар, прикажувајќи ја смртта како негација на животот. Во продолжение е даден осврт на престојот на фратарот во цариградската зандана. Раскажувачот дава панорамска слика на затворскиот двор и на неговите „жители“. Таму се наоѓаат луѓе со различни профили, од разни професии и национална припадност, кои го споделуваат секојдневието.[2]

Караѓоз

Тој е доста контрадикторен лик за чија судбина дознаваме преку ретроспективниот приказ на неговата младост. По директива бил поставен за управник на затворот, како неговиот татко би го спречил да тргне по криминалните патишта. Се идентификувал со својата професија, па во очите на неговите претпоставени станал „единствениот вистински човек за тоа место“. Бил сметан за доволно способен да се справи со затворениците, а потврда за овој исказ е случката кога тој успеал да извлече големи пари од богатото ерменско семејство кое тогаш се наоѓало во затворот.

Ќамил

Младиот и образован Турчин е вториот централен лик во делото. Во проклетата авлија се нашол не поради некакво недело, туку поради неоправданиот сомнеж на властите дека тој кроел државен заговор. По природа бил повлечен и молчалив, но од неговите разговори со фра-Петар го откриваме неговиот интелектуален карактер. Имал несреќно детство, а целата негова младост и ја посветил на науката и историјата. Поле на неговиот научен интерес бил животот на Џем-султан, братот на османлискиот владетел Бајазит I. Самиот се препознал во ликот на прогонетиот султанов брат, бидејќи и двајцата биле отфрлени и несфатени од општеството.

фра-Петар

Црковното лице иако е еден од раскажувачите во романот, не зазема значајно место во романескниот заплет. Тој бил фратар (монах) од хрватско потекло, кој умеел доста занимливо и впечатливо да раскажува. За време на неговиот престој во Истанбул дошол во ситно недоразбирање со тамошната полиција, па така завршил во затворот. Таму се запознал со цела галерија ликови од кои секој го носел сопственото бреме и товарот на судбината.

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Во „Проклета авлија“ се забележува присуството на еден вид роман сместен на мал простор. Исто како неговите најдобри раскази, и таа претставува поетична визија, легенда и жива стварност, сон и јаве. Во новелата е прикажана поезијата на трагичноста на човечкиот живот и на судбината, а таа е длабоко спиритуална, со релјефно насликан амбиент во кој поетски се издигнува ликот на младиот фантаст Ќамил. Главниот лик останува осамен во својот сон, заробен во мрачната и грда проклета авлија во која беснеат стравот, омразата и злото.[3]

Се верува дека со овој роман Андриќ ја критикува бездушноста и неукоста на државната администрација. Ја портретира хаотичната состојба во која се наоѓала една голема империја пред распад, каде вредносниот систем бил целосно изместен. Преку јатките на криминалот, незнаењето и судбинскиот пресврт, авторот темелно ја гради темата за егзистенцијалната неизвеснот на човекот.[4]

Како и во останатите негови дела, така и во ова е присутен дуализмот, изразен низ борбата меѓу доброто и злото, животот и апсурдот, а претставени низ добрината и невиноста на фра-Петар и Чамил, од една страна, и суровоста и неправдата на Караѓоз, од друга страна. Исто така, и во ова дело, Андриќ го обработува проблемот на вината. Во таа смисла, Караѓоз вели: „Нека само никој не ми рече за некого: невин е. Само тоа не. Зашто овде невини нема... Јас ги знам луѓето — виновни се сите...“ За Андриќ, вината е апсолутна, како и апсурдот и тие меѓусебно се надополнуваат. Светот на Андриќ е свет „без прозорци“ чии видици се затворени и кој со својата апсурдност ја предвестува апсурдноста на сè.[5]

Изданија на македонски јазик

[уреди | уреди извор]

Во 1974 година, делото е објавено од издавачката куќа Македонска книга, како дел од библиотеката „Атлас“, а во превод на Драгица и Георги Старделови. Нацртот на корицата е дело на Коста Бојаџиевски, а коректурата ја извршила Катерина Тошева. Книгата, со обем од 109 страници, била испечатена во печатницата „Просвета“ во Куманово, во април 1974 година, а во тираж од 5 000 примероци. Таа не е каталогизирана.[6]

Во 1985 година, новелата била објавена како заедничко издание на Мисла и на Македонска книга.[7]

  1. „Проклета авлија“ од Тримакс
  2. Учебник по македонски јазик за година IV, стр. 233.
  3. Velibor Gligorić, „Beleška o piscu“, во: Ivo Andrić, Priča o vezirovom slonu. Beograd: Rad, 1962, стр. 167-168.
  4. Óscar Mascarenhas. O pátio maldito Архивирано на 3 март 2016 г.. Jornal do Fundão. Acessado em 14/03/2007
  5. Георги Старделов, „Меѓу доброто и злото, животот и апсурдот“, во: Иво Андриќ, Проклета авлија. Скопје: Македонска книга, 1974, стр. 101-108.
  6. Иво Андриќ, Проклета авлија. Скопје: Македонска книга, 1974.
  7. Иво Андриќ, Проклета авлија. Скопје: Мисла и Македонска книга, 1985.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]